Добивај вести на Viber
Работниците во приватниот сектор следните две години ќе земаат К-15, барем според договорот кој го направија Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија. Така, висината на регресот за годишен одмор т.н. К-15 треба да изнесува барем 40 проценти од просечната нето-плата по работник, која била исплатена последните три месеци.
Измената ќе влезе во Општиот колективен договор и ќе важи за приватниот сектор од областа на стопанството. Од синдикатот додаваат и дека износ на регрес може да се исплаќа и повисок од тој утврден во колективниот договор.
За регресот работодавачите нама да треба да плаќаат придонеси од плата и данок на добивка. Општиот колективен договор пак, ќе важи од почетокот на 2014 година па во следните две години. Од синдикатот се пофалија.
„На овој начин Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи покажа дека и во најтешките услови, врз основа на чувство за одговорност и обврска успева да ги реализира своите програмски цели и определби кои долг период не беа јасни“, изјави претседателот на ССМ, Живко Митревски.
За претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, пак Општиот колективен договор се менува само за да се прецизираат одредбите кои досега биле различно толкувани. Вели дека на овој начин, Општиот колективен договор станува јасен и разбирлив за сите.
„Голем ефект ќе биде тоа што ќе се намалат непожелните работнички спорови во кои губевме сите, и работниците и работодавачите“, смета Димитров.