20 Април, 2024
0.0425

Кој со оган се игра и самиот од него ќе се изгори

Објавено во: Колумни 30 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Религијата, како еден од најспецифичните социолошки феномени, е актуелна и се присутна, по низа основи, и во нашето современо општество.  Можеби за некого ќе биде чудно, можеби за некого ќе биде несвојствено, но едно е сигурно, реално и вистинито што спецификите кои по себе и со себе ги носи религијата и те како се етаблирани во нашето општествено миље. И она што посебно зачудува и на моменти запрепастува е постојаната, дури и во одредени периоди континуирана актуелност на елементите или прашањата кои директно се поврзани или изнедруваат од самата религија. Секојдневно сме сведоци на настани кои директно или индиректно произлегуваат или се нус-продукт на религискиот феномен. И така поимајќи ја религијата, пред се спецификите кои со себе ги носи и настаните кои се врзани за неа, неминовно се наметнуваат без број прашања кои првенствено се врзани за цврстината на верувањето во натприродното-оностраното, прашања врзани за религиските чувства, за верниците и нивната класификација како и цврстината на верувањето, опстојувањето на религиски обичаи и ритуали, чествувањето и начинот на празнување на значајни религиски празници и многу други.... Во моменти на криза и меѓу конфесионални тензии на површина се разбрануваат одредени прашања кои сами по себе ни го поматуваат чувството Деновиве повторно се актуелизира една специфична димензија на религијата, која пред се се однесува на поимањето и практицирањето на религиската толеранција во нашата ни мила држава. Не случајно се навраќам на овој принцип кој по низа сегменти е еден од суштествените принципи за правилно и позитивно функционирање на мултикултурализмот кај нас. Често пати критички се осврнуваме на одредени норми, принципи и механизми кои ја чинат сржта на едно мутикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество, укажувајќи на потребата од нивно постојано испливување на површина и потенцирање, бидејќи со нивното маргинализирање се доведува во прашање и функционирањето на целото општество. Без тронка двоумење и со чиста совест ќе истакнам дека принципот на религиска толеранција е еден од клучните принципи кои им помагаат на верниците полесно, подобро и поумно да бидат во интеракција со различните поединци и групи по низа основи во нашата држава. Но во моменти на криза и меѓу конфесионални тензии на површина се разбрануваат одредени прашања кои сами по себе ни го поматуваат чувството и поимањето на суштината на заедничкиот соживот и не тераат на размисли во насока на потребата од постојано потенцирање на толеранцијата, дури и во моменти кога се чини дека воопшто не е тензично, напротив, дека е идилично. Религијата и те како е дел од животот на луѓето и придонесува за обликување на нивната идеологија Што е религиската толеранција во својата суштина и зошто е неминовна во едно општество кое ги има атрибутите на мултидимензионалност по различни основи таа да биде еден од носечките принцип? Одговорот на ова прашање не е нималку лесен, ниту пак едноставен, но дефинитивно суштината може да се срочи во неколку реченици и поимањето на овој принцип да ја добие вистинската намена. Ако се појде од елаборирање на религиската карта на нашата земја тогаш мошне лесно и без двоумење, секако имајќи ги фактите во вид ќе се заклучи дека голем процент од граѓаните се религиозни (секако по сите стандарди и индикатори на религиозноста) и тоа само по себе наметнува теза дека религијата и те како е дел од животот на луѓето и придонесува за обликување на нивната идеологија, животна филозофија и севкупниот нивен хабитус. Поаѓајќи од високиот степен на религиозност на населението својствено на тоа ни се наметнува тезата дека значајни фактори кои ќе придонесат за одржување на нормално ниво на интеракција меѓу различностите кај нас се секако принципи и вредности кои се поврзани со религијата. По сите основи религиската толеранција е еден од суштествените принципи со помош на кои се одржува, но и зацврстува и развива мултиконфесионалноста кај нас. Верата да се остави на верниците Религиската толеранција подразбира првенствено трпеливост, милозливост разбирање и сфаќање на секој оној кој по своите религиски убедувања е различен од нас. Религиската толеранција подразбира прифаќање на религиски другиот и одржување на комуникација и соработка со него. Таа е принцип кој во себе вткајува низа вредности како што се почит, разбирање, одговорност, сомилост, соблазност, благодарност, добродетелство и секако љубов кон секое битие без оглед на неговата религиска определба. Толеранција значи да живееш со различниот од себе не еден покрај друг, туку еден со друг и еден за друг. Во контекст на носителите на верското учење нормално е да се очекува и претпостави дека тие ќе се главните лидери во ширење, но и инсистирање за практицирање на верската толеранција меѓу луѓето, бидејќи тие се првите кои ги учат верниците на вредности со помош на кои ќе комуницирааат меѓу себе и ќе развиваат позитивни механизми на соработка и соживот. Религиската толеранција не прифаќа ценкања и политички доктринации и поткусурувања бидејќи тоа директно се коси со нејзината суштина. Она што е најважно е што таа го отфрла лошото, злото и негативното во основа, и ја промовира вистината, правдината и доброто како врвна вредност. Тоа само по себе подразбира тргање од канџите на политичките влијанија и делувања кои во суштина подразбраат нејзино поткопување и разнебитување. Ова сето е во контекст на скорешните случувања кои имаат само една порака: Да се престане да се игра со чувствата на верниците бидејќи се чепка во најинтимното, субјективното, емотивното, се допира она што е најкревко и најболно а тоа се религиските чувства, да се престане со инволвирање на политичкиот дискурс во религиски прашања и обратно да се престане да се злоупотребува чистата и невина религиска доктрина во валканите политички игри. Секој чесен и вистински верник и добронамерник треба да ја има  предвид максимата дека кој со оган се игра и самиот од него ќе се изгори. Верата да се остави на верниците бидејќи само во тој случај религиската толеранција ќе биде реалност а не фиксација. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок