19 Април, 2024
0.0289

Кој е за мир во Украина?

Објавено во: Колумни 18 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Конфликтот во Украина денес влегува во 54 ден. Луѓе гинат, убиства на мирни граѓани, мачење и убиства на заробени војници. А да не зборуваме за материјалните штети. Санкции. Русија и Украина ќе бидат вратени десетици години наназад. Падот на руската економија годинава се предвидува да биде малку над 10 проценти, додека на Украина околу 45 проценти. Мировните преговори, барем јавно не се водат. Наместо тоа се слушаат повици за војна, за повеќе оружје, за денацификација...

Има ли некој што е за мир во Украина? Како да нема, ако се слушаат се почестите изјави на сите вклучени во војната. И Русија и Украина и НАТО и ЕУ и САД и Британија...Рускиот претседател Вадимир Путин пред некој ден се сретна со својот белоруски колега Алекснадар Лукашенко, на Далечнит исток на Русија. Таму го разгледаа космодромот „Источен“, разговараа и се сретнаа со новинарите. Путин за специјалната операција рече дека се одвива според планот и ќе заврши кога ќе се остварат сите нејзини почетни цели. Колку време треба за тоа нема одговор. Според него забрзувањето на воената операција може да доведе до загуби. Па затоа ќе се делува со умерено темпо, според планот, кој првобитно беше предложен од Генералштабот. Очигледно големите воени жртви и материјални загуби го коригираат првобитниот план, иако се тврди дека се’ се одвива според него.

Овде има неколку прашања. Прво кој е планот на операцијата? На почеток беше демилитаризација на Украина, денацификација, нејзино признавање на Крим како дел од Русија, неутрален и неблоковски статус на Украина и повлекување на украинските војски од територите на Доњецката и Луганската, народна република. Потоа во разни изјави се зборуваше пред се за денацификација, особено по повлекувањето на руските воени сили од околината на Киев по неуспехот за брза воена победа. Па се премина на освојување на Мариупољ и уништување на полкот „Азов“ познат како столб на екстремистите во Украина. Во меѓувреме се зборува и за „битка над битките“, во која руските сили ќе се обидат да ги опкружат украинските, многу добро подготвени сили, на границата со Донбас. Таму, според одредени кажувања, претседателот Владимир Зеленски, има околу 44.000 украински војници, утврдени и опремени со силно оружје. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, минатата недела спомна уште една цел на руската специјална операција. А тоа е окончување со курсот на САД за доминирање во светот. Во исто време, Русија, според министерот, никогаш нема да зазема подредена позиција.

ТОЧКА НА ПРЕГОВОРИТЕ

Според Путин, главна цел на Русија е давање помош на населението на Донбас, а акциите во одделни региони на Украина се поврзани со потребата за имобилизирање на украинските сили, за уништување на воената инфраструктура и создавање на услови за активна борба во Донбас. Што се однесува, пак, до преговорите со Украина, според Путин тие се искомплицирани со фактот дека Киев отстапи од договорот постигнат во Истанбул постигнат на крајот на март. По тој договор, рече Путин по средбата со Лукашенко, Русија одлучи да ги намали воените активности околу Киев и Чернигов. Но се случи пронаоѓање во Буча лица убиени во граѓанска облека. И Киев се откажа од договорот. За Украина тоа беше воено злостроство, а за Русија провокација со каква веќе се среќавале во Сирија. Има коментари дека менторите на Зеленски од Запад не биле согласни со договорот од Истанбул. Во таа насока белорускиот претседател Лукашенко настаните во Буча ги нарече:„ психолошка операција која ја спровеле Британци“, се со цел да се воведат нови санкции кон Русија. За тоа тој му дал и документи на Путин, врзани со тие настани. 

Украинскиот претседател по обичај е многу активен и на дипломатски и на медиумски план. Па деновиве даде неколку интервјуа.  Со оглед дека не може ништо да направи да ги спаси или да ги извлече борците на „Азов“ од Мариупољ, заедно со припадници на украинската армија и странски платеници, Зеленски вчера изјави дека „уништувањето на војниците во Мариупољ ќе стави точка на преговорите со Москва“. Тој исто така изјави дека мировен договор меѓу Русија и Украина би се состоел од два документа. Еден, според него, би се однесувал на гаранциите на безбедноста на Украина, а другиот би бил за односите меѓу двете држави. Зеленски вели дека Москва сака само еден документ. И тука, според Зеленски, има проблем, бидејќи некои држави гаранти на безбедноста не сакаат да бидат потписници на документ со Русија.

Изјавата на Зеленски за опкружените заштитници на Мариупољ личи на ултиматум. Но таа е неумесна, бидејќи руските војски ги повикаа опколените да се предадат без оружје. Станува збор за околу 4.000 војници. Русите ги повикаа да излезат од металуршкиот комбинат „Азовштаљ“, зашто во спротивно ќе бидат уништени.

Уништени, неуништени, војната ќе заврши со преговори. Но Русија претходно ќе сака да го заземе во целост разурнатиот град, бидејќи во идните договарања и преговарања Мариупољ ќе игра битна улога во разграничивањето. А, освен тоа, доколку се отвори фронтот на Донбас, Мариупољ ќе биде полезна позадина за руските војски.

Зеленски зборува за преговори, кои сега се во ќорсокак, но дава различни изјави. Еднаш вели дека би разговарал за Крим со Русите, а потоа во друго интервју дека „не се пазари со свои територии и луѓе“. Тој бара прво прекинување на огнот, повлекување на руските војски, па потоа преговори, Русите пак го обвинуваат дека при претходни прекини Украинците ги престројувале силите и се вооружувале.

ВОЈНАТА ЌЕ ТРАЕ УШТЕ ДОЛГО

Ако се работи за два документа ќе има многу работа и многу детали. А како викаат? Ѓаволот се крие во деталите. Така што ќе има многу предизвици пред преговарачите. Особено што Украина се обврза со сите детали од преговорите да ги запознава своите ментори. Пред се САД. Но и Британија и Европската Унија. И сето ова се случува при најава на ново тешко и модерно вооружување на Украина од САД , Британија и ЕУ, на нов пакет санкции кон Русија во пресрет на војната за Донбас. Згора на тоа во едно од интервјуата Зеленски изјави дека ако треба е подготвен да се бори со Русија и десет години!. А од друга страна бара 50 милијарди долари од менторите до крајот на годината, пред се ЕУ, за поддршка на социјалата и економијата! Да не зборуваме за постојаното барање ново оружје и тоа веднаш.

И од Америка не доаѓаат оптимистички изјави за скорешен мир во Украина. Државниот секретар Ентони Блинкен на европските сојузници им изјавил дека според мислење на САД војната во Украина може да трае до крајот на годинава. Уkраинската „Европска правда“ се повикува на CNN, кому двајца европски чиновници му ја пренеле изјавата на Блинкен. Во САД многу официјални лица не можат да претскажат колку долго ќе се води војната, тврди CNN.Таму се смета дека Русија нема многу да сака да води преговори, ако не доживее воен пораз. Значи сега ќе се води битка кој кого да порази. Само воениот пораз на Русија, според САД, би значело нејзино седнување на масата за преговори. Советникот за национална безбедност Џејк Саливен во четвртокот изјави дека воените дејства ќе продолжат со „месеци или подолго“. Европски чиновници зборуваат за четири до шест месеци, а потоа за ќорсокак. Американците пред десетина дена ветија нова воена помош месецов од 800 милиони долари. Па така вкупно досега од 24 фебруари наваму, САД дале воена помош од над 2,5 милијарди долари.

Инаку како што пренесува “Европска правда“, според висок функционер на Стејт департментот, Блинкен за средбата со европските сојузници ја разгледал „нашата загриженост дека конфликтот може да се одолговлечи, но целата негова поветеност се вртела околу тоа како најдобро тој да се сопре што е можно побрзо“. Освен современо и тешко оружје, Американците ги обучуваат украинските војници за користење на тоа оружје. Минативе денови имаше контрадкторни изјави за тоа дали Американците ги обучуваат Украинците за ракување со оружјето. Едни викаа да, други не. Па дека од 24 фебруари нема обучување, па се до изјавата на Блинкен дека новите системи не можат веднаш да се користат, туку треба обучување и техничко опслужување. Како и да е, ова зборува за се поголемо вклушување на САД во настаните во Украина.

СНАБДУВАЊЕ СО ОРУЖЈЕ

Во желбите за да не дојде до брз мир се вклучи и Жозеп Борел. По посетата на Киев тој изјави дека војната треба да се добие на воено поле! Дали тоа зборува за личен тав на Борел или пак за став на ЕУ? Европа досега даваше оружје и најавува дека ќе дава уште повеќе. И тоа тешко и современо оружје. Кон неа се придружи и премиерот на Британија Борис Џонсон, кој по посетата на Киев вети ново вооружување на Украина. Во Русија на зборовите на Борел реагираа дека станува збор за пресврт во политката на Европа. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, изјавите на Борел за немањето алтернативи за воено решение на ситуацијата околу Украина ги нарече невообичаени. Тој истакна дека овие изјави значително ги менуваат правилата на игра, бидејќи Европската унија никогаш порано не дејствувала како воена организација.

Се чини дека сите во ЕУ не мислат како Борел. Германија, на пример, вети тешко орушје на Украина, но крена рачна кочница. За само два дена изјавите за оружјето се завртеа за 180 степени. Неколку дена пред 14 април германскиот министер за економија од „зелените“ Роберт Хабек беше заговорник дека „се’ што и помага на украинската армија сега треба брзо да се испорача“. Но на 14 април тој го смени мислењето кое е спротивно и на неговата партиска лидерка министерката за надворешни работи Аналена Бербок. Како причина за одбивањето да се испорачаат тенкови за Украина, Хабек ги наведе стравувањата меѓу сојузниците на НАТО, дека таквите акции би можеле да ја „охрабрат Русија да ја прошири својата специјална операција на западните земји“. „Тешкото оружје е синоним за тенкови, а сите земји на НАТО досега исклучуваа дека дека тоа им е цел(да ги испорачаат на Украина)“, изјави Хабек. Тој додаде дека Северноатлантската алијанса и ЕУ треба прво да разговараат за ставот по ова прашање. Некои медиуми пишуваа дека западните земји треба да бираат меѓу испораката на оружје на Украина и сочувување на сопствениот одбранбен потенцијал. Наводно Германија се откажала да даде тенкови на Украина токму поради таа причина. Но од друга страна таа одлучи да одвои две милијарди евра за воена и друга помош на Украина.

