07 Април, 2020
0.0228

Капитализмот го порази комунизмот, но изгуби од Корона вирусот!

Објавено во: Колумни 20 Март, 2020

Како гуски покрај езерцено во парк, крекаше цел еден народ, да се преземат итни и вонредни мерки против Коронавирусот, и што, мерките се (зло)употребија за користење на пролетното сонце, без елементарна грижа на совест за јавното здравје или здравјето на нацијата! Секоја будала, или џукела е загрижена само за себе ( и своите најблиски), а воопшто не се секира за останатите! За на ФБ да се шири хистеризација сме шампиони, за да се понесе лична одговорност дно на дното! Почнувајќи од неодговорната Цаца, до секој кој го „ заболе“, ама мора да си ги прошета дечињата во парк, или пак да седне на кафе, во кафана. Италија да ни се случи, малку ќе ни биде, бидејќи заслужуваме и бетер, од тоа што сме за гревој!

Македонскиот менталитет падна на тестот од  Корона вирусот!

После овој мој минатонеделен статус, предизвикан од ноншалантното и тотално несериозно однесување на голем број граѓани, работата на терен не се промени премногу во корист на јавното здравје. Се уште има голем број граѓани кои се шетаат во групи, со мали деца, пензионери кои се собираат на клупи, бидејќи им е досадно дома, а за сограѓаните од општината Шуто Оризари, и не станува збор. Како што кажа еден  шутооризарец  на тв прилог, тие животот го разбираат „ па што, еднаш се умира“. Имаме и примери на сограѓани кои бегаат од дома, од принудната и нужна самоизолација. Имаме и младина која се собира на „ журки“ по викендици, на Водно. Со таква младина, Македонија не треба да се грижи за својата иднина. Ја нема. Нека постават повеќе телефони за користење на психијатриска помош, и нека ги дуплираат капацитетите, бидејќи ќе ни треба. За Македонија, нејзините библиски чеда, и нивното лично однесување, и лична одговорност кон санација и превенција од  опасниот вирус - толку.

Планетата е во војна против невидлив непријател!

Светот ги живее можеби најдраматичните моменти, после Втората светска војна. Буквално, сите се фатени на штрек, и никој, па дури ниту најучените не знаат да кажат кога и како ќе заврши сето ова. За последиците и штетите, кои се неминовни,  ќе се зборува по победата над Корона вирусот. Нагласени се две тези за постанокот на овој мутиран вирус: едната дека е излезен од лилјаците во пештерите крај Вухан-  жариштето на пандемијата, и преку своевидна мутација, тој бил пренесен во човечкиот организам. Другата теза е дека истиот е лабараториски произведен, третиран и целенасочено пуштен во слободна употреба, за да се постигне ова што сега се случува и постигнува. Не сум некој поборник на теории на заговор, но, развојот на ситуацијата, хистеризацијата, психозата која веќе е создадена, со милијардите немерени економски и стопански штети, ме наведува на заклучокот, дека бестијалните капиталистички  ѕверови, кои го контролираат текот на парите, и  економскиот систем, решиле да се пресметаат. Австрискиот канцелар Себастијан Курц, истакна дека после ова, светот повеќе нема да биде ист. Неговата германска колешка, пак предупреди дека 60-80 % од германската популација може да биде заразена. Борис Џонсон  и Доналд Трамп обвјавија војна на невидливиот непријател, но се поставува прашањето дали невидливиот непријател е овој мутирачки вирус, или пак „ долгата рака на капитализмот“ ( не таа на ВМРО). Едно како ден е јасно: светот нема да биде исто место за живеење. Самата Европска Унија, ќе мора да ја преиспита нејзината улога на солидарност и функционалност, бидејќи пред нејзините очи, една од нејзините земји-основачки умира, во буквална и преносна смисла. Евронекрофилите се радуваат дека „ ЕУ е пред распад, нефункционална, себична“, додека Кина е таа која е солидарна и испраќа помош. САД ги затвораат своите граници, а со тоа ја затвораат целосната трговска размена. Иран е пред колапс, и прв пат после пет децении бара помош од меѓународни финансиски институции. Светот, треба да си го постави прашањето дали претераната глобализација, освен големите придобивки кои ги носи, нема и огромни штети. Треба да се постави прашањето и дали бесмислените трговски војни, економски санкции, 100 % царини, тарифи, и објавување на „ мерки “ на една против друга земја, се во духот на човечкото битисување, бидејќи пред ова што ни се случува во моментов сме сите клекнати на колена, или како што еден западен државник луцидно заклучи: во ова сме сите до еден, без исклучок.

Докторите и институциите во „војна“ против менталитетот на Македонецот!

Што ни преостанува на сите до еден, без разлика дали сме во Македонија, или на која било точка во светот освен  свесно, цивилизирано, одговорно, и беспоштедно да ги слушаме мерките и препораките на одговорните здравствени и стручни лица, да бидеме максимално совесни, солидарни и одговорни, и секако почесто да миеме раце. Никој не знае кога ќе биде произведена вакцината, никој не знае кога ако таа вакцина биде пронајдена, ќе биде пуштена во слободна употреба, да може да има достап до секоја земја, и истата да се користи масовно за превенција, и никој не може да го предвиди временскиот рок на крајот на оваа пандемија. Сега се останува на нас, на нашата свесност и нашето рационално ( не психотично емоционално) однесување. Масовното купување на тоалетни хартии, конзервирана храна, лекови, дезинфекциски средства, нема да не заштити, напротив на малку подолг рок, може уште повеќе да ја докомплицира цела ситуација, и тогаш, да нема ќора  ролна тоалетна хартија, ни за тие што не  купиле, ниту за тие што ја потрошиле. Секој треба да биде свесен, дека неговиот живот и животот на неговите најблиски, ќе мора да биде променет, и секојдневието да функционира различно од сега. Но нели на маката се познаваат  јунаците. Какви  јунаци  сме ние, ако не го издржиме ова, а се фалиме со нашето славно минато, одејќи наназад  повеќе од две илјади години до светскиот император и неговите подвизи , т.е на  Александар Велики?


Благојче Атанасовски - политиколог

Можеби ќе ве интересира

Дали навистина добивме датум...повторно!?

Дали навистина добивме датум...повторно!?

Финансии во услови на пандемија, како да се поттикнат повозрасните да користат банкомати и електронско и мобилно банкарство

Финансии во услови на пандемија, како да се поттикнат повозрасните да користат банкомати и електронско и мобилно банкарство

Жива музика.....

Жива музика.....

Каков третман треба да има деловната тајна

Каков третман треба да има деловната тајна

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Време на лажна совест и свест!

Време на лажна совест и свест!

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура