Каков ќе биде одговорот на Реџеп Таип Ердоган?
Објавено во: Балкан 05 Јуни, 2013
Турската берза за една година е порасната за скоро 50%. Ништо чудно со оглед на тоа дека земјата има една од најбрзо растечките светски економии во изминатава декада.
Кога во 2003 година премиерот Ердоган ја превзеде власта во државата, Турција не наликуваше на џинот кој денеска сите го знаат. Заглавена во долгови и рецесија, повеќе наликуваше на некоја голема балканска провинција која се тетерави во борбата за гол живот. Во времето на Ердоган Турција забележа просечен раст од 7,5% (внимавајте, човекот е на власт полни десет години) и Турција денеска е помеѓу дваесетте најголеми економии во светот. Инфлацијата како еден од најголемите проблеми во земјата е сведена на историски минимум од некаде 5%, а догодина земјата нема да има никакви аранжмани со ММФ. Последните 900 милиони долари ќе им бидат вратени оваа година и како што напишавме отпорано се знае дека нов договор нема да има. Кога Ердоган ја превзема власта земјата должеше близу 24 милијарди долари кон оваа финансиска институција. И како дополна на сето ова да кажеме дека земјата има невработеност од околу 8%, најниска во изминативе 10 години. Овие податоци, огромен број од членките на ЕУ може само да ги сонуваат. Сепак, во понеделникот индексот на берзата во Истанбул го забележа најголемиот дневен пад во изминатава декада. Во само еден ден компаниите просечно загубија 10% од својата вредност. Иако деновите потоа имавме опоравување сепак понеделникот покажа дека берзите, секогаш се крајно иритирани од настани кои отстапуваат од шаблонот на нормалното. А, ненормалното е, веќе погодувате....протестите на плоштадот Таксим. Според информациите протестите почнаа да се заштити еден парк на плоштадот, на чие место наводно треба да се изгради трговски центар. Протестите до денеска се проширија на 67 од вкупно 81 Турска провинција, во Истанбул на улица беа 100.000 луѓе, а полицијата има уапсено скоро 2.000 протестанти. И за жал веќе стигнуваат информаиции за загинати. Многу врева за дрва? Или Турците се фанатици за животна средина или тука има нешто друго. Нормално, јасно е дека поводот можеби беа дрвата, но се чини дека ова беше иницијална каписла за револтот кој се изли на улиците на Истанбул. Некои медиуми побрзаа револтот да го наречат Турска пролет, по принцип на револуциите кои се случија во Северна Африка, минатите години. Секако тоа е избрзана констатација. Турција е сосема цивилизирана демократија на која се одржуваат избори, за кои барем нема информации дека се попроблематични од било која нормална демократска земја. Впрочем, последните се одржаа пред две години и претседателот Ердоган доби ново мнозинство и мандат да ја води земјата нови четири години Еве и мапа на тие резултати. Како што гледате жолтата боја е бојата на партијата на Ердоган и таа доминира низ цела Турција. Интересно втората партија, Републиканската (инаку ова е партијата на Кемал Ататурк) има мнозинство во западните делови на земјата. Во Истамбул најмногу гласови освои Ердоган, но разликата е помала за разлика од останатите региони. Европската Унија со својата политика без дилема придонесе Ердоган да биде потврд во своите политики. Последните делумни забрани за продажба и рекламирање на алкохол, како и константниот притисок на медиуми, можеби се позначајни во овие протести од дрвата кои не треба да се сечат. Турција е пазарна економија и е далеку подемократска од многу држави. Интересно е дека токму тоа е сега можеби проблем за Ердоган. Кога луѓето ќе се научат да бидат слободни во разни аспекти на живеењето, кога им се достапни работи како интернет, патувања, телевизија и слично, тие стануваат многу раздразливи кога барем малку ќе насетат дека може да им чепнете во таа слобода. Ердоган е на потег (стратешки и на среден рок), главното прашање сега е колку од протестантите на последните избори гласале за неговата партија. Редакција Фактор* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.