Која зделка на „Гранит“ му донесе чист ќар од еден милион евра?
Објавено во: Економија 16 Ноември, 2020
„Гранит“ за првите девет месеци од дејноста е во добивка од 667.000 евра на приходи од продажба кои изнесуваат 52,7 милиони евра. Но „џокерот“ на “Гранит“ се неговите акции во „Комерцијална банка“ кои му носат вкупно 1,6 милиони евра од дивиденда и од позитивна разлика меѓу куповна цена и пазарна цена на денот на пресек за кварталниот извештај
Најголета градежна домашна компанија „Гранит“ во првите девет месеци годинава оствари профит од 2,3 милиони евра, покажуваат официјалните финансиски податоци на таа компанија. Од профитот вреден 2,3 милиони евра дури 1,7 милиони евра немаат врска со неговата дејност туку се производ на правата од акциите кои „Гранит“ ги има во „Комерцијална банка“.
Што изработи „Гранит“ во првите девет месеци?
ВО периодот јануари – септември најголемата градежна компанија оствари приходи од продажба во вредност од 52,7 милиони евра и тоа е за 19 отсто послаб резултат од истиот период лани. Продажбата на домашниот пазар изнеува 48,9 милиони евра и е за 18 отсто послабо од истиот период лани. Продажбата на странските пазари изнесува 3,7 милиони евра и е за една третина послаба од истиот период лани.
Оперативните расходи на градежниот џин изнесуваат 53,7 милиони евра и логично се пониски за 19 отсто од истиот период лани. Најголема трошковна ставка се услугите со карактер на материјални трошоци и на нив отпаѓаат 23,7 милиони евра односно 44 отсто од сите оперативни трошоци. Во споредба со лани оваа ставка е за 12 отсто пониска. Суровините и материјалите однеле 13,3 милиони евра трошок и се за 10 отсто пониски од лани. Трошокот за вработени е трета најзначајна расходна ставка и изнесува 9,7 милиони евра и е дури за 1 отсто повисок од лани.
Оперативната добивка од работењето до крај на септември изнесува 667.000 евра и е за 72 отсто пониска од истиот период лани.
Колку пари на „Гранит“ му донеле акциите во „Комерцијална банка“?
„Гранит“ пред две години купи значајно количество акции во „Комерцијална банка“ и тоа се случи во периодот кога од акционерската структура излезе шведскиот инвестициски фонд, а влезе Ванчо Чифлиганец преку неговата компанија „Адора Инженеринг“ (која и сега е убедливо најголем акционер во „Комерцијална банка“ и единствена што поседува над 10 отсто од акциите н.з.).
Во вториот квартал „Гранит“ од дивиденда на своите акции во „Комерцијална банка“ доби износ малку поголем од еден милион евра. На крај на септември годинава неговите финансиските приходи се вкупно 1,14 милиони евра и тоа се приходи од вложувања, курсни разлики или камати. Во случајот на „Гранит“ доминираат приходите од дивиденда. Дополнително позитивната разлика меѓу куповната и пазарната цена на таа акција на денот на пресек (за изготвување на финансискиот извештај н.з.) на „Гранит“ му носи капитална добивка од уште 560.000 евра од неговите акции во „Комерцијална банка“. Сума сумариум „Гранит“ од акциите во „Комерцијална банка“ е добар околу 1,6 милиони евра и тоа е околу 70 отсто од неговата добивка за првите девет месеци.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.