24 Април, 2024
0.0268

КОЈ ЌЕ ГИ ЗАГРЕЕ СКОПСКИТЕ РАДИЈАТОРИ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ – ЕСМ прибира понуди, зошто се чекаше „пет до 12“

Објавено во: Економија 19 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Времето надвор деновиве можеби е топло, но такво сигурно нема да биде уште долго. Се ближи почетокот на ноември, кога температурите ќе паднат за неколку степени целзиусови, а она што во моментов е фактичка ситуација, е дека власта за наредниот месец се уште нема набавено гас за загревање на скопските радијатори.

Државната ЕСМ извести дека заклучно со утре чека понуди од три компании, меѓу кои една е домашната „Макпетрол“, но имињата на другите две фирми не ги соопшти. „Макпетрол“, пак, претходно ја информираше јавноста дека иако уредно испратиле понуда до ЕСМ, таа до предвидениот рок, а тоа е 17 септември, не ги потврдила количините на овој енергенс, поради што компанијата не ги нарачала.

Владини извори, пак, претходно брифираа дека откако ќе стигнат трите понуди, власта ќе направи проценка која најмногу и одговара и ќе донесе најголеми заштеди за државниот буџет, а потоа јавноста ќе биде транспарентно известена за сите услови.

Да потсетиме како по хронологија се одвиваа настаните во текот на вчерашниот ден.

„Макпетрол“ се огласи со информација дека од државната ЕСМ не ја потврдиле набавката на потребните количини. 

„Од причина што грејната сезона започна на 15-ти октомври, сè поизвесно е прашањето за производство на топлинска енергија и загревање на објектите во градот Скопје, за ноември. Макпетрол ја известува пошироката јавност дека минатата недела, на 12-ти октомври достави понуда до ЕСМ за количините потребни за топланите Исток и Запад за ноември.Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на ЕСМ измина на 17-ти овој месец, за што дотогаш компанијата Макпетрол мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач.ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, се вели во соопштението од Макпетрол.

Веднаш потоа се јавија и од ЕСМ, од каде кажаа дека дури вчера испратиле допис до „Макпетрол“ и до уште две други фирми кои покажале интерес да обезбедат гас, а во него од компаниите било побарано до утре, или прецизно 20 октомври, да достават понуда за гас за периодот ноември-април.

„Понудата која треба да ја достават се однесува на количини, цена, услови на плаќање и обезбедување преку банкарски гаранции. Инаку, за периодот ноември-април АД ЕСМ има потреба од 225 милиони нм3 природен гас, со кои ќе се покрие максимално работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ ТО, доколку и оваа електрана биде интергрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка со неа“, наведоа од ЕСМ

Но, во целиот овој случај до Владата треба да се постават неколку принципиелни прашања, иако оттаму како да се обидуваат да го релативизираат целиот проблем околу снабдувањето со топлинска енергија.

Прво, зошто досега се чекаше, а и сеуште се чека за да се обезбедат потребните количини на гас за производство на топлинска енергија. Дури 60 илјади скопски домаќинства не заслужуваат да чекаат и до последен момент да не знаат дали ќе биде обезбеден енергенс во доволна количина за загревање на нивните радијатори, за кои патем, уредно ги плаќаат сметките во текот на цела година. Иако извори од Владата ова се обидуваат да го оправдаат со фактот што на тој начин се обидувале да штедат и да обезбедат пониски цени, тоа не може да биде алиби за неизвесноста што сега се чувствува во поглед на обезбедувањето на топлинска енергија за главниот град на државава.

Второ, зошто толку долго се играше на картата на „српскиот“ гас, за кој, пак, потоа се кажа дека нема да се набавува оттаму туку само ќе се врши замена на гас за Те-то за струјата која таму би се извезла од централата, а за која опција, пак, сега се покажа дека е практично невозможна и нема да се реализира.

Трето, зошто Владата не сака јавно да ги обзнани и другите две фирми кои се во игра за набавка на гас, во смисла кои се тие компании, како успеале да ги обезбедат нивните контакти, но и какви услови за набавка на гас тие би понудиле, и што е уште побитно, како можеме да бидеме толку сигурни дека нивните понуди ќе бидат подобри во споредба со онаа што ја испрати „Макпетрол“.

Четврто, можно е да се постави и прашањето дали можеби се прават некакви игри или напори за да се заобиколи „Макпетрол“, имајќи предвид дека на државата и пропаднаа сите други обиди да набави гас. 

Петто, што доколку поудите кои се очекуваат од другите две компании не се толку поволни колку што се надева Владата, или, пак, уште полошо, што доколку тие воопшто и не пристигнат на адресата на ЕСМ каде што се очекуваат. Дали тогаш државата повторно ќе се обрати до „Макпетрол“, но, и дали нема да биде предоцна, со оглед што самата компанија веќе кажа дека количините досега веќе морале да бидат најавени кај нејзиниот снабдувач.

Многу дилеми се отворени во поглед на ова многу важно прашање, а Владата, пак, која вети транспарентност до јавноста во однос на секој детал од снабдувањето со енергенси, редно е да ги расчисти сите овие нејаснотии.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Ангелоски: Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

Пазарен и трудов инспекторат утре ќе контролираат кој работи

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска