23 Април, 2024
0.0245

Касами со последен потег како лидер на БЕСА

Објавено во: Анализа 11 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Билал Касами го повлече последниот потег како лидер на БЕСА при средбата со премиерот Заев, за потоа да бидат собрани 64 потписи од Централниот совет за негово разрешување како што тврди Скендер Реџепи-Зејди во емисијата Клик Плус на ТВ 21. Пучот во БЕСА очигледно дава резултати и моќта на Касами се повеќе се намалува при што повеќе негови сопартијци јавно побараа тој да си поднесе оставка и да ги почитува одлуките на партиските тела со цел да не предизвикува понатамошни тензии.

Касами, се обиде да издејствува стопирање на ваквиот контра удар и исто така во последното гостување на Клик Плус посочи дека ги отстранил основачите на БЕСА од партиските тела, а меѓу нив се Африм Гаши и токму погоре споменатиот Скендер Реџепи-Зејди.

Со ваквите меѓусебни удари се повеќе се проширува расколот во БЕСА на две крила, едното кое и натаму покажува лојалност кон Касами и второто кое се обидува уште сега да го разреши за тој да нема голема моќ да го организира првиот Конгрес најавен за крајот на февруари без оглед што ќе има отворен повик за секој заинтересиран кандидат за иден претседател на движењето.

Исто така голема дилема е како ќе продолжи да функционира пратеничката група на БЕСА во Собранието. Пратеникот Неџбедин Каремани е избран од дел од партиските структури и на посебен централен состанок како нов привремен претседател на БЕСА со поддршка и на пратениците Африм Гаши и Реџеп Мехмеди, додека пак во нивниот „табор“ засега јавно не настапија пратениците Фадиљ Зендели и Теута Биљали.

Токму поделеноста на пратениците на БЕСА укажува на можноста еден дел од пратеничката група да се одвои и да делува на различен начин во Собранието, па дури и да се приклучи на актуелното парламентарно мнозинство со СДСМ и ДУИ и потоа да влезе и во Владата каде би добиле гарантирано едно министерско место, повеќе заменички места и можеби едно вицепремиерско место како тоа за реформи кое Заев му го нудеше на Села за одржување на владината „врска“ која Алијансата за Албанците ја раскина.

Најлошо можно сценарио е БЕСА да се подели на две партии со што ќе се намали нејзиниот опозициски потенцијал. Ако останат петмината пратеници во иста група без оглед дали ќе се решат да им се приклучат на Заев и Ахмети и натаму ќе можат да градат политички капитал. 

Поделбата ќе значи и поголема маргинализација на дејствувањето на БЕСА, а за такви последици говори и самиот Касами кој тврди дека овие постапки се дело на мешање од надворешни страни како разузнавачки служби и разни форми на притисоци. 

Од друга страна пак, Скендер Реџепи-Зејди посочи дека постои закана за безбедноста на Каремани и поголема група на централниот совет на БЕСА, па од безбедносни причини се префрлиле во Скопје. 

Х.С.