Кина презема голем залак со Украина - Русија и САД ќе демнат во позадина
Објавено во: Колумни 01 Мај, 2023
Шахот кој најверојатно потекнува од Персија и Индија, а има автори кои тврдат дека е од Кина, годинава го доби новиот светски првак. Тоа е Кинезот Динг Лирен. Па така по многу векови и Кина, покрај Индија со Вишванатан Ананд, како прататковина на шахот, доби светски шаховски првак. Времето работи за нас, ќе речат Кинезите. Независно што ете за шаховски првак чекале со векови. Но тие се упорни.
Се покажа тоа и со Хонг Конг и Макао. Кинезите ја дочека 1997 година да го преземат управувањето со некогашната британска колонија од 19. век, а во 1999 година и управувањето со некогашната португалска колонија. Се’ благодарение на политиката „Една држава, два система“ воведена од таткото на современа Кина, Денг Ксиаопинг. Во негово време дојде и до зближување со САД, кои тогаш воспоставија дипломатски односи со Кина, а се „откажаа“ од Тајван. Во тоа време продолжи и студенилото меѓу СССР и Кина започнато кон крајот на 50-тите години, кое кулминираше со неколкудневната борба околу спорен остров на реката Усури. Кинезите чекаа, па со Русија ги решија сите спорни гранични проблеми после седум децении. Кинезите имаат време да чекаат кога ќе се реши и прашањето за присоединување на Тајван, како и решавање на прашањата за спорните острови во Источното кинеско море со Јапонија. Денг Ксиаопинг, за тоа прашање, имаше изјавено дека него не може да го реши неговата генерација, па затоа нека се остави на идните генерации да го решаваат.Типично за Кина на Ксиаопинг.
Зошто целиот овој вовед. Од едноставна причина. Кина дочека да стане држава, една од двајцата лидери во светот. Токму после повеќе од 40 години. Со далекувидна политика. Русија, особено денес, ако не и’ е нуклеарното оружје не може да се смета за некаква светска сила. Русите пропуштија децении во својот развој да се доближат до Кина. Најмногу од недалекувидните политики дома, и огромната корупција. Тие постојано зборуваа дека треба да се направат структурни реформи во економијата, но не ги направија. А парите исчезнуваа или отседнуваа во странски банки. Па денес поради војната во Украина ќе бидат уценувани, доколку им треба нешто за неа. А тоа чини пари. Огромни пари.
ПЛАН ЗА МИР ВО УКРАИНА
Сега Кина, поточно нејзиниот претседател Шји Џинпинг, е на патот да ја разубави својата слика како глобален мировник. Додека сите од Западот зборуваат за „војна за мир“ или „ оружје за мир“, тој минатата недела му крена телефон на украинскиот претседател Владимир Зеленски после подолго од една година од почетокот на војната. Џинпинг со месеци ги игнорираше желбите на Зеленски за телефонски разговор. Во март дојде во Москва да го поддржи неговиот руски колега Владимир Путин. Но и да каже дека на пат се промени кои ги немало едно столетие. Џинпинг минатата недела оцени дека дојде време да се чуе со Зеленски и го направи тоа. Ако Западот предводен од Англосаксонците од ден на ден работеа на поддршка на Украина - економска, политичка и воена, Џинпинг чекаше да созреат работите.
Најнапред, Кина во февруари, на годишнината од почетокот на војната, излезе со нејзиниот план за мир во Украина. Во документот од 12 точки Пекинг повикува да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, откажување од менталитетот на студена војна, проширување на воените блокови и обидите да се обезбеди безбедноста на било која земја за „сметка на други“. Па прекинување на воените дејства во Украина, избегнување на ескалација и поддршка на движењето кон дијалог на Киев и Москва, засилување на хуманитарната работа во зоната на конфликтот. Во тие рамки, со помош на ОН, договарање за размена на воени заробеници, осигурување на безбедноста на украинските атомски централи, откажување од користење на оружје за масовно уништување, во тие рамки и нуклеарно, поддршка кон извозот на украински жита, откажување од политиката на еднострани санкции, освен во рамките на ОН, и за таа цел да не се користи светската економија, и помош во постконфликтното обновување, во што Кина, како и во други инцијативи е подготвена да учествува.
Реакциите од Западот на овие предлози беа еднозначни. „Планот на Кина е од полза на Русија“, беше првата изјава на американскиот претседател Џо Бајден. Слични беа ставовите и на Европа. А, како нема да бидат, кога тогаш беа во тек лицитациите кој, колку и какво оружје ќе и даде на Украина за офаназива против руските сили. Украинците беа повнимателни, па иако не го поддржаа планот во целост изјавија дека во него има точки кај кои постои преклопување на интересите. На пример територијалниот интегритет и суверенитет и некористењето на нуклеарно оружје. И притоа го апострофираа нивниот план од 10 точки кој предвидува враќање на границите од 1991 година, создавање на меѓународни трибунали за судење за наводни злосторства, па обнова на земјата со руските пари замрзнати на Запад и т.н. Рускиот претседател Владимир Путин по средбата со Џинпинг во март изјави:„ Сметаме дека многу точки од предложениот план од Кина се совпаѓаат со руските приоди и можат да бидат земени, како основа за мирно решавање, кога кон него ќе бидат подготвени на Западот и во Киев“.
ЗДРАВИ ИНИЦИЈАТИВИ
После разговорот на Зеленски и Џинпинг, веројатно работите станаа појасни. И не чуди што Украина веднаш по разговорот определи амбасадор кој ќе оди во Кина, а Кина дипломат кој ќе работи со Украина, но и со други држави. Се’ со цел да се постигне некаков договор. Од она што беше соопштено по разговорот на двајцата претседатели, за Зеленски било битно тоа што станало збор за „продуктивен едночасовен разговор“. И дека нема мир без повлекувње на Русите. Џинпинг рече дека преговорите се „единствениот остварлив начин за излез од украинската криза“. Мошне индикативно е тоа што Кинезите не зборуваат за војна во Украина, туку велат „украинска криза“, а што не им се допаѓа на Украинците.
Во САД ги поздравија преговорите и се подготвени за поддршка на можното мировно решение кое би ставило крај на воените конфликт, доколку тоа биде праведно и одобрено од украинскиот народ. Во спротивно таквиот мир не би бил сигурен и стабилен. САД бараат од Русите веднаш да ја напуштат украинската територија. Па после тоа би можело да се прекинат воените дејства. Во ЕУ разговорите ги оценија како „важен прв чекор, кој долго се одлагал“. Брисел смета дека Кина како постојан член на СБ на ОН треба да го каже својот збор за решавање на украинската криза. Москва ја „нагласува готовноста на Кина да вложи напори за организирање мировни преговори“. Одговорноста за тоа што досега нема преговори во Москва ја префрлаат на Украина. „Киевскиот режим демонстрира неприфаќање на било какви здрави инцијативи за мирно и дипломатско решение на украинската криза, а евентуалната согласност за преговори ја условуваат со нереални барања“, соопштија од руското МНР.
На набљудувачите не им исчезна од видикот дека разговорот на Џинпинг и Зеленски се води во предвечерието на најавенголем напад од страна на вооруѓените сиили на Украина врз руските позиции, кој се очекува во текот на мај. Некои дури сметаат дека наводно Кина се обидува да го одврати Киев од нападот и да побара компромис со Русија. А може да се зборува и дека по средбата со Путин сака да го предупреди Зеленски од евентуални последици од нападот. Впечаток е дека, сепак, се создава терен за преговори. Преговори по „успешната“ или „неуспешната“ офанзива на Украина. Да не заборавиме дека свој план за преговори има и францускиот претседател Емануел Макрон, кој го соопшти тоа по посетата на Пекин во средината на април. Наводно неговиот план е за летоска. Можеби и Макрон го чека епилогот на украинската офанзива. Во меѓувреме се повеќе неговата земја ја снабдува Украина со оружје и муниција.
АМБАСАДОР
Излегувањето во пресрет на барањето на Зеленски за разговор, за Џинпинг беше можност да покаже дека Кина и натаму е неутрална во поглед на војната, но и дека ќе почне активно да бара мир во Украина без испорака на оружје на завојуваните страни. Тоа го прави Џинпинг поразличен од неговите западни колеги. Може да се зборува и дека разговорот меѓу двајцата претседатели беше забрзан и по изјавите на кинескиот амбасадор во Франција, кој рече дека државите настанати по распадот на СССР немаат суверенитет, бидејќи не постои меѓународен договор за такво нешто. Дека Крим бил руски. Сето ова ги разбранува поранешните братски републики од СССР, кои сега се во или на прагот на НАТО. Но не само нив. Изјавата беше избришана, но зборовите на амбасадорот се’ уште одекнуваат во главите на политичарите. Официјално беше кажано дека тоа било личен став на амбасадорот.
Намерите на Кина да се вклучи во мировна операција сигурно ги вознемирува САД. Како Пекинг се дрзнува да им ги нарушува плановите на Американците и Европјаните за Русија? Гледано пошироко потегот на Кина ќе биде поздравен од сите држави кои не ја санкционираа Русија. Од Латинска Америка, од Африка, од Азија. Не треба да се заборави мисијата на Кина во помирувањето на Саудиска Арабија и Иран. Сигурно има политичари и во Европа кои ја поддржуваат Кина во нејзините намери за мир. Не само Орбан.
