26 Април, 2024
0.0329

Кога исклучокот ќе стане правило – се руши системот!

Објавено во: Колумни 24 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Најавите за  изедначувањето на условите за инвестирање меѓу домашните и странските инвеститори во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), врз основа на погодностите и олеснувањата што им се даваат на странците, се доживува како нешто револуционерно, па и пресудно за идниот развој на земјата. Но, дали е тоа така или само тоа изгледа така, доколку површно се гледа. Стимулациите се навистина мотивирачки. Постојат даночни (ослободување од данокот на добивка и од персонален данок) и царински олеснувања. Од државната каса се издвојуваат и дел од средствата за обука и усовршување на вработените. Земјиштето го користат со симболичен надомест. Странците не плаќаат комуналии за приклучок на гасовод, канализација и водовод, не плаќаат за уредување на градежното земјиште и тн. Од државната каса им се плаќаат и до 500.000 евра за изградба на градежни објекти според определени критериуми. Финансиските стимулации се очигледни. Меѓутоа, тие се даваат, односно треба да се даваат со намера во нив да се привлечат инвестиции , но не било какви. Имено, ТИРЗ  се формираат „заради развој на високо пропулзивни и современи технологии, со воведување на економски профитабилно производство и ефикасна употреба на ресурсите со примена на највисоки еколошки стандарди“. Значи, станува збор за „исклучок“ од функционирањето на единствениот пазарен простор, заради остварување на цел која, инаку,  не може да се оствари само со сопствени сили. Впрочем, откако постојат слободни економски зони  тие се наменети за  привлекување на фирми со технолошко напредни  процеси кои, земјите кои ги отвораат, не се во можност да ги остваруваат, а тие се неопходни за забрзување на економскиот раст. Во овој контекст, очигледно, проблематично е посакуваното изедначување на домашните и странските инвеститори во технолошко-индустриските развојни зони. Нема сомнение дека сметањето е точно, ама сметката е нецелосна. Таков развој на настаните е неприфатлив, а ако се пристапи кон негово реализирање може да биде разорен. Инсистирањето- „условите за исклучокот“ да станат услови и за секој бизнис што можат да го покренат домашните инвеститори ќе го сруши постојниот систем. Секако, не е проблем на новите инвеститори да им се одобрат услови како и на странските инвеститори. Меѓутоа, проблем е што ќе се случи со веќе постојните капацитети на сопствениците кои би добиле поповолна можност за инвестирање во ТИРЗ ? Ако во моментот се борат само за преживување, пазарната логика ќе ги натера  да ја запрат работата во нив и капиталот да го преселат  во зоните. Јасно е што ќе се случи ако повеќето тргнат по тој пат. Ќе се редеуцираат можностите за финансирање на општите потреби (државни, заеднички, инвестициони). Некој ќе рече дека преминот не ќе можат да го остварат сите, бидејќи производството  во зоните треба да биде, претежно,  наменето за извоз. Меѓутоа, замислете тоа да го направат само бизнисмените кои до 2010 година извезуваа околу 1,5 милијарди евра (ги апстрахираме  извозните резултати во последните три години, кои се резултат на фирмите во ТИРЗ). Последиците ќе бидат разорни за финансиската стабилност на земјата. Од овој аспект, очигледно е дека станува проблематична  и офанзивата за отворање на што повеќе ТИРЗ и за привлекување на што поголем број странски инвеститори за производство на стоки и услуги, кои или веќе се произведуваат во земјата или би можеле да се произведуваат, доколку се подобри нивната ценовна конкурентност. Не би требало да има проблеми ако странските производители во зоните го извезуват сето производство, а артиклите не се произведуваат во земјата. Проблеми ќе настануваат кога дел од него ќе почнат да го пласираат и на домашниот пазар. Се разбира, притоа, ќе дојде до израз повисоката конкурентност во однос на домашното производство, поради претходно обезбедените поповолни услови во инвестирањето. Што би се рекло- со наш камен по наша глава. Од ова произлегува дека контрапродуктивни се напорите условите за инвестирање и работење на домашните инвеститори да се изедначат со странските во ТИРЗ . Условите за „исклучокот“ не може успешно да се имплементираат како правило и за едните и за другите, бидејќи  на тој начин се загрозува целината. Се создаваат дисторзии кои ќе ги нарушат пазарните односи во земјата меѓу постојните производители  и потенцијалните во овие зони.  Ова не смее да се превиди. Јасно е дека странски директни инвестиции се неопходни за побрзо да се решаваат проблемите со невработеноста и сиромаштијата. Меѓутоа, прашање е веќе дали тоа да се прави  со такви погодности  и олеснувања на странците за широк обем на производствени и услужни дејности (финансирани од заедничката каса која ја полнат, пред се’, домашните бизнисмени) кои ги загрозуваат домашните производители и ги тераат да бараат решенија кои не носат добро, па во немоќ да се изборат за вистинско решение, тие тропаат на погрешна врата. А одамна е познато дека друг е патот за надминување на неповолните услови за инвестирање на домашните бизнисмени. Ако исклучоците не можат да станат правило, треба да се создадат правила во кои ќе постојат и исклучоци, но кои нема да го нарушуваат системот, бидејќи ќе се поттикнува нешто што самите, поради техничко-технолошка неразвиеност, не сме во состојба да го развиваме.  Тоа значи дека треба да се создадат услови за инвестирање кои  треба да важат за сите други инвеститори (и домашни и странски). Притоа, тие треба да бидат на ниво кое обезбедува ценовна конкурентност и на домашниот и на странските пазари, бидејќи набрзо ќе се исцрпат можностите за одобрување на погодности и олеснувања за инвестирање. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД