Добивај вести на Viber
Прилепската компанија за помалку од една година вложи околу 1,5 милиони евра во 16,26 отсто од акциите со право на глас во „Скопски пазар“. Го презема приматот од Давитковци и стана најголем поединечен акционер. Што може да се очекува, ќе го канализира ли и употреби незадоволството на фракции мали акционери од актулениот менаџмент? Останува да видиме ...
Можен ли е пресврт во „Скопски пазар“? Дали може на претстојното акционерско собрание новајлијата „Современ дом“ кој веќе стана и најголем поединечен акционер да им го преземе приматот на семејството Давитковски, кое подолги години управува со еден од најголемите ланци на супермаркети во земјава? Сите овие прашања се актуелни во домашната инвеститорска заедница особено деновиве кога и официјално е објавено дека прилепската компанија „Современ дом“ стана најголем поединечен акционер и сега поседува 16,26 отсто од акциите со право на глас односно (според нашата калкулација 11.534 обични акции). Дали „Современ дом“ по повеќе од еднодецениско неприкосновено владеење на Давитковски сега е во можност да направи пресврт и преврат и да го преземе водството со оваа голема домашна компанија? Идната недела (24 април) можеби ќе има голема борба на редовното годишно акционерско собрание на „Скопски пазар“.
Има силни индиции дека позицијата на Сашо Давитковски и неговата мајка Тодорка, кои заедно поседуваат 23,3 отсто од акциите со право на глас, е значително послаба во однос на тоа што го контролираат пред две или пред три години. Дури и во споредба со ланското собрание на кое беа неприкосновени и имаа вкупно околу 38.000 гласови за, од кои поддршка им беа околу 20.000 гласови, а останате беа нивните управувачки права. Но сега состојбата е поинаква. Неофицијално постои незадоволство кај малите акционери, неофицијално и меѓу вработените.
Јавно двајца мали акционери побараа ревизија на дневниот ред со дополнување точки за претстојното собрание. Тие заедно поседуваат пет отсто и се домашни физички лица надворешни акционери.
И секако најголемиот притисок доаѓа токму од „Современ дом“. Намерите на оваа компанија за прв пат јавноста ги дозна во првата половина на минатата година преку судската мерка за забрана на продажба на сопствени акции што „Скопски пазар“ намераваше преку приватна понуда да ги отуѓи на скопска фирма. На крајот на октомври лани „Современ дом“ веќе поседуваше 5,9 отсто од акциите во „Скопски пазар“.
Во период од седум месеци „Современ дом“ стана најголем поединечен акционер во „Скопски пазар“ и има над 11.500 акции односно 16,26 отсто од сите управувачки права. Доколку „Современ дом“ купувал акции по просечна цена од 8.000 денари во тој случај таа компанија во акции од „Скопски пазар“ вложила 1,5 милиони евра!
Неофицијално во брокерски кругови се говори дека агенти на „Современ дом“ бараат полномошна од мали акционери или нудат пари да купат акции кои потоа ги тргуваат во мали блокови што е легална форма на тргување на нашито Официјален пазар.
Од друга страна се зборува дека Сашо Давитковски своите партнери ги смирувал и уверувал дека има сигурно мнозинство и дека неговите гласови ќе надгласаат евентуална друга страна на акционерското собрание.
Како ќе биде останува да видиме идната недела кога и двата табори ќе се соочат во ресторанот „14-ка“ на „Скопски пазар“ во скопската населба „Тафталиџе“.
Феноменот „Современ дом“? Од тапацери на мебел до закупци на деловен простор атакуваат да го превземат управувањето со сите скопски пазари!
„Современ дом“ е еден од тековните феномени во македонското акционерство. Првпат се појавува во акционерската структура во регистарот на сопственици на акции кои поседуваат над 5 отсто кон крајот на октомври лани. За период од неполни седум месеци оваа фирма ст анува најголем поединечен акционер во „Скопски пазар“! Како ќе настапи на претстојното акционерско собрание останува да се види. Прашање е како и дали ќе успее да го канализира незадоволството на некои поситни акционери во компанијата и дали ќе ги приближи кон себе и ќе ги обедини против најголемиот ривал семејството Давитковски. Мнозински сопственик на прилепската фирма е Андон Дудулоски кој поседува 72,7 отсто од акциите, а неговиот роднина и веројатно син Ацо Дудулоски е генерален директор со сите овластувања.
Од каде е интересот за „Скопски пазар“
Скопската компанија во својата позиција на пазарот на големи малопродажни маркети е атрактивна. Иако во моментот билансите не нудат многу простор за оптимизам макар на краток период, особено од аспект на пад на приходите и ниво на задолженост на компанијата.
Но не смее да се заборави главниот адут на „Скопски пазар“ што сега е делумно скриен од очите на инвеститорската јавност. А тоа е поседот врз земјиштето на кое се наоѓаат големите пазари во скопските населби Буњаковец, Тафталиџе, локацијата Бит пазар како и другите пазари. Што ако компанијата одлучи и во корелација со надлежните органи на естаблишментот успее да добие маркици и градежни дозволи за градба на објекти на тие атрактивни локации? А тоа може да се случи особено сега кога веќе нема многу локации во централното градско подрачје за градба. Тоа значајно може да ја промени перспективата на компанијата и нејзината пазарна позиција, но и капиталната вредност. А веќе неофицијално се зборува дека е можна градба на нов трговски и деловен центар на локацијата на сегашниот пазар Буњаковец на атрактивната локација на булеварот „Партизански одреди“ и можеби најважниот пазар – Бит пазар.
Останува да видиме како ќе се развиваат настаните и што би можело да се смени во акционерската структура.
Р.Ф.