20 Април, 2024
0.0262

Каква е улогата на брокерските куќи во борбата со перење пари?

Објавено во: Колумни 29 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Брокерските куќи им нудат различни видови на производи и услуги на индивидуалните и институционалните инвеститори - купување и продажба на акции, обврзници итн. Купопродажбата на акции и обврзници се случува на берзата на хартии од вредност каде што се сретнуваат понудата и побарувачката на овие производи. Со оглед на тоа што берзанските трансакции не инволвираат готовински трансакции, брокерските куќи обично не се изложени на ризикот од перење пари во фазата на пласманот.

Многу е поголем ризикот од перење пари во фазите на прикривање и интеграција. На пример, субјектите коишто го вршат перењето пари можат да ги злоупотребат сметките на брокерските куќи за прикривање на своите средства по пат на примање и испраќање пари на неколку сметки во неколку институции. Брокерските куќи можат да бидат злоупотребени во функција на перење пари и во фазата на интеграција на нелегалните приходи во легитимни средства.

Она што ги загрижува стручњаците во оваа сфера е фактот што одредени карактеристики на брокерските куќи и берзанските трансакции се атрактивни за перачите на пари. Криминалците ги третираат брокерските куќи и берзанските трансакции како погодна цел за остварување на своите цели, затоа што со помош на овие институции средствата можат да бидат лесно, брзо и ефикасно пренесени од една сметка на друга, или од една финансиска институција кај друга, и тоа како на национално, така и на меѓународно ниво. Некои брокерски куќи имаат свои претставништва во повеќе земји во светот, а тоа им овозможува на криминалците извршување меѓународни трансфери, без таквата активност да биде сомнителна. Постои уште еден фактор што ги привлекува криминалците да ги насочат своите активности кон брокерските куќи. Хартиите од вредност (посебно акциите) обично претставуваат високо ликвидни средства кои речиси во секое време можат да бидат купени или продадени на берзата. Со оглед на фреквентното тргување, криминалците можат на ефикасен начин да ги трансформираат нелегалните средства во легални.

Големиот обем на берзански активности и потенцијално профитабилната природа на купените акции или обврзници може дополнително да ги привлече криминалците во оваа сфера. Брзиот раст на индустријата на хартии од вредност и зголемената популарност на инвестициите во хартии и обврзници го зголеми и ризикот од перење пари во оваа сфера затоа што перачите на пари обично се софистицирани лица кои настојуваат да најдат што е можно повеќе начини да ги исперат своите пари.

Одредени финансиски активности што ги вршат брокерските куќи се сметаат како високоризични кога е во прашање перењето пари. Една од тие активности е можноста за отворање сметки и извршување трансакции преку интернет, односно без физичко присуство на комитентот. Електронските услуги во областа на берзанското работење даваат многу мала можност за непосреден контакт со комитентот и верификација на неговиот идентитет. Некои брокерски куќи даваат услуги и од сферата на приватното банкарство што ги прави особено ранливи кога е во прашање перењето пари. Причина за тоа е што активностите поврзани со приватното банкарство значат голем степен на доверливост во поглед на идентитетот на комитентот, трансакции на големи износи, а во одредени ситуации и користење на прекуморскисметки.

Еден од проблемите во оваа сфера е фидуцијарната сопственост врз хартиите од вредност. Фидуцијарната сопственост во принцип значи дека комитентот на брокерската куќа настапува во туѓо име и за туѓа сметка. Лицата во чие име и за чија сметка настапува комитентот на брокерската куќа најчесто бараат да останат анонимни. Во тој случај брокерот може единствено да го идентификува својот комитент (а потои и да изврши верификација на идентитетот), но не може да ги идентификува вистинските продавачи или купувачи на хартиите од вредност. Таквата неможност за идентификација понатаму води кон неможност на испитувањето на потеклото на средствата со кои налогодавачите на комитентот на брокерската куќа сакаат да купат хартии од вредност. Исто така, брокерската куќа не може да се увери во легитимноста и легалноста на хартиите од вредност кои ги продаваат нивните фидуцијарни сопственици.

Следен проблем при идентификацијата претставуваат акциите на доносител. Брокерската куќа не го знае титуларот на сопственоста на таквите акции кои се тргуваат на берзата. Слично како и кај фидуцијарната сопственост, акциите на доносител создаваат проблеми при идентификацијата на комитентите и утврдувањето на потклото на средствата со кои се тргува на берзата.

Имајќи ги предвид горенаведените проблеми, во повеќе земји е забранета фидуцијарната сопственост и тргувањето со акциите кои гласат на доносител.

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија.


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок