Кој ќе го „собере кајмакот“, а кој ќе го „обере бостанот“ во „Македонијатурист“?
Објавено во: Економија 30 Декември, 2024
Доне Таневски од продажба на неговите акции во „Македонијатурист“ досега заработи 20 милиони евра. Денеска за акциите наплати 7 милиони евра. Секогаш кога продавал (во три наврати досега н.з.) за неговите акции цената беше убедливо највисока. Што ќе биде сега со околу 200 мали акционери во „Македонијатурист“ кои се домашни физички лица? Има ли услови за примена на Законот за превземање компании кој гарантира понуда за откуп на акции по фер цена?
Доне Таневски, актуелен претседател на Надзорниот одбор, а поранешен и долгогодишен директор на „Македонијатурист“, денеска е побогат за 7 милиони евра. Затоа што денеска во блок трансакција на Македонската берза за хартии од вредност Таневски продаде нешто повеќе од 31.000 акции во „Македонијатурист“. Цената по која Таневски денеска ги продаде акциите е иста со рекордната односно највисоката цена и изнесува 13.964 денари по акција. Тој е единствениот акционер во „Македонијатурист“ кој успеал да продаде негови акции на цена од 13.964 денари.
Важно е да се истакне дека рекордната цена никогаш не беше постигната во класично тргување со акциите туку во блок трансакција што значи дека цената однапред била договорена меѓу купувачот и продавачот. Највисоката цена во класично тргување на берзата по која мал акционер во „Македонијатурист“ можел да продаде акција е 10.950 денари. А највисоката дневна просечна годишна цена, што е многу поважен параметар, е уште пониска и изнесува 9.855 денари.
Таневски досега во три наврати и тоа три пати во блок трансакции продаде околу 88.000 акции во „Македонијатурист“ и од тоа заработи 20 милиони евра. Сега му останаа уште околу 17.000 акции (околу 4 отсто од сите акции во „Македонијатурист“).
Многу важно е да се истакне дека Таневски продава акции додека надлежното државно регулаторно тело Комисијата за хартии од вредност (КХВ) има отворена постапка за контрола со тргувањето со акции токму во „Македонијатурист“. Меѓу другото предмет на оваа контрола е и писмо од мали акционери во кое ја известуваат КХВ дека биле изманипулирани за цената по која продавале акции во „Македонијатурист“. Односно дека таа цена била значајно пониска, како што пишуваат тие во писмото, дури за 4.000 денари пониска од цената по која ги продавал Таневски иако истиот, како што тврдат ги убедувал дека таа е најдобрата цена по која можат да продадат.
Текстот на „Фактор“ е на следниот линк https://faktor.mk/grupa-mali-akcioneri-prijavi-manipulacija-do-khv--dali-rakovodstvoto-na-makedonijaturist-ja-zboruvalo-vistinata-koga-objavi-deka-ne-poseduva-cenovno-chuvstvitelni-informacii
Таневски доби 20 милиони евра, дали губат малите акционери?
Голема е веројатноста дека денеска купувач на акциите на Доне Таневски е некоја од компанијата кои од 30 октомври до сега купуваа акции од Доне Таневски и од Соња Бибановска (двајцата поранешни најголеми акционери во „Македонијатурист“).
Со последната трансакција во која се продадени над 31.000 акции на Доне Таневски веќе се создаваат услови дел од новите акционери (три компании и едно физичко лице н.з.) со поддршка од уште некој мал акционер да оформат мнозински пакет акции.
Ако биде така се поставува прашањето дали свесно и намерно е избегнат Законот за превземање акционерски друштва?
Затоа што неговиот приоритет е заштита на правата на малите акционери, а заштита значи транспарентна и јавна понуда со фер цена. А јавна понуда за превземање на акциите немаше и тоа е факт.
И сега се поставува суштинското прашање: дали е фер цена 9.500 денари ако некој наплатил 13.964 денари за акција? Оти тоа е речиси 50% повеќе.
Сега во акционерската структура на „Македонијатурист“ има барем 200 мали акционери домашни физички лица. Дали тие, ако се оформи ново мнозинство кои ќе раководи со „Македонијатурист“ ќе се соочат со состојба нивните акции да не сака никој да ги купи по фер цена? Всушност се поставува прашање дали некој ќе има интерес да плати за нив.
Сите очи на малите акционери во „Македонијаурист“, но и на инвеститорската јавност воопшто се свртени во КХВ чија системска поставеност гарантира почитување на законите и пазарните принципи во тргувањето со хартии од вредност.
Институционалниот капацитет на ова државно тело кое има углед и реноме во инвеститорската јавност, а постои 30 години и ја врши својата работа транспарентно и одговорно дава за право сите акционери на „Македонијатурист“.
Еве го уште еднаш одговорот што „Фактор“ го добо од КХВ пред една седмица:
Комисијата за хартии од вредност во врска со случувањата поврзани со Македонијатурист АД Скопје останува на ставот дека во рамки на контролните активности кои ги извршува Комисијата, а се уште се во тек, се опфатени сите вклучени страни и тоа од повеќе аспекти согласно законските надлежности и овластувања на Комисијата и дека во интерес на постапката во оваа фаза Комисијата не може ниту да споделува било какви информации, ниту да се впушта во одговарање на поединечни прашања.
Н.С.