Според некои азиски медиуми „голем број коментатори и експерти се убедени дека една од главните причини за екстремно бавниот тек на мировните преговори меѓу шефовите и делегациите на министерствата за надворешни работи на завојуваните страни, нивната ниска ефикасност, се тајните напори на Вашингтон, Лондон. и Париз, насочени кон продолжување на конфликтот по секоја цена. Во секој случај, мирот според руските услови, па дури и врз основа на некаков компромис, е категорично неприфатлив за западните држави. Освен тоа, покрај политичките и стратешките поводи, што ги искажува НАТО блокот, не може, а да не се видат факторите засновани на економијата, односно извлекувањето на колосални приходи и профити од снабдувањето со оружје на двете држави-страни во конфликтот. (почесто, се разбира, една од страните), како и оние држави кои се плашат да не бидат вовлечени во него“.

ЗАПАДОТ И РУСИЈА ДА ПРЕГОВАРААТ

Околу прашањето на мирт и преговорите со свој став се јави и поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус. Тој поставува повеќе прашања: „Некој ќе рече дека се водат украинско-руски преговори. Да, но тие не водат никаде. Дали воопшто можат да доведат до нешто? Дали се ова преговори? Зарем не треба да преговара некој друг? Дали е ова навистина руско-украински конфликт? Дали Русите и Украинците можат да го решат? Можеби во стварноста и не е се така? Зарем не го гледаме конфликтот меѓу Западот и Русија, во кој Украина се покажа како несреќен, но погоден објект?“. Па потоа дава одговори и сугерира:„ Сигурен сум дека Западот и Русија треба што поскоро да седнат на преговарачка маса. Нема да предлагам формат, но САД треба да бидат во него. Се чини јасно дека од Европа треба да има претставници на Европската унија. Иако не верувам во нивниот мандат и автентичност, поточно, не знам колку овие луѓе всушност ги изразуваат вистинските интереси на големите европски земји, на пример, Франција во тек на  избори или Германија со нова, неискусна, крајно левичарска влада. Кина исто така треба да учествува. Но, сите тие ги следат своите разновидни интереси и не покажуваат интерес да го прекинат овој конфликт што е можно поскоро“.

Антируските санкции од Западот засега не го даваат саканиот ефект. Се чудат многумина на Запад, но настојуваат на нивно зголемувањње. Урсула фон дер Лајен, првиот човек на ЕУ најавува санкции и брз банкрот на Русија. Димитриј Медведев потпретседателот на рускиот Совет за безбедност одговара: „Европската тетка Урсула почна активно да испорачува текстови. Нивната основна смисла сега веќе не е за страдањата на измачените луѓе, не за завршување на специјалната воена операција, не за долгоочекуваниот мир во Украина, туку за банкротот на Русија. Според него банкротот на Русија „може да се претвори во банкрот на Европа“. Треба овде да се каже дека Западот подготвува мерки за целосна изолација на Русија. Колку ќе успее во тоа е прашање. Но целта е таа.

За неполни два месеци, според податоци од руски извори, во војната загинато има околу 23 илјади украински вијници. Според украински извори загинати се над 20 илјади руски војници. Над 40 илјади млади луѓе за неполни два месеци. Некои велат војната ќе трае до крајот на годинава. Ако се гине со ова темпо до тогаш ќе загинат уште 160 илјади војници. И никој не се загрижува за мир. Поважно им е оружјето. Во Мариопул можат да загинат 4.000 војници. Кој знае колку морнари загинаа на крстарицата „Москва“?  И пак ништо. Борба до крај, борба до истребување. Русија минатата недела упати до САД официјална дипломатска нота со предупредување дека испораките од САД и НАТО на „најсофистицирани“ системи вооружување во Украина е „додавање масло во оганот“ на конфликтот и можат да доведат до „непретсказливи последици“. САД со одговор дека продолжуваат со поддршката на Украина. Италијансиот министер за надворешни работи Марио Драги неодамна изјави дека е во тек светска војна, иако не е со оружје. За пламнување на сеопшт оган малку треба. Само тогаш ќе нема кој да го гаси.

А во меѓувреме гасоводот низ Украина работи со полна пареа. И „Северниот поток -1“ исто. Руска нафта се продава како алва. Се затвораат пристаништа за руски бродови, но со исклучоци. На пример за испорака на енергенси, на ѓубрива, на земјоделски производи, лекови...А Русија токму тоа го извезува најмногу. И добива големи пари. Пазарите на оружје се забрефтани. Им треба и на оние кои војуваат, ама и на оние кои се плашат да не бидат дел од некоја војна. И војната е бизнис. Можеби најголем.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок