Каков е Ефектот на субвенционираните странски директни инвестиции врз економијата?
Објавено во: Економија 25 Февруари, 2016 15:36
Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) на 25-ти Февруари 2016 година, Скопје, организираше Конференција на тема “Ефектот на субвенционираните странски директни инвестиции врз македонската економија”, во рамките на проектот “Влијанието на владините субвенции за странските директни инвестиции, наспроти нивниот ефект врз економскиот раст”.
Целта на Конференцијата беше да се изнесат јавни размислувања и заклучоци на релевантни говорници за странските директни инвестиции, со што би се помогнало во креирање подобри јавни политики во државата. Проектот е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Говорници на Конференцијата беа:Горан Мојаноски, претставник на ЗМАИ, Кире Наумов, дополнителен заменик Министер во Министерството за финансии, Игор Велевски, државен советник во Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, Саво Станковиќ, сопственик на Hi-Tech Corp, прва македонска инвестиција во ТИРЗ, Љупчо Зиков, сопственик на Капитал Медиа Груп и Сашо Арсов, редовен професор на Економски Факултет – Скопје од областа на инвестициите и економијата. Модератор на трибината беше Васко Попетрески.
На Конференцијата се изнесоа податоци за дел од сознанијата до кои дојде тимот на ЗМАИ во изминатиот период:
- За време на истражувањето, со помош на податоци од Централниот регистар на РМ, заклучно со декември 2014, анализирани се 9 компании корисници на државна помош од кои 7 од нив се сместени во ТИРЗ. Заклучно со декември 2014та година во овие компании бројот на вработени врз основа на часови на работа изнесува 9617 лица (3187 се вработени во 7 компании во ТИРЗ). Севкупно во Македонија по основ на нето исплатени плати и надоместоци од овие 9 компании се исплатени 1.863 028 280 денари или 30 290 680 евра во текот на 2014та година. Од 2009та до 2014та година овие компании имаат остварено 154,2 милиони евра добивка. Во периодот од 2009 до 2013та година 84 проценти од остварената нето добивка е акумулирана, 8 проценти е наменета за покривање на загуби и 8 проценти наменети за резерви.
- Во однос на ослободувањето на данокот на добивка и персоналниот данок кај 9 компании, се забележува константен пораст на сумата на ослободениот данок на добивка од 2009 до 2014та година, додека пак ослободувањето од персоналниот данок бележи раст до 2013, па во 2014та година се намалува. Севкупно во периодот од 2009та до 2014та година државата би инкасирала 22,6 милиони евра од наплата за овие даноци.
- Врз оваа основа на Доходовниот метод за учество во БДП на 9те СДИ е направена пресметка колкаво учество имаат субвенционираните странски директни инвестиции (СДИ) во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) и индустриските зони Жабени и Телот во БДП. Константен пораст во учеството на БДП забележуваме од 2009 до 2014та година, така што во 2014та овие компании имаат учество во БДП од 1.35%.
- Направена е анализа на квартални податоци за период од 2008-2015 (заклучно со трет квартал), затоа како странските инвестиции, домашните приватни инвестиции и државните инвестиции влијаат врз бруто домашниот производ (БДП). Оценката е направена со векторска авторегресија (VAR). Од оценката може да се заклучи дека еден денар странски инвестиции го зголемува БДП во истиот квартал за 0,2 денари, еден денар вложен од страна на домашните приватни инвеститори води до зголемување на БДП за 0,9 денари, додека еден денар вложен од страна на државата го зголемува БДП за 1,3 денари. Ефектот е статистички значаен, т.е. различен од нула, само во случајот на државните инвестиции. Ова значи дека државните пари што биле потрошени на привлекување на странски инвестиции би имале многу поголем ефект врз економскиот раст доколку биле потрошени на директни државни инвестиции. Сепак, од анализата може да се забележи и дека ефектите на сите три типа инвестиции се статистички незначајни, т.е. нула, во периодот што следува по инвестицијата и имаат влијание врз БДП само во периодот на инвестирање.
Кога се државните инвестиции во прашање, ова укажува дека тие се непродуктивни, односно не генерираат по вратна инвестицијата во периодот што следува по инвестиција т.е. немаат влијание на подолг рок.
- Направена е анализа на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија во период од 2009 до 2014 година со цел да се идентификуваат трошоците направени за привлекување на СДИ во технолошко индустриските развојни зони. Во анализата е земен билансот на расходи на Централен буџет по буџетски корисници, а како буџетски корисници кои издвојуваат дел од својот буџет за оваа намена се:
- - Владата на Р.Македонија во делот за расходи направени по основ на економска промоција и привлекување на СДИ и развој на слободните економски зони;
- - Дирекција за технолoшки индустриски развојни зони за расходи во делот економски развој, категорија технолошки индустриски развојни зони;
- - Агецијата за странски инвестиции и промоција на извозот во Р.Македонија за расходи по основ економска промоција.
Вкупните трошоци во 2009 година за привлекување на СДИ изнесувале 16.229 илјади евра и споредено со 2014 се зголемени за 45% и изнесуваат 23.455 илјади евра. Вкупните трошоци во период од 2009 до 2014 година изнесуваат 109.858 илјади евра.
Владата на РМ издвојува најмногу средства за оваа намена и учествува во просек со околу 54% во вкупно идентификуваните трошоци.
- Во претходниот период направена е проценка директните издатоци на државата за државната помош која е доделена на 11 (од кои за една е позната сумата) компании во ТИР зонитеврз основа член 4-а од став 1 до став 6 во законот за ТИРЗ и член 4 од Законот за контрола на државна помош и 3 компании во индустриските зони Жабени, Телот и Каласлари за 3те компании во индустустриските зони, ДРЖАВНАТА ПОМОШ им е доделена врз основа на член 4 од Законот за контрола на државна помош.. Исто така, направена е и проценка врз основа на член 8, став 3 одзаконотза ТИРЗ заучеството на помошта која државата им ја дава за изградба на градежен објект на 14 корисници во ТИР зоните. Севкупно проценетиот износ на државна помош и помошта во изградба на градежен објект се наоѓа во интервалот од 104,1 до 149 милиони евра.
- Економските презентации за време на роуд шоуата се еден од начините што Владата на РМ ги применува за привлекување на странски директни инвестиции во зоните во Р.Македонија во последните 5 години. Вкупно посетени се 31 земја, а остварени се вкупно 58 посети. Направена е анализа на квартални податоци за растот на инвестициите во Македонија од страна на земјите кои се посетени со т.н. роуд шоуа во период од 2011та до 2015та (заклучно со трет квартал). Бидејќи увозот и извозот на стоки е тесно врзан со странските инвестиции, оваа анализа во себе го опфати и кварталниот трговски биланс на Македонија со секоја земја која била посетена барем еднаш од страна на владиниот тим во периодот за кој е спроведено ова истражување.
Оценките добиени од регресијата покажуваат дека постојат статистички значајни показатели дека секоја дополнителна посета во просек и носи 3,25 милиони евра на Македонија во форма на инвестиции, додека секое зголемувањето на трговскиот биланс за 1 милион евра со земјите опфатени со анализата, на Македонија, во просек и носат скоро 102 илјади евра помалку странски инвестиции.
Од линковите подолу можат да се превземат брошурата во која се презентирани целокупните податоци од спроведеното истражување од страна на ЗМАИ во изминатиот период и дополнителнто истажување за спроведените роуд шоуа во период 2011-2015.
Можеби ќе ве интересира
Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба




