06 Мај, 2024
0.0246

Кој е богат, а кој сиромав?

Објавено во: Колумни 20 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Сите сонуваме, за убави нешта.  Тоа се најчесто работи кои се недостижни, и кои на јаве ги посакуваме. Но дефинитивно повеќето од нас барем на момент помислиле  “како би ни се променил животот дококу имаме повеќе пари?”. Но за жал тоа не се случува. Ни останува да се задоволиме со тоа што го имаме, без разлика дали тоа е доволно за еден нормален живот, бидејќи повеќето и немаат друг избор. Други пак не застануваат, не се задоволуваат со малку, и упорно нешто прават.  Дел од нив работат чесно, други се служат со измами и манупалации, и на едните и на другите, парите им стануваат опсесија, постојано ги бројат и никогаш не се задоволни!. Колку имаат на конто, од тоа зависи нивната перцепција за задоволство и среќа. Не запираат, постојано се под стрес, притисок и напнатост и само повремено се смируваат кога моментално ќе дојдат до поголема сума на пари. Таквите секако се малку! Денес планираат да купат автомобил, утре веќе со мислите се за нов стан, потоа викендичка, нова комапaнија и така до бескрај. Постојано нешто им фали, иако во очите на повеќето луѓе веќе имаат премногу, а всушност тоа се луѓе кои не можат или не сакаат да живееат без притисок. Трупањето богатство само по себе им носи и главоболки, бидејќи и грижите се поголеми, но не запираат. Екстремно “упорните и успешните” често по години на успешен бизнис, трупање пари, зголемено его и полни гради суета, а желни по уште поголема моќ и слава ќе се впуштат во политика. Критериумите им се зголемуваат, и се почесто забораваат на големината на малите нешта, на семејството, пријателите. И тука се наметнува вечното прашање, кој е богат а кој сиромав! Што е она за што вреди да се живее. И која е вредноста на животот по поминати години. Дали вредноста на животот е во детските насмевки, спокојот и духовната исполнетост, или пак во скапиот автомобил, луксузна куќа и пари на сметка? Дилеми, дискусии, различни одговори колку сакаш! Сиромавите најчесто ќе речат “среќата не е во парите”, додека богатите “дека се е во парите”..итн. Во природата на човекот е да се брани, и да најде оправдување за секоја своја состојба, и токму затоа сите имаат свои приказни и примери. “Кој е богат, а кој сиромав” е прашање на кое пред да се одговори, треба секој индивидуално да погледне длабоко во својата душа и потоа да си даде искрен одговор. Вистината секогаш е во средината, во умереноста, во семејството, во личната сатисфакција, во мирниот сон! И тука сите сме различни. За некого семејството, спокојството се најважен извор на среќа и најголемо богатство, нешто незаменливо со ништо на светот, додека пак за други парите се репер дека успеале во животот, тоа им дава сигурност и чувство на задоволство. Парите и те како можат да го олеснат животот, некогаш да спасат живот и да овозможат многу други задоволства. Да не заборавиме и дека најубавите работи во животот како искрениот бакнеж, смеата, радоста во детските очи се бесплатни! Но, тешко дека човек кој крпи крај со крај во месецот, и кој нема ни за храна, може да си дозволи духовно да се надградува или пак да му плати образование на своето дете, и да ја задржи насмевката на своето лице. Парите се неопходни за нормален живот, за сигурност и слобода во изборот. Но, ако навистина сакаме да знаеме колку нашиот живот е исполнет, плоден и среќен зависи од тоа колку сме ги исполниле своите сништа,  бидејќи само тие се вредни, искрени и вистински! Ако парите помогнале тие да се остварат, тогаш сме навистина богати, но ако и покрај тоа што ги имаме, сме осамени, незадоволни, неспокојни тогаш џабе ни се! Живеј го својот сон, каков и да е тој! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина