Ќе има ли решение за пензионерите кои не можат да се регистрираат сами на е-даночниот систем?
Објавено во: Економија 18 Септември, 2018
Владата разгледува опции како да ја олесни постапката за електронско пријавување на данок, откако минатата недела Управата за јавни приходи (УЈП) објави дека сите даночни обврзници треба до крајот на годинава електронски да се регистрираат за да можат да пријават данок.
Од Владата велат дека оваа реформа е неопходна, а УЈП мора да најде начин и механизми како да им овозможи на сите граѓани, и на пензионерите, без проблем да бидат регистрирани на новиот електронски даночен систем.
„Треба да знаат граѓаните дека ние немаме намера да правиме нешто што е непријатно, впрочем целта е да им олесниме на граѓаните во делот на услугите кои ги дава УЈП“- изјави премиерот Зоран Заев.
Тој вели дека треба да се обезбеди правичен и транспарентен систем.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, рече дека Министерството е на став УЈП да се обиде да ги искористи сите механизми да им овозможи полесно регистрирање на ранливите категории на граѓани и посебно на пензионерите.
Новите правила на УЈП предвидуваат сите физички лица коишто во текот на годината оствариле приходи, вклучувајќи ги и оние кои примиле само плата или само пензија, да мора во следниве три месеци електронски да се регистрираат во УЈП на новиот систем Е-персонален данок. Оние кои нема да можат сами да го сторат тоа, ќе можат преку нотар да овластат полномошник кој ќе го прави тоа за нив.