19 Април, 2024
0.0252

КОЈ ТОА, ТАМУ „ПЕЕ“? - ОД ЕУФОРИЈА ДО ОМРАЗА

Објавено во: Колумни 28 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Во  еден  календарски  месец,  спортска Македонија, два пати се искачи на европскиот трон. После фантастичниот успех на ракометниот клуб  Вардар, кој  ја покори ракометна Европа, овој пат младиот Бесир Алили, стана европски шампион во борење, во кадетска  категорија.  Во длабоко етнички поделено општество, кое своевремено преживеа и воен конфликт, помеѓу двете доминантни етнички заедници, спортот донесе излив на емоции, неизмерна радост и гордост, исполнета со чувство на триумфализам. Прекрасната  атмосфера на плоштадот „ Македонија“, при пречекот на европските ракометни шампиони, беше расипана од националистичките и шовинистички „ пеења “ и скандирања на помалубројна група на „ навивачи“. Примитивните, националистички  повици за „ чиста Македонија“ ( не исчистена од енормното ѓубре, или загадениот воздух), туку етнички, и повикот за смрт „ мртов Ш**тар, добар Ш**тар“ ( недореченоста во македонското законодавство - го прави ова неказниво дело), фрлија  дамка на брилијантната  спортска  победа. Со право, сограѓани Албанци, реагираа на овие „ избливи“ на долен, срамен и  нецивилизиран однос од  „ малата група навивачи“. Сепак, се поставува  прашањето  дали истите „ згрозени и навредени“ сограѓани Албанци, исто реагираат кога друга „ мала група навивачи“ , од нивната етничка заедница  скандираат „ македонско девојче ку**а шарена“, или  монструозното „ пеење“ за  најголемата  музичка  легенда во македонската меморија, Тоше Проески, за кое е толку морбидно, бизарно и одвратно, што не заслужува ни да се спомене „ скандирањето“.

ПАТОТ  ДО УСПЕХОТ Е ТЕЖОК, НО ЗА НАС И ДРУГ ПАТ – НЕМА

Зошто, пристојните, цивилизирани, неоптоварени граѓани на оваа  етнички шаренолика земја,  се потиснати од простачките и под секое човечко достоинство  навивачки „пејачи“ од двете етнички заедници, т.е од македонската и албанската, и поради тоа се создава слика и привид  дека „ сите се такви“, и сите  се полни со омраза, и  ја блујат истата? Како држава, која претендира да се интегрира во големото европско семејство, Македонија мора да го смени својот општествен модел на поведение, односно од  колективно етноцентрична, да се изгради во функционална граѓанска држава, земја во која граѓанинот ќе има права, но и обврски, без оглед на неговата етничка, религиска, јазична, политичка, или било каква припадност. Колективизацијата на етничките права, ( институционално уредени со  Охридскиот рамковен договор – ОРД), се фелер во македонската  политичка и  институционална сфера.  Припадниците на немнозинските заедници, треба да ги уживаат своите политички,  јазични и културни права, како поединци-граѓани, а не како  процентуална бројка на етничка категорија на граѓани. Само така, и  преку тој единствен пат, неинституционално  федерализирана и етнички подвоена држава,  ( во два доминатни етнички блокови ), може да се изгради во еден унитарен супстрат, каде што владеењето на правото и законот ќе бидат подеднакви за сите.

МЛАДОТО ШАМПИОНЧЕ АЛБАНЧЕ, Е ГОРДОСТ МАКЕДОНСКА 

Најубавата  детска  насмевка,  широко „ распостелена“ под развиореното македонско знаме, државниот симбол на земјата која тој ја претставувал, и  од која постана европски кадетски шампион , на златното македонско момче Бесир Алили, надополнета со еуфоријата  во населбата Чаир, при неговиот дочек во  неговото родно маало, и искрените честитки, и радости споделени  и од етнички сограѓани Македонци, се само мал пример, дека „ плодна почва“, за изградба на тој  надетнички, граѓански и политичко  македонски ( во национално/ државна )  супстрат, можеби може да се изгради. Во тој амбиент, каде што секој  успешен  граѓанин,  без разлика дали е Македонец, Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин , Бошњак, или било кој припадник на друга етничка заедница, со пиетет, гордост и  највисока возвишеност ќе ги брани  црвено-жолтите бои на  етнички  шареноликата Македонија. Двата  спротиставени  и  по „ универзуми“ подвоени светови оние на граѓанската, модерната , шареноликата Македонија, и оние на  „ чистата “  ( од другите етноси), ќе водат и во иднина „ битка“ за превласт. Наше  е да се потрудиме,  не  да ги „ исчистиме“ тие кои ја сонуваат „ етнички чистата“ Македонија, туку да им укажеме и докажеме, дека  Македонија мора да се исчисти единствено од ѓубре, загаден воздух, корумпираност  и криминализираност. Мозаикот е убав кога е создаден од многубројни, комплементарни  и симбионизирани бои, кои меѓусебно се надополнуваат и вклопуваат, создавајќи уникатно ремек дело. Такво треба да е нашата Македонија. 


Благојче Атанасоски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок