30 Април, 2024
0.0276

Ќе му го врати ли „царот“ ударот на „султанот“?

Објавено во: Колумни 27 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

„Султанот“ Ердоган крена рака врз „царот“ Путин. Овој не очекуваше дека ќе добие удар во грб, како што изјави, од пријатели. Но ударот е зададен. Сега сите чекаат дали „царот“ ќе го врати ударот, кога и како? Има еден советски филм од шеесеттите години - „Белото сонце на пустината“. И во него има еден израз, реплика на цариникот Верешагин  кон младиот красноармеец Петруха: „Восток дело тонкое“. Демек кога си имаш работа со луѓето од Истокот треба да се има знаење и водење сметка за нивните обичаи, традиции, психологија и пред се внимателност и многу размислување. Веројатно рускиот претседател Владимир Путин ја знае на памет оваа реплика и водел сметка за неа кога ги развиваше односите со Турција. Но сега, по соборувањето на рускиот бомбардер од страна на турските авиони ловци, тој не е лошо уште еднаш да го погледне филмот и да се увери дека со Ердоган треба да се игра многу внимателно. Во далечната 1920 година Турција,  поразена во Првата светска војна, истоштена од неа, е пред голем предизвик. Британците, како дел од Антантата го имаат окупирано Истамбул, а грчките војски се во офанзива против турските. Кемал Ататурк, тогаш уште не станат „татко на нацијата“, се обраќа кон болшевиците во Русија. Многу умно им ги предава кавкаските држави, Азербејџан, Ерменија, Грузија, кои само  што се одвоија од Руската империја  и тие ги советизираат. За возврат Ататурк добива милиони рублји во злато, огромни количества оружје и муниција и згора на се зборува против империјализмот и ги фали болшевиците. А најголем дострел во договорите со нив му е отстранувањето на опасноста, петмилионитата војска на болшевиците да отвори нов фронт, на северот од Турција, па да дојдат до Босфор и подалеку, со што таа денес можеби и не ќе постоеше во ваков вид. И така Ататурк, со само 90.000 војска ги прогонува Грците, со Антантата договара деокупација на Истамбул, склучува неколку договори и ја имаме Турција во денешниот вид. Наместо да го следи патот и мудроста на Ататурк, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, крена рака на „царот“ Путин. Во дослух со САД или станува збор за самостојна одлука, работата е завршена. Урнат е руски авион кој 17 секунди се „наоѓал“ во турски воздушен простор. Турски авиони лани над 2.000 пати го нарушувале грчкиот воздушен простор, а не им е соборен ниту еден . За соборувањето на авионот Путин синоќа, по средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд, изјави:„ Ние однапред ги информиравме нашите американски партнери за тоа, каде и кога, врз кои ешалони ќе дејствуваат нашите пилоти. Американската страна, која ја предводи коалицијата, во која влегува и Турција, знаеше за местото и времето на престојот на нашите авиони. И токму таму и во тоа време, добивме удар. Се наметнува прашањето, зошто им ја дадовме таа инфрмација на Американците? Или тие не контролираат што работат нивните сојузници или таа информација ја расфрлаат лево и десно, не разбирајќи какви ќе бидат последиците од тоа. И, секако, ние со нашите партнери ќе мораме да имаме доста сериозни консултации“. Времето за консултации на највисоко ниво наближува. На 30 месецов, Путин и американскиот претседател Барак Обама, ќе бидат во Париз. Ако дотогаш не се случи нешто големо меѓу Русија и САД, што би ја засенило средбата, двајцата преседатели ќе има што да поразговараат. И не само за соборениот авион. Во прв ред коалицијата што ја подготвува во моментов Оланд. Нему му е личен предизвик, по терористиките напади во Париз, да успее во својата намера. Иако, за воља на вистината, од говорницата во ОН Путин беше тој, кој што повика на создавање на голема коалиција против Исламската држава. Но како и да е, Оланд е оперативецот и ќе биде голем удар за него ако не успее во својата цел. Се работи и за неговиот престиж. Во вторникот тој беше во САД и се сретна и разговараше на истата тема со Обама. Тогаш тие изјавија дека гледаат „потенцијално совпаѓање на интересите“ со Русија во борбата со ИД, и признаа дека помошта на Москва во прекинување на граѓанската војна во Сирија би можелеа да биде огромна. Меѓутоа, како што забележа тогаш Обама „постои проблем, кој се однесува на операциите на руската авијација-таа е активна многу блиску до турската граница и ги бомбардира умерените опозициони групи, кои ги поддржува не само Турција, туку и многу други земји“. Ако Русија ја насочи својата енергија да се бори против ИД,  тогаш ќе се успее да се избегнат честите конфликтни ситуации, ќе се намали веројатноста  за грешки и за ескалација на напнатоста“, истакна тогаш Обама. Констатацијата за „совпаѓање на интересите“ со Русија, беше потврдена и синоќа во Москва. Оланд е оптимист и со Путин договорија натамошна соработка околу антитерористичката коалиција, и билатерално и мултилатарално. Путин е за коалиција под знамето на ОН, но не исклучува да оди заедно со коалицијата предводена од САД. Останува да се види што ќе се случи во Париз на 30 ноември. Единствена разлика, но не и спротивставеност има околу иднината на Башар ал Асад, сирискиот претседател. Путин смета дека за тоа треба да одлучува сирискиот народ, а Оланд, смета дека иднината на Сирија не треба да да се врзува со Асад. А до доаѓањето на таа иднина очигледно Асад ќе биде во власта. Во очекување на Париските средби јасно е едно. Руско-турска војна ќе нема. Соборувањето на рускиот авион може да влијаа врз развојот на настаните на воено поле. Под прашање е и меморандумот меѓу САД и Русија за координација на воените дејства. Веројатно ќе има тешки дискусии околу „големата коалиција“. А што со Ердоган? „Слободниот стрелец“ во НАТО, кој може да предизвика и поголеми бељи. За причините за собрувањето на рускиот бомбардер изминативе денови се пишуваше на долго и на широко. Имаше разни анализи и тврдења. Веројатно најблиски до вистината се оние кои велат дека Ердоган не можеше да го издржи она што го прави Русија изминатава година. Во прв ред враќањето на Иран во живот. Потоа вклучувањето на Русија во борбите во Сирија и конечно нејзините активности на теренот, со грчевита поддршка на сирискиот претседател Асад. Турција од прв играч, до пред два месеца, сега отиде во втор план. И прави обид да се врати на големата сцена како главен актер. Неа не и одат работите и со Курдите. САД цела година ја молеа Турција за користење на базата во Инџирлик, и Турците се согласија, но со услов, Американците да мижат на нејзините удари врз Курдите и во Сирија и во Ирак. Таа јавно негодува и на курдските успеси на фронтот против ИД и создавање на ослободените територии, кантони, под контрола на Курдите. И сите тие токму  долж  границата со Сирија. Се чини на Турција најмногу ќе и пречи затворањето на границата со Сирија, предлог на Оланд, а искрено поддржан од Путин. Ова од причина што ќе се пресечат патиштата кон ИД од Турција, по кои во минативе години се движеа илјадници луѓе кои се присоединуваа кон ИД, илјадници тони оружје и муниција за нејзините припадници. И илјадници тони нафта од изворите под контрола на ИД, кои одеа во Турција. Целта на Оланд е да се пресечат сите канали за финасирање, вооружување и за влегување на приврзаници на Ид во Сирија и Ирак. Турција овие факти не ги признава, но Путин на средбата во Анталија на Г-20, со фотографии покажал колони цистерни кои одат кон Турција. Ердоган, како крадец фатен на дело, вчера рече дека тоа не е точно и дека Путин, во најмала рака лаже, па побара и докази. Дури рече и дека ќе поднесе оставка ако е тоа точно.  Владимир Путин по средбата со Оланд ваквата изјава ја прокоментира со зборовите дека  поднесувањето или не, оставка на претседателот на Турција, не е работа на Русија. Тоа е работа на турскиот народ. „Ние никогаш во тоа не сме се мешале, ниту  немаме намера да се мешаме. Но многу е жално високото ниво на нашите меѓудржавни односи, кое беше без преседан, постигнато со Турција за последните 10 години, ние Турција не ја сметавме само за сосед, туку за пријателска држава, речиси сојузник, многу е жално што така безумно и грубо се разрушува“, рече Путин. Што се однесува до нафтата, Путин дозволува турското раководство да не знаело за неа, но треба да дознае, бидејќи се работи за нафта од која се купува оружје и муниција, а со нив се водат крвави акции. Епилогот од соборениот руски авион во моментов е засилување на руските воени активности. Во прв ред стационирање во Сирија противавионски ракетен комплекс С-400. Русија смета дека со него ќе може полесно да се заштитат руските авиони во време на операциите, а исто така Путин најави дека авионите-бомбардери ќе  бидат следени од ловци. Веќе се зборува и за наземни операции на руски војници во делови на Сирија поддржани од современи тенкови. Во поглед на С-400 во Пентагон сметаат дека тие комплекси нема да влијаат  на борбата со ИД и се плашат да не бидат насочени против авионите на американската коалиција. Оттука тие очекуваат почитување на меморандумот за заемно разбирање за безбедност на летовите. Покрај воените мерки, Русија веќе најави подготовка на економски. Премиерот Димитриј Медведев вчера им даде два дена на министерствата да подготват соодветни мерки. Сега е јасно дека „Турски поток“ ќе се одложи на подолг период. Можеби таа судбина ќе ја имаат и атомските централи што требаше да ги гради Русија. Руските надлежни институции за туризам веќе повикаа да не се патува во Турција, поради „опасност“ од тероризам. Веќе се води поселективен царински преглед на земјоделските производи од Турција. Има повици за одземање на работата на турски градежни компании... Сето ова ќе и нанесе економска штета на Турција, но не трбе да се заборави дека штета ќе има и Русија. Единствени што нема да бидат чепнати и што не е реално да се чепнат се гасот и нафтата. И Турција и Русија имаат многу голема полза од нив. Едните енергенси, а другите милијарди долари. Во меѓувреме и Ердоган и премиерот Давутоглу, како пишман аџии, повикуваат на продолжување на соработката, како ништо да не било. Путин бара извинување, па потоа разговори. Ердоган изјави дека му предложил на Путин да се сретнат во Париз, а Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи демантираше дека имало некаква директна понуда за средба. Ердоган изјави дека да знаеле за авионот дека е руски поинаку би се однесувале. Демек мислеле дека е сириски. Путин ова го нарече само оправдување и реторички праша: А што ако авионот беше американски? Турскиот премиер Ахмет Давутоглу вчера во лондонски Тајмс се јави со текст со изјава дека ќе работи со Русија и сојузниците за решавање на конфликтот по соборувањето на авионот СУ-24 и да се намали напнатоста. Според него односите меѓу Анкара и Москва се најужасни во последно време. Но дека Турција ќе продолжи да ја заштитува својата територија. Поуката од сето ова, барем засега, е она од почетокот на текстов. Кога ќе имаш работа со луѓе од Истокот отварај четири очи и добро подготви се за соработка со нив. Путин сега знае каков е Ердоган и со кого си има работа. На Русија и треба да си ја гледа коалицијата за борба со ИД и воопшто да не мисли да враќа некаков удар. Најмалку на „султанот“ Ердоган. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД