Добивај вести на Viber
Хеџ фондот на милијардерот Пол Е. Сингер има само 300 вработени, но успеа да ја принуди Аргентина, нација со 41 милиони жители, во позиција во која неизбежно размислува да потпише капитулација, пишува „Њујорк тајмс“.
Елиот менаџмент капитал на Сингер е еден од двата фонда кои не ги прифатија условите за реструктурирање на аргентинскиот долг и ја втурнаа земјата во банкрот. Аргентина вчера не успеа да ги исплати доспеаните државни обврзници, иако има пари за тоа, затоа што судот во САД и забрани на земјата да врши исплати кон сопствениците на обврзниците додека претходно не ги подмири своите обврски кон фондот.
Аргентинската Влада сега се соочува со тежок избор - или да се обиде да ги обнови преговорите со фондовите кои во неколку наврати ги нарекува „крвопијци“ и „мршојадци“ и кои со години не прифаќаат ништо освен целосна исплата, или да остане заробена во банкрот што може тешко да се одрази на нејзината кревка економија.
Како хеџ фонд, притисокот на Елиот Менаџмент врз Аргентина произлегува од желбата за заработка. Фондот ги купил аргентинските државни обврзници далеку под нивната вистинска вредност, а сега инсистира само на целосна исплата. Пресметките покажуваат дека Елиот Менаџмент поседува арегентински обврзници во вредност од 170 милиони долари, а повеќето од нив биле купени за многу помалку пари. Сега Елиот и други инвеститори од Аргентина побаруваат повеќе од 1,5 милијарди долари, вклучувајќи ги и неплатените камати за неколку години.
Аргентина банкротира – вторпат за 13 години!
Сепак, според Њујорк тајмс, постои и своевиден крстоносен поход во оваа битка што ги открива погледите на сопственикот на Фондот, 69-годишниот Сингер - донатор за републиканците во САД, но со либерални сфаќања. Тој често јавно зборувал за ситуации во кои Владите и компаниите ги прекршуваат правата на кредиторите и се залагал за искоренување на оваа појава.
„Тој не влегува во борби и само заради борбата. Тој длабокот верува во владеење на правото и во тоа дека слободниот пазар и слободните општества зависта од тоа да го спроведуваат владеењето на правото“, вели неговиот соработник Даниел С. Лоеб.
Ова убедување резултирало со креативни законски тужби, кои на Елиот му донеле големи финансиски придобивки. Од основањето на фирмата во 1977 година, таа остварува редовен годишен поврат на вложените средства од 14%. Во еден момент од спорот со Аргентина, Елиот успеал преку судски спор во Гана да заплени аргентински државен брод кој бил закотвен во таа земја. Бродот потоа бил ослободен и им бил вратен на аргентинските власти.
Не е јасно дали Елиот сега очекува Аргентина сепак да ги исплати побарувањата. Фирмата успеа да обезбеди исплата од Перу и Конго-Бразавил во слични спорови. Поддржувачите на овој фонд нагласуваат дека Елиот Менаџмент тужи држави и државни компании само за мал дел од средствата во своеот портфолио и оти фондот не врши притисок врз земји кои очигледно не можат да ги исплатат своите долгови. Ситуацијата со Аргентина е поинаква, велат тие, затоа што се работи за должник кој има пари но не сака да си ги подмири долговите.
Сопственикот на фондот, Сингер, не одрекува дека целта е да и се даде своевидна лекција на аргентинската држава.
„Замислете колку многу капитал би можела да привлече земја како Аргентина, доколку наместо запоставување на обврските и напад на кредиторите, се одлучи да позајмува разумно и да си ги исплаќа долговите“, рекол Сингер во едно интервју во 2005 година.