02 Мај, 2024
0.0250

Кои се десетте најголеми зделки кои лани во Македонија ги направија државните институции?

Објавено во: Анализа 15 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Кварталниот извештај за јавните набавки во земјава, што редовно го изготвува Центарот за граѓански комуникации покажува фрапантни податоци. Елем, Владата и Градот Скопје лани ги платија најскапите договори. Најголемиот договор за јавна набавка во 2012 година го склучила Државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ, и тоа во вредност од 53,3 милиони евра. Предмет на оваа набавка е услуга за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во јагленовото наоѓалиште „Брод – Гнеотино“, РЕК Битола, со дисконтинуирана технологија и во ориентациска количина од 11.000.000 m3. Во постапка со преговарање со претходно објавување оглас, ЕЛЕМ добил четири понуди од економските оператори, а договорот го склучил со Друштвото за градежништво и услуги „Пелистер“ – Битола ДОО. Договорот е склучен во мај 2012 година, во времетраење од 24 месеци. Ова го покажува Извештајот за четвртиот квартал во 2012 година, од мониторингот на јавните набавки во Македонија, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации. Вториот по големина склучен договор за јавни набавки во 2012 година во износ од околу 20 милиони евра е на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија за изведување градежни и градежно- 3анаетчиски работи за изградба на административен објект: Државни институции - Jавна администрација и Факултет за драмска уметност. Локацијата предвидена за изградба на објектот се наоѓа во централното градско подрачје, на локалитетот Мал Ринг, во општина Центар. Објектот припаѓа на градба од прва категорија. Површината за градење изнесува 2.126 метри квадратни, а вкупно изградената површина на објектот изнесува 19.134 метри квадратни. Максималната дозволена висина до завршен венец на објектот изнесува 25 метри должни. Во ограничена постапка Владата склучила 20-месечен договор со Градежната компанија „Гранит“ АД Скопје, која е еден од двата понудувачи на тендерот. Со склучениот договор од 19,2 милиони евра во јануари минатата година, Државните електрани на Македонија се позиционираат на третото место на листата на 10 најголеми договори за јавни набавка за 2012 година. Во постапка со преговарање со претходно објавување оглас за ископ на јаловина и јаглен од свлечиштето на Микролокација - 3 во рудникот Суводол – РЕК Битола, со дотур на јаглен до ТЕ Битола, со дисконтинуирана технологија според дополнителниот рударски проект. ЕЛЕМ на овој тендер добил 6 понуди, а договорот го склучил со Транс Мет ДОО од Скопје, со времетраење од 36 месеци. Оправданоста за изборот на постапката со преговарање со претходно објавување оглас ЕЛЕМ ја објаснува со законската основа дека доколку во претходниот тендер не е пристигната ниту една прифатлива понуда, постапката мора да се поништи. Според истиот Извештај, за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот август 2012 – август 2014 година за потребите на населението на Македонија, Министерството за здравство, преку отворена постапка во септември минатата година, склучило двегодишен договор со „Реплек“ АД, вреден над 14,6 милиони евра, во конкуренција на уште седум понудувачи. На петтото место според висината на договорот се наоѓа Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија, преку склучувањето на договорот од над 13,5 милиони евра со градежната компанија „Бетон“ АД од Скопје, за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за изградба на објект Државни институции - Јавна администрација, на улица „Македонија“ бб во Скопје, согласно со Предмер и Проект кои се составен дел на тендерската документација. Преку отворена постапка, Службата за општи и заеднички работи на Владата добила три понуди. За изградба на катна гаража на улица „Даме Груев“,кон крајот на ноември минатата година, Градот Скопје склучил договор со АД „Бетон“ вреден 12,7 милиони евра, во конкуренција на уште два понудувачи кои учествувале во ограничената постапка. АД Електрани на Македонија, за набавка на светли деривати („еуро дизел“ и „еуро супер“ 95 БС) преку отворена постапка добило 4 понуди, а едногодишниот договор го склучило со компанијата за трговија на нафтени деривати и услуги, „Лукоил Македонија“ ДООЕЛ Скопје, вреден 12,5 милиони евра. На осмото место на листата објавена од Центарот за граѓански комуникации е договорот вреден 10 милиони евра,  склучен на 31 август, лани меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ ДОО од Скопје за одржување хигиена на работни простории и дворни површини, за тековно одржување на објектитe, за обезбедување и ПП заштита на објектитe, за дактилографски услуги и оперирање со ТТ централи во органите на Државната управа. Фирмата со која е склучен договорот во период од 3 години (од 01.09.2012 год. до 01.09.2015 година) била единствен понудувач на тендерот спроведен преку отворена постапка. Агенцијата за електронски комуникации, пак, преку отворена постапка минатата година набавила софистицирана мерна електронска опрема (интегриран систем за мониторинг на радиофреквенции) и оперативна поддршка, асистенција и одржување. Од трите добиени понуди, Агенцијата го потпишала договорот со времетраење од 52 месеци со ТЦИ „Интернационал“ од САД, во вредност од 9,6 милиони евра. На последното место на листата на 10 најголеми договори склучени во 2012 година е договорот меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и градежната компанија „Бетон“ за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за изградба на подземно паркиралиште на локалитетот Мал ринг во Скопје, со бруто развиената површина за градба од 21.770 метри квадратни. Преку ограничена постапка за овој тендер биле добиени 2 понуди. Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад