28 Ноември, 2024
0.0514

Кога е доста?

Објавено во: Анализа 06 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Голем број луѓе кај нас жалат за тоа што се случувало во минатото. Се поставува прашање дали тоа било така затоа што нашите родители имале повеќе приходи или помалку расходи. Веројатно доколку ги прашате ќе ви кажат дека тогаш имале повеќе пари за трошење. Сепак, поверојатен одговор е дека тогаш имале помалку работи на кои можеле да ги трошат парите.

Интересно, денес постојат нешта што до пред 30 години не ни постоеле. Како на пример, сметка за мобилен телефон или, пак, сметка за интернет, радиодифузна такса и плус сметка за телевизија, избор на 100 вида чоколадо... Кога сме кај чоколадото и во контекст на темата, да ја кажеме приказната за Владе Дивац. Кога овој денес веќе легендарен пензиониран кошаркар стигнал во Америка, првата работа што сакал да ја направи е да си купи чоколадо. И влегол во продавница... Можете да го замислите цивилизацискиот шок што го доживеал. Ја разбирате поентата. Капитализмот и пазарната економија ни донесоа огромен избор на работи што не сме ни ги имале и ни овозможија побрзо да стигнуваат кај нас. Менување на стандардите Сепак, паралелно со овие позитивни случувања започна и процес на менување на стандардите на тоа што значи некој човек да е успешен. Секој човек за себе создава ментална слика за тоа каков сака да биде во иднина, креира проекција, која во основа му ги диктира одлуките што во текот на животот ги носи. На создавањето на таа слика влијаат медиумите, семејството, пријателите, родителите и многу други фактори што свесно или несвесно ни влијаат. Социјалните стандарди, за жал, се поставени на таков начин што успехот се одредува врз основа на материјалните постигнувања и се покажува преку изложување на тие материјални симболи. Замислете ги притисоците што ги чувствуваат родителите за да им обезбедат на своите деца се што посакуваат. И оваа година во весниците се пишуваше за тоа како има семејства што земаат кредит за на своите деца да им направат матура. И оваа година на секој чекор можевме да видиме матурски прослави што повеќе личат на луксузни свадби, наместо да бидат скромна прослава за некој што направил нешто што, ете, денес е пропишано со закон. За потоа да мора да се земе кредит за детето да оди на факултет, бидејќи нормално денес сите го прават тоа. И не само матурските, промените на начинот на кој функционираме направија семејните прослави на родендени на помалите деца да ги замениме со забави на кои има по 50 луѓе (што многу малку ги гледаме во годината) во игротеки, кои го заменија традиционалното место за прослава. Значи, целокупниот начин на функционирање на семејството и неговите вредности се променети. Мора да се има најновиот ајфон, најновиот таблет, најновата гарнитура... Иако трошењето е одлична работа, во основа тоа ни помага да се развиваме како економија, некогаш мора да направиме еден ресет и да размислиме колку тоа трчање ни носи добро лично на нас. Модерното општество создава робови Несвесно луѓето стануваат робови. Она што многумина не успеаја да го направат, успеа да го направи модерното општество. Стандардите на живеење што сите тежнееме да ги достигнеме, всушност не прават модерни робови. Како поинаку да се нарече човек што има 20 дена одмор, работи по 10 часа во денот и постојано зема нови кредити за да купува работи што ќе му ја подобрат менталната слика за тоа што тој смета дека е добро. Нема ништо лошо во тоа да купувате, но дали е можеби потребно да си поставите неколку прашања пред да го купите, на пример, новиот ајпад. Зошто го купувам овој производ? Дали ми е основно средство за работа, не можам ли без него нормално да функционирам или можеби го купувам едноставно затоа што сакам да го имам и дека во еден момент ќе се чувствувам подобро со него. И за секој друг нов преплатен производ, запрашајте се пред да го купите зошто го правите тоа. Постојано сме подложни на разни манипулации, свесни и несвесни, од големите компании. Тоа им е работа, тоа и треба да го прават, бидејќи нивната цел е да имаат што поголем профит и тоа е сосема легитимно и оправдано. Сепак, можеби некогаш на мир треба да си ги ревидираме нашите цели и работите што не прават среќни. За крај, една кратка приказна. Замислете млада брачна двојка, која има месечен приход по 30.000 денари, стан што е речиси отплатен и потоа два начина на размислување за иднината. Варијанта еден е да работат најмногу што можат, да штедат, да ги следат социјалните норми, да земат нов кредит за да му купат стан на своето детенце и да се радуваат што ќе отидат 10 дена некаде на одмор. Секако, по пат да се обидуваат да ја следат технологијата и да се обидат да ги исполнуваат желбите на сите. Или, пак, варијанта два, едно поинакво гледање на работите. Главен приоритет да не биде материјалното, туку да се постават нови вредности, кои ќе ги всадат во новите поколенија. Да му се обезбеди вистинско квалитетно образование, кое потоа ќе му обезбеди висок квалитет на живеење и без да има обезбедено живеалиште од родителите. Замислете да можеме да создаваме поколенија, кои ќе се обидуваат да бидат успешни не за парите, туку затоа што ќе го прават тоа што го сакаат. Апсурдно, токму најбогатите луѓе денес имале сосема спротивни вредности од најголемите купувачи на нивните производи. Најголемите претприемачи на новиот милениум Стив Џобс и Риџард Брансон се растени во целосно различен дух од она што е стандард. А кога детето ќе биде способно да се бори само, тогаш кога ќе треба да одите во пензија ќе си ја продадете куќата и ќе шетате низ Европа, а парите што ќе ви останат ќе ги уплатите како доживотна рента некаде и нема да ви биде криво зашто на синот не сте му купиле стан, бидејќи тој ќе може да си купи два. Но за ова да може да се случи, потребно е да имаме и опкружување во кое вака воспитаните деца ќе успеваат. Во спротивно, и тие ќе бидат гневни на своите родители зашто не им оставиле стан или не им нашле државна работа. Милан Димитриоски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.