Како се зголемува интензитетот на популистичките политики, така капиталните расходи се намалуваат
Објавено во: Економија 15 Август, 2016 07:50
Во јуни преку ставката капитални трошоци се потрошиле 14,2 милиони евра, што од почетокот на годината, заедно со јануари, јуни е еден од послабите инвестициски месеци. Според податоците од месечниот Извештај за реализација на Буџетот, првата половина од годинава заврши со реализација на капиталните расходи на ниво од 99,8 милиони евра, што претставува само 27,2% во однос на проекцијата зацртана во ребалансот на Буџетот 2016 година.
Капитални расходи, Буџет 2016
Јануари-јуни 99 853 658 евра
Проекција 2016 366 666 666 евра
Реализација 27,2%
За оваа слаба реализација на капиталните расходи, кои се носечки за развојната компонента на Буџетот, според креаторот на економските политики, виновна е политичката криза.
“Капиталните расходи во период јануари-јуни 2016 година се реализираа во износ од 6.141 милиони денари. Во овој период од годината послабата реализација на капиталните расходи воглавно се должи на законските ограничувања кои постојат во предизборни периоди. Во рамките на реализираните средства навремено се исплаќаа доспеаните обврски за сите инфраструктурни проекти, како доизградбата на автопатот-Коридор 10, инвестиции во реконструкција и доизградба на железничката инфраструктура, проекти за подобрување на инфраструктурата во образованието, здравството, комуналната инфраструктура, преку изградба на училишта, спортски сали, 7 игралишта, водоводи и канализации, како и реконструкција на здравствени објекти“ – се наведува во Ребаланс на Буџетот 2016 година.
Со усвоениот ребаланс на Буџетот, Владата посегна по кратење токму кај оваа ставка, додека од друга страна ги зголеми расходите за социјални транфери и за плати и надместоци, а се зголеми и ставката за отплата на камати по основ на долгови.
Со ребалансираниот Буџет, Владата најави повлекување на кредитни средства за исплата на обврски произлезени од изградбата на Коридорот 10 па така, во буџетот се наведува:
“Обезбедување на дополнително повлекување на кредитните средства за навремена исплата на обврските кои произлегуваат од интензивната градба на Коридорот 10“.
Повеќе пари ќе има за проектот гасификација, но во исто време ги намали средствата на пример за изградба на хидросистемот Злетовица, потоа намалување има и кај капиталната ставка “Инвестиции во железничката инфраструктура“, за Слободните економски зони, за изградба на дел претходно планираните водоводни и канализациони мрежи како и за за реконструкција и доградба на објекти на Јавните здравствени установи.
Со ребаланс на Буџетот, годинава капиталните раходи се намалија на 366,6 милиони евра. Во првичниот Буџет, оваа ставка беше позиционирана на 412,1 милион евра и во однос на оваа проекција, реализацијата на капиталните расходи заклучно со првата половина од годинава изнесуваат 24,2%.
Можеби ќе ве интересира
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка




