27 Ноември, 2024
0.0267

Кинескиот јуан во борба за прераспределба на монетарните профити

Објавено во: Колумни 06 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Во поместувањето на односот на економските сили во светот, веќе неколку години, вниманието е свртено кон случувањата во земјите во подем (БРИКС), особено врз состојбите, тековите и намерите на Кина, како една од најдинамичните економии. За неа се презентираат информации од разни истражувања и сценарија кога ќе ја надмине најголемата светска економија (американската). Се анализираат и можностите дали и кога јуанот ќе може да ја преземе улогата на доларот во меѓународните плаќања, како што доларот ја презеде улогата од британската фунта меѓу двете светски војни. Бројот на информации и предвидувања  се зголеми уште повеќе откако Кина, во настојувањето, од една страна, да се унапредат меѓународните економски и финансиски односи и од друга страна, да ги намали притисоците од САД за  ревалвација на јуанот, укажа на потребата од креирање на светска валута, наместо неколкуте национални (долар, евро, фунта, јен) кои вршат функција на светски пари и во таа насока ги поттикна на размислување и другите земји на БРИКС. Во расправите во развиените економии се признава поместувањето во реалниот однос на силите во полза на Кина, но „сесрдно“  и‘ се сугерира да ја интернационализира својата валута и да заземе место во групата на „величествените“ силни валути. Не велат зошто. Не велат дека и‘ нудат и таа да ги ужива привилегиите од таквата улога, бидејќи тоа се подразбира (бескаматно кредитирање од страна на сите земји кои ќе држат јуани како монетарна резерва). Има и видувања јуанот да се вклучи во „кошницата“ од  силни валути во кои се утврдува вредноста на Специјалните права на влечење (СВП) креирани во Меѓународниот монетарен фонд. Ваквиот тек на расправите може да се коментира на различни начини. Меѓутоа, не може да се заобиколи дека во споменатите сугестии се содржи и намера за ослабување на „фронтот“ за креирање на глобална валута, наместо националните во улога на глобални. Зашто, без кинеска поддршка, барањата за реформа на меѓународниот монетарен систем во чие средиште би било создавањето на глобална валута, односно истиснувањето на националните валути во таа функција ќе бидат неостварливи. Кинеското вклучување во поделбата на „монетарнитепрофити “ од улогата на јуанот како резервна валута ќе ги намали изгледите за реформа на меѓународниот монетарен систем со која би се избегнало националните проблеми на земјите чии валути имаат улога на меѓународни резерви да се третираат како светски, а сите други национални економии да им се приспособуваат, за да не ги заоструваат односите со помоќните од нив. Кинезите веќе цела деценија се под притисоци од САД да ја апрецираат вредноста на јуанот спрема доларот (а тоа и го прават) за да се намали трговскиот дефицит на САД, независно од тоа кои се вистинските причини за дефицитот во САД. Со свртувањето на Кинезите од глобалните кон парцијалните, сопствени, интереси истовремено ќе се намали, и инаку, лабавата врска меѓу земјите од БРИКС групата и сигурно ќе се одложи за подолг рок долго заговараната темелна реформа на Меѓународниот монетарен систем. Тоа е во интерес на земјите чии валути играат улога на меѓународни монетарни резерви, бидејќи се одложува  елиминирањето  на нивните привилегии, иако ќе мораат да ги делат и со Кина, чија валута веќе го почна процесот на нејзина интернационализација. Неколку години Кина ги повикува трговските партнери трансакциите да ги фактурираат во јуани. Неодамна кинеската централна банка објави податок кој покажува дека во 2012 година порамнувањето во надворешната трговија во јуани достигнало противвредност од 467 милијарди долари, што претставува пораст од 41% во однос на 2011  година. Се‘ повеќе земји се решаваат сметките со кинеските партнери да ги израмнуваат во јуани отколку во долари. Кинеските регулатори најавуваат дека на странските инвестиции ќе им биде дозволено да се зголемат десеткратно, а тоа имплицира и зголемена употреба на јуанот како светска валута. Развојната банка на Кина понуди заеми на БРИК земјите користејќи го јуанот, а банката за изградба издаде обврзница во јуани во Лондон. Од неодамна јапонскиот јен стана директно разменлив со јуанот. Патот кон интернационализација на јуанот почна, но до негова рамноправна употреба со другите резервни валути ќе потрае подолго време. Кина се‘уште не е подготвена да ги либерализира капиталните трансакции, а нејзината економија успешно да се справува со неограничените приливи и одливи на капитал. Поради тоа, прашање е дали со соло настап може да се избори дури и за сугерираната  улога на резервна валута. А сигурно е дека со таквата ориентација ќе го ослаби заедничкиот настап со БРИКС земјите за вистинското решение на постојните глобални нерамнотежи, во чија основа е функционирањето на националните валути во функција на светски пари.  Во овој контекст, Кина е пред избор- со САД во прераспределба на монетарните профити или со светот во изградба на нов меѓународен економски поредок? Од изборот зависи дали останатиот свет  ќе може да се надева на подобро (порамноправни односи)  или и натаму ќе мора да се приспособува на интересите на економски посилните земји, во чија група ќе се вклучи и Кина. Д-р Крсте Шајноски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.