ЌЕ СЕ ЛЕГАЛИЗИРААТ ДИВОГРАДБИ ГРАДЕНИ 10 ГОДИНИ: Еднаш законот не пројде, сега кројат нов
Објавено во: Економија 21 Јули, 2021
Во новиот закон за легализација кој сега го подготвува Министерството за транспорт и врски откако еднаш годинава под притисок на јавноста и откако утврди дека е неуставен, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот, ќе се опфатат објекти кои се изградени од март 2011 до пред јануари 2021 година, односно во последните десет години. Известувањето дека се прави законот веќе е поставено на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), како што потврди вчера и министерот за транспорт Благој Бочварски, но целосниот текст на законот како документ не е прикачен. Рокот за конечната верзија е 31 август годинава, а во неа треба да влезат сите коментари од правници, од невладини организации или од засегнати страни. Додека министерот уверува дека ќе се добие добро решение, јавноста не е убедена дали ова ќе биде закон коејнема да легализира објекти изградени со криминално стекнати пари, па и објекти со кои се прави нееднаковост и се дава амнестија на незаконски дејства, каков што беше законот претходно. Во објавата стои дека бесправно изградените објекти кои нема да ги исполнат условите за легализација по законот ќе бидат отстранети.
„Целта на законот е регулирање на статусот на бесправно изградени објекти кои се изградени пред 1 јануари 2021 година при што објектите кои ќе ги исполнат законските услови ќе се запишат во Катастарот на недвижности, а објектите кои нема да ги исполнат законските услови се предвидува да бидат отстранети, предвидува законодавецот.
Министерот Бочварски рече дека веќе два месеци разговарале со засегнати страни и уверува дека со новото законско решение целосно се отстранети сите слабости на се она што било забелешка и на асоцијациите и на граѓаните.
„Ние ги направивме сите консултации, почнувајќи од 25 мај до денес, веќе два месеци разговараме со сите засегнати страни, потоа законот ќе се дискутира и на седница на Влада, а потоа ќе оди во Собрание по редовна постапка и ќе се дискутира во Собрание, така што сметам дека преуранети се сите дискусии и не би сакал пред да се објави законот да дискутирам за кое било прашање, не заради тоа што нешто криеме туку заради тоа што сметаме дека треба да излезе во процедура, а потоа да можеме член по член да дискутираме за овие законски одредби и постапки – рече Бочварски.
По стартиот закон кој се однесува за легализација на бесправно изградени објекти до 3 март 2011 година моментно се чека изгласување на нов рок за легализација кој е продолжен до 2026 година.
Владата на крајот на мај донесе одлука за повлекување на Предлог-законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти и најави изработка на нов предлог-закон. Претходно претседателот Стево Пендаровски на 14 мај го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, дека одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Пендаровски сметаше дека законот беше неуставен.
„Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт. Убеден сум дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние кои не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. Стимулирањето на непочитувањето на правните прописи нанесува трајна штета на сите напоринашата држава да ја изградиме како демократска држава заснована врз владеењето на правото и почитувањето на правата и слободите на човекот и граѓаните, напиша Пендаровски.
А.Т.
фото МИА
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.