Добивај вести на Viber
На Кипар му недостигаат 75 милиони евра за да се избегне банкрот во април, соопштија кипарските телевизии, повикувајќи се на изјава на директорот на националниот суд на ревизори Реа Георгиу, објави РИА Новости.
Според Георгиу во април дефицитот на средства кои се на располагање во благајната достигнува 160 милиони евра, додека владата располага со резерви од 85 милиони евра.
Претходно денеска владиниот портпарол Христос Стилианидис не ја исклучи можноста кабинетот да прибегне кон внатрешни заеми, вклучувајќи овде и кредит од централната банка на земјата, која располага со резерви од 230 милиони евра. На крајот од 2012 година владата веќе зеде средства од државните компании.
„Владата ќе направи се што е можно за да нема проблеми со исплатата на платите и пензиите на крајот на месецот", уверува Стилианидис.
Кипар се согласи на мерки за значително намалување на трошоците и за реструктуирање на банкарскиот систем, кои се неопходни за добивање на ветената финансиска помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во вредност од 10 милијарди евра. Сепак првата транша од овие средства треба да биде доделена во мај.
Пристигнува помош од Русија
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека по барање на Европската комисија неговата земја одлучила да ја реструктуира помошта на Кипар односно кредитот во вредност од 2,5 милијарди евра.
„Ние дадовме свој придонес. На крајот на минатата година Кипар доби кредит во висина од 2,5 милијарди евра и по барање на ЕК одлучивме да направиме за реструктуирањето на овој долг. Ова е нашиот реален придонес кон решавањето на кипарскиот проблем ", рече Путин. Сепак, тој не ги прецизира условите за реструктуирање на кредитот.
Условите договорени меѓу Русија и Кипар во март беа за продолжување на рокот на исплата за 5 години и намалување на каматата до 2,5% наместо претходните 4,5%, што е еднакво на отпишување на 10% од износот на долгот.
Исто така денеска Путин му понуди помош на Кипар со која ќе бидат пренасочени околу 1 милијарда долари, кои биле предвидени за поддршка на руски невладини организации од странство, соопшти ИТАР-ТАСС.
„Можеше од овие средства, 1 милијарда да бидат дадени за помош на Кипар и така не ќе беше потребно да се „одерат“несреќните штедачи", истакна тој. Рускиот претседател, кој е во посета на Германија, смета дека избраниот метод за решавање на финансискиот проблем во Кипар е како што вели, осамен случај кој повеќе нема да биде применет на друго место.
Истовремено кипарскиот Врховен суд одлучи дека сите жалби против спроведувањето на одлуката на Еврогрупата за реструктуирањето на двете најголеми кредитни институции во земјата - „Bank of Cyprus“ и „Cyprus Popular Bank“ ( Laiki) треба да бидат предадени на јавниот обвинител на земјата во следните 10 дена. Самиот Врховен суд ќе започне со разгледување на 23 април, а досега има над 50 жалби.