Добивај вести на Viber
Менаџментот на „Макпетрол“ лани имал само една цел: компанијата годината да ја заврши со добивка! Успеал и тоа во услови на пад на приходите, раст за обврските спрема добавувачите и значајно намалување на залихите од почеток до крај на година. За поздравување е што успеал да го намали својот долг за 772 милиони денари. И на крај да оствари и добивка од 212.300 евра. Наспрема тоа фирмата ќерка ОИЛКО, која вози гориво до пумпите на „Макпетрол“ стигна до добивка која надмина 1 милион евра и е безмалку три пати поголема од 2014 година!
„Макпетрол“, најголемата македонска компанија што се занимава со малопродажба на нафтени деривати лани успеа да заврши со добивка од 212.300 евра. По три години загуби во работењето „Макпетрол“, според бројките од извештајот со многу заложби од менаџментот, успеа да стигне до позитива. Според официјалните неревидирани и неконсолидирани податоци оваа компанија успеа да оствари оперативна добивка од 81,7 милиони денари која се намали до 13,1 милиони денари заради негативниот сооднос меѓу финансиските расходи и финансиските приходи.
Лани најголемата компанија за малопродажба на нафта и нафтени деривати продолжи со трендот на намалување на приходите од продажба. Тие паднаа за 10 отсто во однос на 2014 година до ниво од 18,33 милијарди денари и се пониски за речиси 2 милијарди денари во споредба со приходите од продажба во претходната година. Дали во 2015 година цените на бензините и на нафтата паднаа за 20 отсто? Делумно да, се намалија, но во толкава мерка. Дали „Макпетрол“ ја губи својата пазарна позиција во споредба со неговите најголеми конкуренти особено „Лукоил“? Можеби. Извештајот ќе покаже колкав е обемот на продажба на горива. Особено во година во која паѓаат просечните малопродажни цени логично е да се очекува да расте конзумот во тони или во хектолитри или барем да остане на ланско ниво. Ако во 2015 година има пад на продажбата во количество тогаш тоа сигурно треба да ги загрижи акционерите.
Забележително од билансот на успех е тоа што во малку поголем обем паднале и расходите од работење на „Макпетрол“ што значи дека менаџментот антиципирал тренд на пад на приходите и соодветно реагирал на тоа. Кастрењето на трошоците и особено на трошоците за набавка на стоки е соодветно и за нијанса поголемо од падот на приходите. Тоа е база да се овозможи компанијата да дојде до позитивна нула, но само ако се анулира големата негативна разлика што ја создаваат финансиските расходи на „Макпетрол“ особено заради неговата кредитна изложеност и високите износи што компанијата ги плаќа за камати. Од бројките што се достапни за анализа може да се заклучи дека важен, а можеби и пресуден фактор за позитивниот резултат на компанијата на крајот на 2015 година може да се најде во соодносот на залихите. Споредувајќи го нивното ниво на почетокот на 2015 и на крајот на ланската година ќе се види дека залихите се намалени за 82,5 милиони денари ! Односно околу 1,34 милиони евра. И за споредба неговата оперативна добивка лани е 81,7 милиони денари.
Дали тоа што „Макпетрол“ само ги трошел и не ги надолонувал залихите влијаело на тоа компанијата на расходната страна немала дополнителен трошок? Веројатно да. Дали е ризик компанија што има висока кредитна изложеност да чува мала залиха особено ако може да има раст на берзанските цени на дериватите? Тоа треба си знае менаџментот на „Макпетрол“.
На другата страна во билансот на состојбата забележливо е дека „Макпетрол“ на крајот на 2015 година ги зголемил своите обврски кон добавувачите за 211 милиони денари до износ од 1,46 милијарди денари. Во минатата година можеби најпозитивно е тоа што „Макпетрол“ успеал да ги намали своите обврски по кредити за 30 отсто односно за 772 милиони денари до износ од 1,790 милијарди денари. Од тука веројатно и произлегува силното намалување на финансискиот расход лани до однос на 2014 година од 160,6 милиони денари на 128,4 милиони денари. Од друга страна пак паричниот тек исто така покажува тренд на раздолжување, но во помала мерка. Годинава „Макпетрол“ вратил кредити и камати 6,72 милијарди денари кредити, а се задолжил за нови 5,95 милијарди денари кредити. Реално според оваа ставка „Макпетрол“ го намалил својот долг за 770 милиони денари што секако е многу позитивен сигнал за оваа компанија.
Р.Ф.