22 Септември, 2020
0.0403

Кој е доктор Но во македонската правна регулатива?

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2020

Бидејќи веќе подолго време не следам телевизија, не знам како и каде погледнав неколку секвенции од изјавите на нашите политички лидери, после средбата кај претседателот Пендаровски. Лидерот на ДУИ рече дека сега треба да се слушаат „генералите“, а во овој случај тоа се епидемиолозите. Многу убаво кажано. НО, (Д-р Но, кај нас „секаде присутен во регулативата“, за да ја замени суштината на правната норма), но сите знаеме дека не е така. Што значи секој од нас може во одреден момент да биде „генерал“, но, за жал, неговото не е последно.

Ако епидемиолозите се „генерали“ во здравствената криза, претпоставувам дека „генерали“ во економската криза треба да бидат бизнисмени. Но, Д-Р НО е и тука за секој случај. И нормално, секогаш си сакал да откриеш кој е Д-Р НО.

1.   Прво, помислуваш на доктори (лекари), зошто тие се таму 30 години со најголеми политички амбиции. Откриваш дека Д-Р НО не е лекар, бидејќи покрај тоа што успеал да биде се` и сешто во нашиот систем не успеал да заседне само во центарот на моќта, а тоа е премиерскиот кабинет.
2.   Второ, помислуваш да не е Д-Р НО некој од професорите со титула д-р. Веднаш ја отфрлив констатацијата зошто тие пак не се заинтересирани со таква упорност во политиката како лекарите, бидејќи омилена реченица им е „ако не успеам во политиката ќе си се вратам на сигурно“, демек на факултетот. Тогаш зошто досаѓаат на политичките функции не ми е јасно. Веројатно не се шетаат како по Охридската чаршија.
3.   Трето, си мислам Д-Р НО да не е некој бизнисмен. Со „купена“ титула Доктор. Но тие повеќе купуваат „награди“, од некои анонимни здруженија со звучни титули.

Морам понатаму. Генералите на момент, (епидемиолози, бизнисмени, еколози, инженери), секогаш имаат прецизни барања, па политичарите првично во разговорите ги уважуваат и се однесуваат со респект. И „види чудо“, во завршните решенија, Д-Р НО, секогаш излегува победник.

„Д-р Но“ е првиот филм за Џејмс Бонд во 1962 година, базиран на романот на Ијан Флемингроман со исто име, во режија на Теренс Јанг, продуциран од Хари Салцмен и Алберт Р. Броколи, партнерство кое ќе се одржи 15 години до 1975 година.
Во филмот, Џејмс Бонд, (го глуми Шон Конери, заедно со Урсула Андрес како Хани Рајдер  и Џозеф Вајсмен како Д-р Џулиус Но), е испратен на Јамајка да ја истражи смртта на неговиот пријател британски агент. Трагата на убиството го води во подземната база на д-р Џулиус Но, кој прави заговор да го наруши раното лансирање во вселената со радиоактивно оружје од страна на Соединетите Американски Држави.  
Децении по инстантниот успех на „Д-р Но“, вербата во 007 воопшто не е разнишана. Филмот е почеток на еволуцијата на светот. Шон Конери во улогата на ноншалантен убиец ја навлекува публиката низ целиот свет, а јадрото на серијалот е во совршениот лик. Пораката е дека мисиите се случуваат насекаде и во секое време, сѐ додека Бонд има интегритет. Ноншалантноста на балансирање на ужасите на времето и сето тоа претставено како забава.

 
Умот ме носи кај советниците. Сум слушал дека турската империја после 600-тини години пропаднала кога Султанот земал советници. Сум слушал и за најдобрите бикови во Коридата кои кога ќе останат без „машкоста“ биле поставувани за советници. Но сум имал многу пријатели помеѓу советниците кои ги побиваат овие анегдоти.

И тогаш пред мене излегува мојот финансиски директор од Охрид, Ѓорѓи Бодев, човек кој целиот живот го помина во финансии. Неговата вообичаена реченица во фирмата после враќањето од државните институции беше: „Бирократијата е неуништлива“.

Значи, само бирократијата може да биде Д-Р НО, бидејќи живее вечно, се храни обилно и ми личи на еден огромен сом, залегнат во тињата на Вардар со отворена уста, мислиш ќе не` проголта. За да се реши тоа прашање, Стопанската комора на Македонија како најголема и најбројна бизнис заедница има донесено свои ставови уште во 2014 година. Во анализата наречена „Бизнисот има потреба од квалитетни и брзи услуги испорачани од државната администрација“, констатирани се состојбите, наброени се примери, дадени се препораки, а на крајот донесен е Заклучок, во кој се вели: Корените на корупцијата се наоѓаат во нискиот животен стандард и во недоволно платената администрација. Ако таа администрација се промени и стане професионална и добро платена, нема да биде мотивирана да го прави тоа. Вака, ние зголемувајќи ја администрацијата, ја зголемуваме корупцијата. Затоа неопходна ни е мала,  професионална и добро платена администрација.

Ова прашање задолжително треба да се најде во договорот за уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор. Без брзи и ефикасни административни постапки, без извртување на суштината со помош на Д-Р НО, не можеме да одиме напред на планот на економскиот развој.

П.С. Изнесените констатации можат да се толкуваат различно. Јас сум должен однапред да се извинам на сите кои не ќе ја сфатат целта на ова пишување, а тоа е дека, уште еднаш потенцираме, нашето егзистирање се мисли на бизнисот, зависи токму од имплементацијата на правните норми. А таа по правило секогаш е неспроведлива поради некоја алтернатива започната со зборовите „или“ и „но“. Со тоа крајниот исход, на имплементацијата на нормата по правило оди на спореден колосек.

Бранко Азески, претседател на Стопанска комора

Можеби ќе ве интересира

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море