28 Март, 2024
0.0269

Ќе помогне ли статусот „функционална пазарна економија“?

Објавено во: Колумни 10 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Во изнаоѓањето на начин како да се деблокира патот на Македонија за остварување на членство во Европската унија  , известувачот во Европскиот парламент Ричард Ховит, предложи  Комисијата на Европската унија  на Македонија да и’  додели статус „функционална пазарна економија“. Целта е да се охрабрат странските инвестиции и да се покаже интерес на ЕУ за членство на Македонија. Европскиот парламент со огромно мнозинство го прифати предлогот. Сега на потег е Европската комисија, чија одлука повеќе од извесно е дека ќе биде позитивна. Во спротивно, само дополнително  ќе се зацврсти бедемот на патот на Македонија во Европската унија. Значи , сега од една страна го имаме потегот на Европскиот парламент, а од друга страна веќе познатата фактичка состојба, уценувањата и барањата за отстапки кои Македонија не може да ги направи. Доколку и двете страни во разговорите за името останат на сегашните позиции може да се случи земјата да ги оствари бараните критериуми (ако  Македонија со полн капацитет работи за унапредување на незадоволителните состојби во  некои сфери на општественото живеење)  за членство и без одлука на Европскиот совет, а, сепак, да не може да ја оствари целта- асоцирање во ЕУ. Песимизмот во позитивниот развој на настаните се наметнува по изјавите на грчкиот министер за надворешни работи и некои бугарски пратеници во Европскиот парламент. Венизелос, како претседавач со Советот на ЕУ, инсистира дека проблемот со името не е билатерален (симнувајќи ја одговорноста на Грција за спречувањето на преговорите за асоцирање на Македонија во ЕУ), а блокадата на евроинтеграцијата  не е поради името, туку поради, серија други неисполнети критериуми.  Во таа насока тој беше подржан и од дел од бугарските  европратеници. Повеќе од јасно е дека  во Македонија има проблеми кои треба да се надминат за да се остварат во што поголем степен критериумите за приклучување на земајта во ЕУ. Меѓутоа, кога на тоа укажуваат грчки и бугарски претставници, повеќе од јасно е дека се работи за спроведување на национални агенди и интереси  , кои се во спротивност и со вредностите кон чие остварување се стреми Унијата. Имено, за кои критериуми зборуваат критичарите на македонските состојби? Една брзо подготвена споредбена анализа јасно ќе покаже на чија страна се предностите на трите инволвирани земји. Ќе се види дека ниту Грција, ниту Бугарија не отскокнуваат многу во остварувањето на критериумите од тоа што се остварува во Македонија. Потемелна анализа ќе покаже дури дека Македонија, иако не е членка на ЕУ и на еврозоната, долг период ги спроведува клучните барања за функционирање на еврозоната, постриктно дури и од повеќето земји членки. Ги почитува лимитите за буџетскиот дефицит (кој за волја на вистината, се надминува во последниве две години) и на нивото на јавниот долг во однос на БДП. Одржува фиксен курс на денарот во однос на еврото со последици како во системот на златно важење т.е. со силни дефлаторни притисоци во националната економија, особено врз извозно ориентираното производство и динамиката на економскиот раст. За да ја покаже правоверноста кон принципите на ЕУ земјата доброволно води политика на „внатрешна девалвација“, наспроти отворените спротивставувања и незадоволства во Грција кон неизбежната политика на штедење поради претераните трошења во претходниот период од должничката криза. Предностите на Македонија во економската сфера се признаваат и со фактот што земјата се рангира повисоко и од 13 земји членки на ЕУ според индексот на економски слободи, што ја прави функционална пазарна економија (иако ние си знаеме на кои пунктови треба уште да се работи). Предностите се очигледни и во заштитата на правата на малцинствата. Може да се дискутира за степенот на стабилноста на институциите, за принципите на демократичност, за владеењето на законите и за заштитата на правата на човекот и тн.. Точно е дека Македонија не е имуна на корупција, но, која земја е имуна по објавувањето на проценката дека во земјите на Унијата корупцијата достигнала износ од 120 милијарди евра.  Треба да се има усул да се критикуваат другите кога критичките забелешки се однесуваат и на критичарот. Во оваа смисла чесно и здраворазумско е барањето на романската пратеничка Николај да се прекине со хипокризијата кон Македонија и од неа да не се бара тоа што не се почитува и во другите земји, па дури и членки на ЕУ. Затоа, за поздравување е и нејзината оценка дека во случајот на Македонија ќе се мери успехот или неуспехот на политиката на проширување на ЕУ. Наскоро ќе видиме колку тоа и’ е важно на Унијата. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?