24 Март, 2019
0.2662
    ADIN 691    0%     ALK 8430.59    0.36%     GRNT 826.25    2.01%     KMB 5672.66    -0.24%     MKSD 211    -0.27%     MPOL 389    0%     MTUR 5030    -1.37%     RMDEN17 98    -0.28%     RZLE 18    -14.29%     STB 1180    -1.31%     STIL 112.87    -0.99%     UNI 2300.35    0%

Кои мерки во борбата со перење пари треба да се преземат на национално и институционално ниво?

Објавено во: Колумни 11 Март, 2019

Организираниот криминал и перењето пари имаат значително негативно влијание врз секоја национална економија. Организираниот криминал може да се инфилтрира во финансиските институции, да ја преземе контролата во значајни економски сектори по пат на инвестиции или да влијае врз порастот на стапката на корупција. Ваквото негативно влијание на криминалните групи задолжително доведува до ширење на девијантните појави во општеството и парализирање на демократските институции на системот.

Од тие причини, на ниво на држава мора да бидат преземени ефикасни мерки за сузбивање на организираниот криминал и перењето пари. Тие мерки имаат за цел зголемување на свеста на државните институции и приватниот сектор и креирање соодветни инструменти за борба со горе наведените криминални активности. Во делот на перењето пари, дел од овие мерки вклучуваат дефинирање на истото како криминален чин, овозможување на истражните органи извршување на активности во вид на замрзнување и конфискување на нелегално стекнатите средства и градење на правна рамка којашто ќе овозможи ефикасна национална и меѓународна институционална соработка.

Ако се анализираат активностите коишто се преземаат на микро ниво, односно на ниво на една финансиска институција, тука можат да се наведат цел сет на мерки и дејствија коишто се преземаат од страна на овие субјекти во борбата со перењето пари. Сепак, за поедноставување на работите, а во функција на целите на оваа анализа, накратко ќе се задржиме на потеклото на средствата коишто се внесуваат во финансиските институции и економската оправданост, односно логика на трансакциите коишто се извршуваат преку овој тип на институции.

Со други зборови, секој клиент на финансиската институција треба да има разумно, логичко и веродостојно објаснување од каде потекнуваат неговите пари и зошто сака да изврши одредена трансакција.

Постоењето на Закон за потекло на имотот и соодветната примена на неговите одредби во значителна мера би ја зголемила ефикасноста на институциите во борбата со организираниот криминал и перењето пари. Ова е стар проблем кој со години се дискутира во стручната јавност, меѓутоа нашата земја сеуште не донела посебен закон со којшто би се детерминирале легалните облици на стекнување имот на правните и физичките лица, формите на пријавување на тој имот и институциите кај коишто се пријавува стекнатиот имот. Нормално, со тој закон би се дефинирал и типот на институции коишто ќе бидат задолжени за испитување на потеклото на имотот.

Во моментов, финансиските институции вршат проверка на изворот на средства и изворот на богатство на своите клиенти врз основа на одредбите содржани во меѓународните стандарди и националната легислатива. Сепак, постоењето на посебен Закон за потекло на имотот во значителна мера би ја олеснила работата и на финансиските институции во овој домен, затоа што надлежните државни органи во рамките на своите законски овластувања, би ја вршеле контролата на начинот на стекнување на имотот и легалноста на таквото стекнување.

Што се однесува до утврдувањето на економската оправданост на трансакциите коишто се извршуваат преку финансиските институции, треба да се истакне дека не е секогаш едноставно да се утврди дали одредена трансакција е вообичаена или невообичаена. Институцијата е должна да ја прибере целокупната потребна документација којашто е поврзана со трансакцијата, со цел да утврди дали истата е конзистентна со дејноста и финансиската состојба на клиентот. Исто така, финансиската институција ќе провери дали тој клиент вообичаено извршува трансакции коишто по обем, износ или дестинација се вообичаени за клиентот. Па сепак, во одредени ситуации можат да останат дилеми во поглед на економската оправданост на трансакцијата, по што финансиската институција треба задолжително да ја утврди потенцијалната (не)сомнителност на таа трансакција.

Јасно е дека перењето пари претставува едно исклучително комплексно прашање и дека борбата со ова финансиско зло на денешницата мора да се води на перманентна основа. Во таа борба се вклучени сите – и државните институции, и приватниот сектор (вклучително и финансиските институции) и секој од нас што се јавува во својство на клиент на финансиските институции. Тоа е единствениот начин да се дојде до креирање на ефикасен систем за заштита од перење пари на национално и институционално ниво.

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Назарбаев – идејниот татко на Евроазиската унија, замина за да остане

Назарбаев – идејниот татко на Евроазиската унија, замина за да остане

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Дунек ни за лек!

Дунек ни за лек!

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Изгледи за светската економија во годината на свињата

Изгледи за светската економија во годината на свињата