06 Мај, 2024
0.0223

Ќе донесат ли изборите понуда за економски пресврт?

Објавено во: Колумни 17 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Додека се подготвуваа претседателските избори и се „крчкаа“ предвремени парламентарни избори бевме опсипани со изјави за тоа колку е добра односно лоша ситуацијата во земјата, во зависност од тоа кој коментира, приврзеници на власта или на опозицијата. Намерата е повеќе од јасна , да се подготви терен за придобивање на што повеќе гласови од избирачите за својата опција. Притоа, со чест на исклучоците , во многу малку случаи можеа да се слушнат валидни аргументи каде актуелната власт греши, а каде опозицијата е во право или обратно. По правило, протагониститие на власта убедуваат како власта е безгрешна и затоа треба да и’ се даде поддршка да раковиди со земјата и во наредниот четиригодишен период, додека опозиционо ориентираните чинители  сметаат дека нема ништо добро од владеењето на владејачката коалиција и само со нејзина смена може да дојде до промена на незадоволителните состојби. Во периодот до изборите голема е веројатноста дека ваквите препукувања ќе се интензивираат. Во прилог на ваквата констатација говори и интензитетот на „откривање“ на криминални постапки и  однесувања на луѓе во врвовите на власта и на опозицијата.  Имајќи го тоа предвид, виси опасноста и овие избори да завршат само врз основа на убедувањата за избор на помало зло: кој е подобар, а кој полош; кој крадел или краде повеќе, кој манипулирал повеќе со јавноста, во чие време биле поприсутни митото и корупцијата и тн. Народот тоа го гледа. Меѓутоа, веќе писка за политика која ќе ги реформира институциите со намера да се стави крај на негативните појави и однесувања. На народот му е јасно дека ваквите аномалии и нема веднаш  да се искоренат, но народот знае и очекува што поскоро да се санкционираат носителите, кога ќе се утврди дека застраниле од патот, па макар тоа биле и некои од првенците на партијата. Никаде не води одбраната на „нашите“ со сите средства, вклучувајќи и влијанија врз правосудните органи и другите институции се со цел да се „покријат“ незаконитите постапки на одделни членови. Јавноста очекува и политика која ќе означи пресврт во развојот односно излегување од „маѓепсаниот круг на ниски стапки на раст“. Добро е што остварената динамика во минатата година е подобра од остварувањата во поголем број земји во Европската унија, меѓутоа, таа се’уште е недоволна за да се означи пресврт во развојот. Стапката на раст од 3,2% во 2013 треба да се зголеми двојно (над 6%) за да се почувствуваат ефекти во пораст на стандардот на вработените и населението, намалување на невработеноста, редуцирање на опасноста од потребата за постојан пораст на буџетскиот дефицит и на јавниот долг. Се чека стратегија на одржлив развој. Нејзе не можат да ја заменат илјадниците проекти со кои ќе се натпреваруваат политичките конкуренти за да ги привлечат гласачите на своја страна, ако тие не резултираат во генерирање на нови вредности и пробивање на меѓепсаниот круг. Јасно е дека пресвртот не може да се оствари преку ноќ,  меѓутоа, на 27 април ќе се бара поддршка за управување со државата во наредните четири години. Тоа обврзува и на изјаснување за намерите на претендентите за власт на кој начин сметаат дека ќе ја остварат таквата цел, за да можат гласачите да  оценат колку се тие реални. Гласачите веќе имаат искуство на изневерени очекувања за привлекување на една или повеќе милијарди  долари со кои ќе се направи саканиот пресврт. Под прашање е доведена и    исправноста на долгогодишната макроекономска политика  во која централно место има монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот. И покрај најавите за зголемен прилив на директни странски инвестиции, нереално е да се очекува со нив да се оствари одржлив раст.  Иако е оправдано ангажирањето на владата во привлекувањето на дополнителна странска акумулација, со голема сигурност може да се каже дека и таа не може да доведе до пресврт во развојот на тој начин. Во насока на остварувањето на пресврт во развојот на земјата е и најавата за поставување на цел во наредните четири години продуктивно да се вработат сто илјади невработени. Меѓутоа, се’уште не е презентиран начинот на остварувањето на таквата цел. Веројатно, наскоро, во изборната кампања ќе се слушне и тоа. Меѓутоа, однапред се знае дека и таквата цел може да се изјалови ако нејзе треба да ја реализира владата како менаџер. Таа тоа не само што не треба, туку и доколку ја преземе таквата улога, не може успешно да ја реализира. Крајно време е решението да се побара во мотивираноста на домашните претприемачи, бизнисмени и менаџери. Тие да се впуштат во отворање на нови бизниси  и во проширување на постојните, се разбира, со соодветни проценки за прифатливоста на ризикот од работењето и на домашниот и на странските пазари. Мора на бизнисмените  да им се создадат услови динамизирањето на развојот да го перципираат преку остварувањето на нивните економски интереси, кои не секогаш на краток рок кореспондираат со државните. Само така може да има и за бизнисмените и за народот и за државата, освен ако на државата не и е приоритет да биде главен бизнисмен или уште полошо градоначалник на сите граѓани, кој остварувајќи ги илјадниците проекти го запоставува клучниот проект, со кој треба да се зголеми благосостојбата и  подобри животниот стандарт на секој граѓанин без разлика дали и на која политичка провиниенција припаѓа  или колку тој граѓанин е високо етаблиран во партиската хиерархија. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина