19 Март, 2024
0.0708

Кисинџер: Рубикон е преминат – Украина е НАТО

Објавено во: Колумни 15 Август, 2022

Добивај вести на Viber

Последниве месеци, од 24 февруари наваму, ветеранот на светската дипломатија, Хенри Кисинџер, во јавноста беше забележан преку неколку свои интервјуа и изјави кои се однесуваа на настаните во Украина. На Руската инвазија во таа земја. Неговите одговори одеа од критика на САД и НАТО за нивната политика кон Русија и Украина, која била провокација за руската интервенција во Украина. Па се до најновиот даден во интервју за „Вол стрит џорнал“, дека „Коцката е фрлена“ или дека Рубикон е преминат.

Кисинџер во своите настапи сметаше дека Запад требал да води сметка и да биде посериозен за вознемиреноста на Русија и Путин за националната безбедност на Русија. Во декември лани Русија упати писма до САД и НАТО поврзани со гаранциите за безбедност на Русија. Меѓу другото и невлегување на Украина во НАТО. Одговорот од САД и Алијансата беше еднозначно отфрлање на руските барања. Русија на ова најави воено-технички мерки. Додека многумина бараа да откријат што се крие за „воено-технички“ мерки, Русија на 24 февруари влезе во Украина. За Кисинџер беше грешка тоа што НАТО и ветуваше на Украина дека ќе стане членка. „Јас сметав дека Полска и сите традиционално западни земји, кои беа дел од западната историја се логични членки на НАТО“, изјави Кисинџер во интервјуто“. 

Според  него Украина е збир на територии кои некогаш во минатото припаѓале на Русија, територии кои Русите ги сметаат за свои, иако „некои Украинци“ не сметаат така. Доколку Украина стане тампон зона меѓу Русија и Западот, тоа ќе придонесе за стабилност. Јас се залагав за поддршка на целосна независност на Украина, но сметав дека најдобра улога за неа би било нешто како Финска“, рече Кисинџер.

Сега, според Кисинџер, коцката е веќе фрлена. По се’ она што се случи во Украина, „верувам дека на овој или оној начин, официјално или не, кон Украина после ова треба да се однесува како кон членка на НАТО“. Но тука тој не застанува. Како и во некои поранешни изјави и сега зборува за територијални отстапки кон Русија. Со компромисен договор Русија да ги задржи териториите заземени во 2014 година, Крим и дел од Донбас. Тука Кисинџер не можел да одговори на прашањето, како таков договор би се разликуваат од договорот што не помогна да се стабилизира конфликтот пред осум години. Се мисли на Минските договори.

УМЕТНОСТ НА УПРАВУВАЊЕ СО ДРЖАВАТА

Авторот од „Вол стрит џорнал“ вели дека „Моралните стремежи покренати од демократијата и независноста на Украина - од 2014 година, огромното мнозинство Украинци го поддржуваат пристапот на земјата во Европската унија и НАТО - и судбината на нејзините жители, заглавени на руските територии, не се вклопуваат добро во сликата што ја предлага Кисинџер - уметност на управување со државата“. Ако најголемото добро е да се избегне нуклеарна војна, тогаш што им останува на малите држави чија единствена улога во глобалната рамнотежа е да бидат пиони во рацете на поголемите сили? „Како да го усогласиме нашиот воен потенцијал со нашите стратешки цели и како да ги поврземе со нашите морални цели останува нерешен проблем“, одговара Кисинџер.

