29 Март, 2024
0.0237

Кој ќе го плати бесплатниот ручек?

Објавено во: Колумни 19 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Деновиве многумина од нашите граѓани останаа изненадени и навредени. Нивните сметки во банките се блокирани, затоа што тие граѓани, од една или од друга причина, „заборавија“ да ја платат радиодифузната такса. Ништо чудно што „заборавиле“, месечниот надомест по овој основ изнесува 190 денари. За тие пари можете да купите еден сок и едно кафе во некое од скопските кафулиња.

          Да не беа блокирани 20.000 сметки само минатата недела по основ на неплатена радиодифузна такса и да не беа граѓаните изложени на дополнителни трошоци (такси за присилна наплата, тарифи за блокада и деблокада на сметката), целата ситуација ќе беше комична. Вака е трагикомична. Со оглед на тоа што Управата за јавни приходи ги блокираше сметките на граѓаните кои должат над 570 денари (значи, три сока и три кафиња), доаѓаме до сознание дека парите веројатно не се проблем. Проблем се навиките. Ако некој може да си дозволи да плати илјадници денари за присилна наплата, а не може да си дозволи да плати 190 денари месечно за радиодифузна такса, нема посоодветен термин од трагикомедија. За да бидеме докрај доследни, малку ќе се занимаваме со прашањето дали се проблем парите или навиките. Јасно е дека еден дел од нашите граѓани „пливаат“ во сиромаштија. Јасно е дека имаме и голем број на социјални случаи. За тие граѓани јавниот радиодифузен сервис може да размисли да ги ослободи од плаќање на оваа давачка или да им понуди други погодности. Ако тоа веќе не е направено до сега. Но, исто така е јасно дека голем дел од граѓаните не плаќаат радиодифузна такса, затоа што сметаат дека нема потреба да плаќаат! Ќе биде интересно ако некој излезе со податок за тоа колкав е процентот на социјални случаи помеѓу тие 20.000 блокирани сметки, а колкав е процентот на оние кои „пливаат“ во пари, а не покажуваат никаков интерес за плаќање на јавните давачки. Одамна е познато дека оној што сака да заврши некоја работа, ќе најде начин да ја заврши. Оној што не сака да ја заврши работата, ќе се потруди да најде изговор. За неплаќање на радиодифузната такса во изминатите 20-тина години се изнаслушавме разни изговори. Дека програмата на Македонската радио телевизија не била доволно квалитетна, дека граѓаните гледале кабелски и сателитски телевизии итн. Нека биде и така (иако во последните неколку години квалитетот на програмата на МРТ е значително подобрен). Но, плаќањето на радиодифузната такса е јавна и задолжителна давачка. Утре некој ќе приговори дека не треба да плаќа даноци, затоа што не е задоволен од квалитетот на нашите патишта или од квалитетот на услугите на полицијата или судството. Каде ќе не одведе тоа?! Има уште еден момент. Ние сме мала средина. Речиси секој со секого се знае. Ако утре полицаецот го казни граѓанинот затоа што тој со возилото поминал на црвено светло, а тој полицаец е од Драчево, граѓанинот веројатно прво ќе размисли кого познава во Драчево за да „фати врски“. Ако познава некого, веднаш „ќе сврти два телефони“ и ќе моли неговата казна да биде избришана. Се разбира, тоа секако не значи дека молбата на граѓанинот ќе биде прифатена, ама тој барем ќе се обиде. Ако по некоја случајност баш никого не познава во Драчево, граѓанинот ќе ја плати казната и ќе се проколнува себеси како можел да налета на полицаец од населба каде што нема свои познаници. За некакво признавање на грешката и плаќање на казната без пристапување кон горе наведените трагикомични ситуации, не може да стане ни збор. Секоја чест на исклучоците помеѓу нас. И така... Не плаќаме обврски, не плаќаме казни, речиси ништо не плаќаме. Поубаво од тоа, здравје! Кој не би сакал да живее во таква држава? Арно ама, има едно ама. Ако граѓаните не си ги исполнуваат обврските, кој ќе го направи тоа наместо нив? Јасно е дека секоја обврска, посебно обврската во паричен облик значи некое лично задоволство помалку, но обврските и давачките од јавен карактер мора да се плаќаат. Буџетот, меѓу другото, се полни и од обврските, давачките, па и казните што ги плаќаат граѓаните, затоа што дел од истиот тој буџет е ставен во функција на истите тие граѓани. Така е секаде во светот, така треба да биде и кај нас. Во економијата е одамна познато дека нема „бесплатен ручек“. Ако оној што убаво „се нагостил“ не ја плати сметката, ќе мора некој друг да го стори тоа наместо него. А тој другиот не е ни крив, ни должен, па да плаќа наместо оној што „заборавил да го отвори паричникот“. Време е да се одвикнеме од „бесплатни ручеци“. Време е да почнеме да ја плаќаме сметката. Зашто утре може да ни биде испорачана многу поголема сметка. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?