КОЈ САКА ДА ЈА КУПИ „ТОПТАН“ „ЕДИНСТВО“ ОД СТРУМИЦА - Сашко Кузманов неодамна стана најголем акционер, сега типува на цела фирма
Објавено во: Економија 19 Јули, 2023
Изгледа дека во последниов период станаа многу актуелни понудите за преземање на македонски компании.
Откако понуда за преземање стигна до преостанатите акционери на компанијата „Жито Караорман од Кичево“, и тоа од нејзиниот сега доминантен акционер Селаудин Арифи од „АС Сењак“, акционерите на уште една домашна компанија добија понуда за преземање.
Станува збор за струмичката компанија „Единство“, до чии акционери набрзо ќе стигне понуда за преземање од Сашко Кузманов, кој би се јавил како преземач, а понудата тој ќе ја достави откако за тоа дозвола ќе даде Комисијата за хартии од вредност.
„Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва, ги известувам сите акционери на АД ‘Единство Струмица’ дека имам намера да одбјавам Понуда за преземање на целното друштво ‘Единство АД Струмица. Понудата за преземање ќе биде објавена по добивањето на дозвола од страна на Комисијата за хартии од вредност“, се вели во објавената ценовно чувствителна информација до инвеститорската јавност преку Македонската берза.
Како преземач се јавува Сашко Кузманов.
„Ви ја доставувам намерата за преземање на целното друштво АД Струмица“, се обраќа Кузманов до дите акционери на компанијата.
Што треба да знаеме за оваа компанија?
Од податоците кои можат да се најдат на Централниот депозитар за хартии од вредност, може да се види дека во моментов токму Сашко Кузманов, кој има намера да ја преземе компанијата, е во моментов најголем но не и управувачки акционер во компанијата, односно тој поседува 42,66 отсто од „Единство Струмица“. Додека, пак, во компанијата има уште еден акционер кој поседува над 5 отсто од акциите, а тоа е Иљо Кузманов, кој располага со 38,2 процентии од акциите на оваа струмичка компанија, и кој е очигледно во роднинска врска со преземачот Сашко Кузманов.
Ако се прочепка по податоците од Берзата за издавачот „Единство“ Струмица, може да се види дека Сашко Кузманов е навистина многу тазе голем акционер во струмичката компанија, додека до неодамна имал многу помалку акции.
Имено, тој најголемиот дел од своите акции, или 38,19 отсто од вкупно 42,66 отсто од акциите во Единство колку што сега има, ги купил пред нецела една недела. Конкретно тоа се случило на 11 јули годинава, кога всушност овие акции ги купил од Димитар Поповски, кој му го продал целиот свој акционерски пакет што дотогаш го поседувал.
„Се известува дека лицето Димитар Поповски, кој поседува акции од 15.431 обични акции или 38,19 отсто во АД Конфекција и трикотажа ‘Единство’ Струмица, истите ги продаде на лицето Сашко Кузманов, кој се стекна со целиот износ од 15.431 обични акции или 38,19 отсто. Лицето Димитар Поповски повеќе не е имател на акции, додека лицето Сашко Кузманов со наведената трансакција, сега поседува вкупно 17.232 обични акции или 42,66 отсто во АД Конфекција и трикотажа ‘Единство’ Струмица“, се велеше во известувањето добиено од компанијата пред една недела.
Покрај овие двајца доминатни акционери, компанијата има уште 60 други поситни акционери, кои се домашни физички лица, и кои поседуваат вкупно 19,14 отсто од акционерскиот капитал на компанијата.
Како што е наведено на Берзата, основна дејност на друштвото е производство на панталони, сакоа, јакни, сукни, капи и останато, што значи дека тоа работи во доменот на текстилната индустрија.
Ова друштво во изминатите три години покажува постојан раст на приходите од редовно работење, додека, пак, во 2020 година имало оперативна загуба, а потоа две години по ред има солидна оперативна добивка, која се зголемила лани во однос на претходната година. Лани оперативната добивка изнесувала близу 59 илјади евра, што е пораст во однос на претходната година, но добивката по оданочување е прилично ниска.
Сепак, од податоците за претпријатието за последните три години може да се види дека тоа има стабилни приходи од редовното работење, и тие се зголемуваат низ годините. Минатата година приходите од редовно работење изнесувале 751 илјади евра.
Додека, пак, во првите три месеци од годинава компанијата има послаби резултати во споредба со истиот период лани, односно и намалување на приходите, и значајно намалување на оперативната добивка.
За тоа која цена ќе им биде понудена на акционерите на „Единство“, ќе се знае кога преземачот Сашко Кузманов и официјално ќе ја објави понудата за преземање.
Но, она што треба да се знае е дека на последната трансакција, кога Кузманов ги купил акциите од Димитар Поповски, а што се случило преку редовно тргување на Берзата на 11 овој месец, тие биле продадени по цена од 80 денари за акција.
Ова е единственото тргување со тие акции после 10 март годинава, кога се продале 1.801 акција на „Единство“ Струмица, а тогапш цената на акциите била 60 денари за акција.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.