Американскиот дипломат смета дека денес светот се наоѓа на работ од опасната загуба на рамнотежата. Секако мисли на таканаречената „рамнотежа на стравот“ која седум децении го чува светот од  нуклеарна катастрофа. Но не е само Украина во прашање. Ниту повременото руско нагласување на  користење на нуклеарно оружје. Има многу поважен фактор тука. „Ние се наоѓаме на работ на војна со Русија и Кина поради проблемите, кои делумно и ние сами ги создадовме и немаме никаква претстава, како ќе се заврши тоа или кон што ќе доведе“, изјави Кисинџер. Тој нема едноставен рецепт за тоа дали САД можат да се справат со тие двајца противници, градејќи со нив односи, како што било направено за време на администрацијата на Ричард Никсон. „Сега веќе не можеме да речеме дека ќе ги поделиме и ќе ги поставиме еден против друг. Се’ што сега може да се направи е – да не ескалира напнатоста и да се создаваат опции, а за тоа е неопходна некаква основна цел“, вели Кисинџер. Тој смета дека Американците се противат на одвојување на идејата за дипломатија од идејата за „личен однос со непријателот“. Како по правило, тие ги доживуваат преговорите на мисионерски, а не на психолошки начин, настојувајќи да ги преобратат или да ги осудат своите соговорници, наместо да проникнат во текот на нивните мисли.

Некако се совпадна, па деновиве имаше и едно интервју на лингвистот и филозоф, Ноам Чомски, за германски „Ди Велт“, во кое, исто така, главно се разговараше за Украина, односите на големите сили кон малите и сл. За Чомски руската инвазија на Украина беше најгрозоморно воено злосторство во историјата на 20. и 21. век, кое е на исто ниво со американската инвазија на Ирак и уништувањето на Полска од страна на Сталин и Хитлер. И како што продолжува војната во Украина тој се’ повеќе го зацврстува своето мислење. Она што за Кисинџер беше грешка на НАТО за Украина, за Чомски е „западна провокација“. „Токму таа западна провокација јас ја сметав за главна причина за она што се случи. Но пропагандната кампања во САД оди во тоа подалеку од мене и таа тврди дека станува збор за агресија исклучително од Русија без некоја провокација“. Вели Чомски.

УЦЕНА СО АТОМСКО ОРУЖЈЕ

За Чомски објективна реалност е мислењето на германскиот филозоф Јирген Хабермас дека Западот е наоѓа пред нерешлива дилема. Или Украина да ја загуби војната или пак цел свет да се подвргне на ризикот дека локалниот конфликт ќе прерасне во светска војна. „Војната може да сопре по дипломатски пат или една од двете страни треба да се предаде. Русија не мисли да се предава. Значи, според логиката на Западот, војната во Украина треба да продолжи додека Русија не биде победена. Не треба да си гениј за да сфатиш дека при тоа на Западот, судбината на Украинците не го интересира никого, па и сите ако загинат. Сакам  да нагласам дека не е во прашање правото на украинскиот народ сам да носи решенија. Но и луѓето во САД, во Велика Британија или во Германија треба да имаат право да решат дали се подготвени за војна која може се’ да разурне“,   вели Чомски. Очигледно уцената со атомско оружје дава резултати. А Чомски вели дека благодарејќи на тоа ние се’ уште сме живи веќе 75 години.

Во таква ситуација, што да се прави околу Украина? Чомски вели има две варијанти. Дипломатска и недипломатска. Недипломатската е продолжување на војната со сите загуби и жртви во надеж дека Украина ќе победи, и ако почне да победува дека Русија нема да прибегне кон крајни мерки. Втората варијанта е да се прекине саботирањето на дипломатско решение, кое би го прифатиле двете страни.

Токму одовде почнуваат дилемите. Дипломатија или не. Преговори или не. Русија заедно со сепаратистите веќе има заземено речиси една третина од територијата на Украина. Борби се’ уште се водат, а нејзините амбиции најверојатно се отсекување на Украина од Црно Море. Секако има изјави дека може да се оди и подлабоко на територијата на Украина во зависност од тоа со какво оружје Западот ќе ја снабди украинската армија. Украинците, пак, поодамна најавија контраофанзива со цел да ги ослободат сите територии под контрола на сепаратистите и руските сили, па дури и ослободување на Крим. Западот се истури давање пари и оружје. Досега се дадени десетици милијарди долари. Од Западот велат дека барањето дипломатско решение зависи од Украина. Но истовремено тврдат дека Русија не смее да победи и мора да биде поразена. Јасно е дека Украина сама не може да бара преговори со Русија без да добие „дозвола“ од Западот за такво нешто. 