Дека нешто се подготвува или дека приодот кон војната се менува, па се почесто се споменуваат преговори зборува и повикот на поранешната канцеларка Ангела Меркел за преговори. Тоа значи дека на Запад не само Макрон, туку и други размислуваат за преговори. Меркел беше нападната и навредувана во Украина за ваквите повици. Но, изненадување дојде и од Киев. Заменикот министер за надворешни работи Андреј Мељник смета дека можна улогата на Кина како посредник во конфликтот меѓу Русија и Украина. „Тоа веќе не е така нереално“, изјави Мељник за германски медиуми. „Секако Кинезите ги следат своите интереси. Но јас верувам дека праведно решение и прекинување на воените дејства е повеќе во интерес на Пекинг, отколку овој голем, бескраен земјотрес за целиот светски поредок“, рече Мељник. Секако позицијата на Кина при тоа може да се разликува од позицијата на Украина, призна Мељник. „За Киев повлекувањето на сите руски војски од окупираните територии е задолжителен услов“, нагласи тој и додаде:„ Ѓаволот се крие во детали“.
САД СО НОВА ПОНУДА ДО КИНА
И додека се повеќе се споменуваат преговори околу Украина од САД дојде интересна вест. Министерката за финансии Џенет Јелен во еден свој настап на 20 април, предложи олабавување на односите со Кина за заеднички да ги решаваат светските проблеми. Американците како да се решени да ја повторат играта од пред 40 години. Некои тоа го нарекуваат маслиново гранче од Џенет Јелен до Кина. Зборувајќи за американско-кинеските економски односи во Вашингтон, Јелен се заложи против економско „разединување“ , но притоа со задржување на агресивниот приод кон различни прашања. „САД ќе се појават кога ќе бидат загрозени нашите витални интереси“, рече Јелен. „Но, ние не сакаме да ја „одделиме“ нашата економија од кинеската. Целосното одвојување на нашите економии би било катастрофа за двете земји. Ова би било дестабилизирачки фактор за остатокот од светот“. Според неа светот е доволно голем за двете земји. И дека не ги гледа двостраните односи како натпревар во кој „едниот треба да падне, за другиот да се крене“.
Јелен ја предупреди Кина да не и дава материјална поддршка на Русија во нејзиниот конфликт со Украина, заканувајќи се дека последиците од прекршувањето на американските санкции кон Русија „ќе бидат сериозни“. Значи ќе има санкции и кон Кина. Соединетите Американски Држави, пак, и испратија на Украина десетици милијарди долари воена и друга помош. Санкциите против Русија се доведени во прашање и од неколку земји во светот, особено земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), кои разговараа за создавање сопствена валута за да се спротивстават на товарот на американските економски санкции.
Шји Џинпинг очигледно го погоди тајмингот со предлогот за мир во Украина. А и со разгововорот со Зеленски. Американците реагираат и веќе нудат нова политика кон Кина, после неколкугодишните препукувања и воведување разни ограничувања во економските односи. Во денешно време за се’ може да се рече дека ги загрозува националните интереси на некоја земја. Така и Американците со полупроводниците. Утре можеби со некој друг производ и сл. Но забораваат дека и Кина има свои национални интереси.
Дали ова е насочено против Русија? Тешко. Кина би можеле американската понуда да им ја престави на Русите, но во моментов не би се осудила на чекор кој би довел до ладење на руско-кинеските односи. Впрочем заедничката мисија на Кина и Русија е да се промени светот, како што тоа се случило пред еден век. Затоа САД сега ќе ги следат потезите на Кина околу Украина и ќе се трудат Украина да не тргне по алтернативен пат. Ќе бидат во позадина. Со оружјето. Намерите на Кина сигурно и беа најавени на Русија, зашто во ниту една изјава или во соопштението од разговорите со Зеленски, Кинезите не ја споменуваат Русија или повлекување на руските сили од Украина. Но и на Русите нема да им е сеедно како ќе се развиваат работите, па и тие од позадина ќе гледаат како се развиваат работите околу кинескиот мировен план.
Останува да почекаме што ќе донесе месецов. Што ќе донесе најавуваната украинска офанзива. Русија овој пат, најверојатно ќе ги брани освоените територии. Ако не им текне на Украинците да напаѓаат и на самата Русија. И двете земји засега се со сосема спротивставени ставови околу конечното решение. Можеби тоа и ја олеснува работата на Кина. Барем ќе знаат на што треба да се сконцентрираат во својата работа.
Мирче Адамчевски