20 Септември, 2019
0.0164

Кои финансиски трансакции се сомнителни?

Објавено во: Колумни 01 Април, 2019

Општа карактеристика на сомнителните трансакции е дека тие се разликуваат од „нормалниот" начин на користење на сметката и извршување на трансакциите. Секоја комплексна или невообичаено голема трансакција - проследена со отсуство на било каква економска или правна оправданост за нејзиното извршување – може да претставува доволен индикатор за финансиската институција да се посомнева дека нешто не е во ред.

Меѓународните организации коишто се занимаваат со спречување на перењето пари посочуваат повеќе индикатори (red flags) за препознавање на сомнителните трансакции. Иако постојат различни видови на групирања на овие индикатори, сепак најчесто истите се делат на индикатори коишто се однесуваат на клиентот и индикатори коишто се однесуваат отворањето на сметката и извршувањето на трансакциите.

Се чини дека индикаторите кои што се однесуваат на клиентот и неговото однесување се најсубјективни, па како такви и најтешки за имплементација во практиката. Кај сите други групи индикатори постојат одредени пишани документи чијашто веродостојност може да се утврди. Индикаторите коишто се однесуваат на клиентот содржат субјективни карактеристики за коишто е тешко да се заземе единствен став. Имено, дел од индикаторите коишто се однесуваат на клиентите се однесуваат на нивното однесување, степенот на запознаеност со прописите коишто го регулираат спречувањето на перење пари, психолошките карактеристики итн. Со оглед на тоа што не постојат пишани документи за субјективните карактеристики на клиентите, сѐ е сведено на перцепцијата на службеникот на финансиската институција којшто го остварува непосредниот контакт со клиентите. Перцепцијата кај различните службеници е различна (што е сосема нормално), па така може да се случи еден службеник да оквалификува нечие однесување како сомнително, а друг службеник да го оквалификува истото однесување на клиентот каконешто сосема нормално. Притоа, конкретната финансиска институција, па и супервизорските органи, не се во состојба да го обвинат ниту едниот, ниту другиот службеник за (не)реагирањето во одделни ситуации. Со оглед на тоа што дел од индикаторите коишто се однесуваат на клиентите овозможуваат различно толкување, се чини дека останува на добрата волја на финансиската институција и нејзините вработени дали одредена активност или однесување на клиентот ќе бидат третирани како сомнителни или не.

Што се однесува до отворањето на сметката, тука веќе сите индикатори имаат објективни карактеристики. Клиентот е должен да ја поднесе целокупната документација до финансиската институција од која што ќе може да бидат утврдени неговиот идентитет, бонитет и интегритет. Доколку клиентот одбие да ја презентира бараната документација, (или дел од неа) или пак нема основни познавања за дејноста во која работи, финансиската институција има доволно индиции таквото однесување да го третира како сомнително.

Индикаторите коишто се однесуваат на извршувањето на трансакциите, исто така, имаат големо значење. Покрај економската и правната оправданост на трансакциите (која во одредени случаи тешко може да се процени), посебно внимание заслужува анализата на начинот на работа на клиентот. На пример, секој клиент настојува да ја изврши трансакцијата со најниски трошоци и најмала провизија. Доколку клиентот не е заинтересиран за висината на трошоците при извршувањето на трансакцијата, тоа може да биде индикатор дека има нешто сомнително. Трансакциите коишто се неконзистентни со претходните вложувања или повлекувања или трансакциите за коишто не постои објаснување за економската активност,исто така, можат да претставуваат пример за сомнителни трансакции.

Финансиската институција мора да биде заштитена од одговорност за евентуалната нанесена штета на трети лица со доставувањето на извештаи за сомнителни трансакции. Известувањето до органот надлежен за обработка и анализа на извештаите не значи кршење на деловната тајна и довербата што треба да ја има финансискатата институција со нејзините комитенти. Се разбира, овие извештаи се поднесуваат единствено во функција на спречувањето перење пари.

Притоа, се поставува прашањето за улогата на финансиската институција во поглед на доставувањето извештаи. Дали тие треба да бидат претворени во полицајци и да бидат ставени во улога на докажување на перењето пари, или пак, извештајот е само статистичка категорија со која се известуваат надлежните органи за отворањето сметки, извршувањето на трансакции и сл. Во најголем дел од случаите, финансиската институција нема докази дека средствата коишто се вложуваат или трансферираат потекнуваат од криминални активности. Финансиската институција може само да знае дали деловната активност е вообичаена и конзистентна со другите активности од тој вид или пак, тоа не е случај. Во секоја земја постојат органи кои се задолжени за испитување на изворот на средства на правните и физичките лица, нивното почитување на законските одредби и сл. Исто така, постојат органи кои се задожени за докажување на евентуалното перење пари и прогон на криминалците кои го вршат тоа перење. На финансиските институции им е доверена само превентивната, а не и истражната и репресивната улога. Затоа, секоја финансиска институција мора да се бори со перењето пари исклучително во рамките на своите законски овластувања.

 

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Нешто важно недостига во предлогот за оданочување на моторни возила

Нешто важно недостига во предлогот за оданочување на моторни возила

Какви последици остава перењето пари врз националната економија

Какви последици остава перењето пари врз националната економија

Чичко пушти летки

Чичко пушти летки

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Се подготвува сечење на „Доњецкиот јазол“

Дали регионалните разлики ги „јадат“ ефектите на минималната плата

Дали регионалните разлики ги „јадат“ ефектите на минималната плата