06 Мај, 2024
0.0246

Кои финансиски трансакции се сомнителни?

Објавено во: Колумни 12 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Субјектите кои се занимаваат со перење на пари спаѓаат меѓу поинтелигентите криминалци. Најчесто тие добро ги познаваат законите кои ги регулираат финансиските прашања и тоа како на национално, така и на меѓународно ниво. Познавајќи ги законските прописи, тие многу добро знаат дека трансакциите извршени над одреден лимит подлежат на пријавување до органот надлежен за нивна анализа и обработка. За да ја скријат својата трага и да не станат предмет на анализа (и евентуална) истрага од страна на надлежните органи, криминалците применуваат одделни техники со кои се обидуваат да го избегнат известувањето за готовинските трансакции извршени од нивна страна. Една од најпознатите техники е т.н. структурирање на трансакцијата. Структурирање претставува поделба (дробење) на една готовинска трансакција на повеќе помали готовински трансакции. Структурирањето може да се изврши на два начини: поделба на една готовинска трансакција на повеќе помали трансакции и нивно извршување преку една финансиска институција и поделба на една готовинска трансакција на повеќе помали трансакции и нивно извршување преку повеќе финансиски институции. Структурирањето на трансакцијата преку една финансиска институција е полесно за криминалците, но истовремено и поопасно од нивна гледна точка. Имено, доколку комитентот во повеќе наврати уплаќа износи кои се малку под лимитот за пријавување, финансиската институција е должна на тој комитент да му посвети посебно внимание. Честата уплата на готови пари во износи кои се нешто помали од прагот за пријавување мора да претставуваат јасен индикатор за финансиската институција дека во деловните односи со тој комитент има нешто сомнително. Во такви ситуации финансиската институција е должна да ја провери конзистентноста на тие сукцесивни уплати со природата на деловната активност на комитентот, изворите на готови пари до кои истиот дошол, причините за сукцесивните уплати во износи блиску до лимитот за пријавување итн. Сомневањето дека се работи за нелегална активност во такви ситуации е многу често присутно. Структурирањето на трансакциите преку повеќе финансиски институции многу потешко се открива. Имено, во овој случај криминалците ја делат готовинската трансакција на помали трансакции, а потоа истите ги извршуваат преку повеќе банки и штедилници. Уште повеќе, различните мали трансакции се извршуваат од страна на различни субјекти кои на прев поглед не се поврзани помеѓу себе. Во таква ситуација, одделна финансиска институција скоро ништо не може да направи. Главната улога кај структурираните трансакции кои се извршуваат преку повеќе банки или штедилници мора да ја имаат државните и супервизорските органи. Со оглед на тоа што кај овие органи доаѓаат податоци и информации од повеќе институции, истите се должни да ги централизираат, обработат и анализираат. На тој начин тие можат да дојдат до сознание дали еден или повеќе субјекти извршиле структурирање на трансакцијата и на тој начин го избегнале доставувањето на извештај од страна на финансиските институции. Доколку структурирањето се докаже, горе наведените органи ќе ги третираат извршените трансакции како сомнителни и ќе преземат соодветни мерки во рамките на своите надлежности. Структурирањето на трансакциите е тесно поврзано со лимитот (прагот) кој претставува долна граница за поднесување на извештаи за поединечни или поврзани готовински трансакции. Доколку тој праг е поставен ниско, автоматски се зголемува бројот на сомнителни (или структурирани) трансакции. На пример, ако лимитот е 15.000 ЕУР, неколку континуирани уплати од 14.500 ЕУР извршени во различни денови можат да се сметаат како структурирани, односно сомнителни трансакции. Зголемувањето на сомнителните трансакции значи дополнителен напор за банките и штедилниците во смисла на дополнително испитување на бонитетот и интегритетот, пократки рокови за известување, евентуално замрзнување на средствата итн. Посебно внимание на поставувањето на прагот за известување треба да биде посветено во земјите во кои циркулира голема маса на пари во оптек (cash intensive economies). Доколку се сака да се намали масата на пари во оптек, прагот ќе биде поставен на релативно ниско ниво. Во тој случај субјектите кои работат со готови пари имаат две опции: да го внесат вкупниот износ на готови пари еднократно и да бидат пријавени за извршена поединечна готовинска трансакција или да извршат структурирање на трансакцијата, па да бидат пријавени за извршена сомнителна трансакција. Со оглед на тоа што и во двата случаи се зголемува бројот на извештаи што се доставуваат до надлежните органи, а со тоа се намалува нивната ефикасност, тие земји мора добро да размислат и да направат оптимален избор помеѓу големиот број на извештаи и извештаите кои навистина придонесуваат во борбата со перењето на пари. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина