19 Март, 2024
0.0252

Ќе биде ли „надигран“ Путин од Трамп и по третпат?

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Во вторникот во Сочи, кој стана главен град на Русија во топлите периоди од годината, беше дочекан гостин од Америка. Државниот секретар Мајк Помпео, во чија придружба беше и вршителот на должноста негов заменик, нам познатиот Филип Рикер, три часа разговараше со рускиот колега Сергеј Лавров, а потоа беше примен и од рускиот претседател Владимир Путин.  Посета која беше набрзина најавена по средбата на двајцата министри во Финска на Арктичкиот форум. Неа и претходеше и телефонскиот разговор меѓу двата претседатела –Доналд Трамп и Владимир Путин, во која беше навестена и можна нивна средба во Осака на Самитот на Г7.

Епилогот од првата официјална посета на Помпео на Русија се искажува на различни начини во зависност од тоа кој ја толкува посетата. Но едно е јасно, станува збор за посета која  потврди дека треба да се соработува и покрај малите надежи дека ќе се промени нешто многу значајно во односите на двете држави. Помошникот на Путин за национална безбедност, Јуриј Ушаков, изјави: „напредок засега, секако, не се чувствува, но се покажа расположение за работа од американска страна“. Посетата  може да се окарактеризира и како дел од подготовките за средба на врвот меѓу САД и Русија на Самитот во Осака. Иако Русите за неа чекаат од САД „нешто конкретно“ за што да се разговара. Дали Американците ќе побараат средба на претседателите и официјално е прашање. Русија, како што соопшти министерот Лавров доколку дојде до такво барање, ќе одговори позитивно на него. А доколку не дојде такво барање, тогаш сигурно Путин нема да побара средба. Згора на тоа на вакви собири лидерите и не можат да одговорат на сите барања за средби. Зашто и физички не можат да ги остварат.

Зошто Путин нема да бара средба со Трамп? Затоа што после средбите односите се влошуваат уште повеќе или пак Трамп го „одбегнува“ рускиот претседател. И тоа и покрај неговите ставови уште од 2016 година, а повторени неодамна на прес конференција во Белата куќа дека:„Ние ќе ги подобриме односите со Русија. Подобрувањето на односите со неа има смисла“. Во Русија се уште го памтат одлагањето во последен момент на средбата на Трамп( се премислил) и Путин лани на самитот на Г7 во Буенос Аирес, наводно, заради тоа што Русија не ги ослободила украинските морнари заробени на влезот од Црно во Азовско море. Или пак на форумот на АПЕС година дена пред тоа во Дананг, Виетнам, и покрај претходниот договор.

Главниот уредник на списанието „Русија во глобалната политика, Фјодор Лукјанов вели: „Имаше и две средби на претседателите, но принудени сме, за жал, да констатираме дека ефектот од нив беше обратен  И после Хамбург и после Хелсинки атмосферата во односите се влошуваше. Што наведува на помисла дека Трамп не е вистински соговорник. Не во смисла дека тој е некако лошо расположен кон Русија, туку дека Русија за него и не е многу важна. Па затоа тој може да покани, а потоа да откаже. Или да вети нешто на самит, а потоа да каже дека се премислил. Тоа не е потврда за непријателство, туку за рамнодушност. А рамнодушноста значи дека ќе нема никаков содржински разговор“.  Затоа не вреди никаде да се трча со прегратки, уште повеќе кон американскиот претседател, додава Лукјанов.

Според главниот научен соработник на институтот за САД и Канад при РАН, Владимир Васиљев, сега стилот на американската демократија е да се водат преговори заради преговори, па таков е и Трамп. Тоа што сега се набљудува во случаите со Северна Кореја и Кина .Сето тоа е поврзано со предизборната кампања, со тоа што Трамп сака да се претстави како светски лидер кој се среќава редовно со сите, и со Ким Чен Ин и со Путин и со Си Џинпинг. Васиљев смета дека повеќе се води сметка за надворешниот ефект, отколку за постигнување на сериозни договори. И изјавата на Трамп за средба со Путин треба да се смета за елемент на пиар- кампања. Оттука, со оглед на проблемите што ги има и ќе ги има на домашен терен со истрагата на „специјалниот“ Роберт Милер,  тие ќе го тераат Трамп да биде внимателен. Па така средбата во Осака може да биде протоколарна, колку Трамп да се прикаже како светски лидер кон кој имаат почит и други светски лидери, смета Васиљев.  Секако кон ова води и фактот дека никој во американската администрација, па и во Стејт департментот нема желба за подобрување на односите со Русија. А да не зборуваме за Претставничкиот дом каде што има консензус на демократите и републиканците околу спротивставувањето на Русија.

Погоре кажавме дека кај Русите по посетата на Помпео останал впечаток дека САД имале расположение за работа. А за што би соработувале двете земји? Помпео по враќањето во САД изјави дека има три области во кои Русија и САД би можеле успешно да соработуваат. Прво во носењето мир во Авганистан, затоа што од таму има терористичи закани и за двете држави. И треба да се намали насилството. Околу ова би можеле да се договорат со оглед на искуството што го имаа Русите, а го имаат и Американците денес во таа азиска држава. Втора работа би била Северна Кореја, бидејќи и САД и Русија би биле задоволни со денуклеаризација на керјскиот полуостров. И трета работа каде што би можело да се соработува е борбата со меѓународниот тероризам за што веќе има конкретни резултати. И Американците и Русите си давале помош изминативе години во таа борба.

Но, што станува со горливите прашања, а кои што беа на дневен ред во Сочи. Иран, Украина, Венецуела...Американскиот NationalInterestпишува дека Русија го добива она што го сака – да стане учесник во „преговорите на големите држави“. Таа бара преговори за да склучи зделка. А што е поважно за САД и конкретно за Трамп? Авторот тврди дека Кремљ сега може да смета дека е дојдено време да почнат преговори на „големи држави“. по теркот од XIXвек, а на кои Русија секогаш се надевала. Дали администрацијата на Трамп сака средување во Венецуела? Какви гаранции таа може да обезбеди за руските интереси и вложувања? Можна ли е „размена“ на Украина за Венецуела според принципот „вие останувате на вашата полутопка, а ние на нашата“? Дали Русија  може да го натера Иран да го преразгледа договорот за нуклеарната програма, за да може администрацијата на Трамп да каже дека склучила подобар договор од администрацијата на Обама? Што ќе биде предложено на планот на стопирање или укинување на американските санкции?Сака ли Трамп да ја зацврсти стабилноста на светските енергетски пазари за да избегне потреси за американската економија која веќе има тешкотии во услови на појавените несигурности поради трговската војна со Кина? А што со договорите за разоружување?

Димитриј Тренин од Карнеги фондацијата од Москва, смета дека користејќи ја надмоќта на САД во многу области администрацијата на Трамп се обидува да ги натера противниците на Вашингтон да ги прифатат американските правила на игра. Резулатите од таа активност се' уште е рано да се пресметаат. Русија во овој поглед, според него, се наоѓа во сложена положба. Од една страна, Трамп дејствува во духот на политичкиот реализам, иако често во нагласено преувеличен вид. А од друга тоа во принцип создава основа за контакти и во иднина заемна соработка на цврста основа на националните интереси за што секогаш се залагала Москва.

Потрагата по одговор на горните прашања нема да биде лесна, како и гаењето на духот на политичкиот реализам, за што веќе беше пишувано на страниците на на Фактор.  Дотолку повеќе што до Самитот во Осака останува нешто повеќе од еден месец. Дали за еден месец САД можат да ги извагаат дома работите околу ползата или штетата од преговорите на конкретни теми со Русите. Некои велат дека на средбата во Сочи било достигнато онолку колку на првиот самит на Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1985 година. Односно, практично ништо. Сега, како и тогаш, останува ветувањето за продолжување на преговорите . Секако, како што се пошегувал еднаш Винстон Черчил, „долготрајното брборење е подобро од војна“. Но тоа покажува дека односите меѓу двете земји се влошиле толку многу што дури обичната согласност да се продолжат преговорите се смета за напреднат успех. 

Што може да се очекува во наредниот период? Ако постои искрена желба за средба на врвот, макар и на самит,а не со работна или официјална посета на едната или другата земја, тогаш можеме да очекуваме интензивирање на средби на работни групи по одредени прашања. Почнувајќи од оние за кои постои согласност. Реган и Горбачов по првата средба се договорија за нови средби и договори, по што се’ заврши со потпишување на конкретни договори. Трамп знае дека мора некои важни прашања да ги реши во преговори со Москва. Особено што станува збор за предизборна година. Директорот на Центарот за глобални интереси во Вашингтон, Николај Злобин во разговор за еден руски медиум вели дека тоа им е јасно на многу републиканци. Дури и оние кои се критички расположени кон Трамп не сакаат да го менуваат републиканскиот претседател за да не ја загубат Белата куќа. Трамп успеа да ја сплоти  Републиканската партија околу  главната задача на Републиканците, покрај реизборот на Трамп, добивање контрола врз Конгресот на преодните избори во 2020 година. Но за разлика од Реган, кој имаше поддршка од републиканците и водеше преговори со Москва, ситуацијата во Вашингтон сега е друга. „Тоа личи на колач од неколку слоја. Едни велат дека Русија е непријател, други дека треба да се игнорира, а трети се за дијалог“, вели Злобин. А Трамп, според него, сака глобален дијалог: „Него малку го интересираат детали, тој е човек од големата слика, тој сака да се види себе си како татко на глобалната безбедност и токму затоа сака дијалог со Путин“.

А што прави Путин. Во последниве денови е зафатен со воени прашања. Како да не го интересира дали ќе биде „надигран“ од Трамп по третпат. Оди во разни институции, полигони, научни институти и го поттикнува воениот развој на Русија. Бара да се создадат оружја за 21. век. Веројатно се води од максимата од неговото детство дека „слабите ги тепаат“. Но не треба да изуми дека распадот на Советскиот сојуз беше последица и на неможноста на Русија да го издржи воениот натпревар со Западот, односно со САД. Што беше искористено од Реган, а потоа и од Џорџ Буш. Руската економија слабееше. Либералите дојдоа на власт предводени од комунистот Борис Елцин и се потрудија со своите реформи да го „забијат последниот клинец во сандакот на комунизмот“, како што изјави еден од нив. 

Дали во капиталистичка Русија нема да се повтори сценариото од деведесеттите години со оглед на тоа што сега има стагнација на руската економија. Дали нема одново да се најдат некои „либерали“ кои ќе се обидат да забиваат клинци. Прашање е колку Трамп е подготвен за нов воен натпревар и за засилување на санкциите кон Русија.Ова е прашање на години. А Трамп е во трка со времето. Дотогаш Русија можеби и нема да биде СССР од времето на Горбачов. 


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?