РЕФЕРЕНДУМИ И КОНТРАОФАНЗИВА

Додека продолжуваат воените дејства, на некои од „ослободените“ територии се подготвуваат референдуми за независност, па и за приклучување кон Русија. Таму е воведено користење на рубљата, на руски комуникативни мрежи...Украина врие и вели дека нема да признава никакви референдуми, па дека дури тогаш ќе нема никакви преговори. Американците се со слични ставови. А рускиот претседател Владимир Путин пред некој месец, изјави дека го проучил прогласувањето на независност на Косово. Веројатно по тој терк ќе одат и најавените референдуми. Можеби затоа и се брза на Украина со контраофанзивата. Да го спречи гласањето на референдумите во некои области. Но за такво нешто треба и војска и оружје. Западот најави и праќа оружје. Веројатно во позадина се подготвува нешто поголемо. 

Наспроти воените решенија на кризата, стојат дипломатските. Е тука исто така ќе биде многу тешко. Едно беа Минските договори кои требаше да се спроведат од 2015 година. Сега тие веќе не важат. Украина изгуби контрола не само на делови од Донбас, туку речиси на цела Луганска и голем дел од Доњецка област. Да не ја споменуваме позадината на Крим. Херсонската и Запорожката област. Тешко дека сега Русија или сепаратистите ќе се согласат да се повлечат од тие територии. Пред некој ден „Вашингтон пост“ пишуваше дека  од почетокот на војната во Украина, Русија ја проширила контролата врз значаен дел од украинските рудни богатства кои се сметаат за „најбогати минерални наоѓалишта“ во Европа. Се проценува дека под контрола на Москва се наоѓаат украински рудници на метали и други минерали на сума повисока од 12,4 трилиони долари. 

Според весникот, иако Украина е позната како аграрна држава, на територијата на земјата има извори на 117 од 120 најискористувани минерали и метали, а исто така и резерви на горива. Таму се наоѓаат меѓу најголемите резерви на титан и железна руда, и нечепнати наоѓалишта на литиум и огромни резерви на јаглен и злато. Според некои податоци Русија сега контролира 41 наоѓалиште на јаглен, 27 наоѓалишта на природен гас, 14 наоѓалишта на пропан, девет наоѓалишта на нафта, шест на метални руди, две наоѓалишта на титанова руда, две на циркониум и по едно на стронциум, литиум, ураниум и злато, а исто така и каменолом за варовник кој се користел за производство на челик. Овие загуби ја поткопаа економијата на земјата, принудувајќи го Киев од извозник, сега да увезува јаглен. Весникот смета дека доколку освоените украински територии влезат во состав на Русија тогаш “Киев засекогаш ќе го изгуби достапот до две третини од своите наоѓалишта“.

Сето ова уште повеќе го усложнува барањето решение на равенките дипломатија или војна. Се’ повеќе има нови променливи кои влијаат врз решението. Најверојатно војната ќе продолжи. Зашто никој не го става мирот во преден план. Кисинџер вели дека Рубикон е преминат, но последиците од тоа не се наѕираат до крај. Можна е и поделба на Украина. Дел што ќе биде под контрола на НАТО и друг дел под контрола или во состав на Русија. Украина нема да биде тампон зона. Русија самата дозволува НАТО  да го има на своите граници. Досега тоа беше на север со Естонија, најверојатно за една до две години и со Финска. И за  Кисинџер Украина веќе е НАТО. Доколку епилогот биде таков, тогаш НАТО и Русија ќе бидат еден спроти друг. Можеби така е најдобро. Русија ќе се плаши од НАТО, но и Алијансата нема да атакува без да трепне. Рамнотежата на стравот ќе си го направи своето.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?