27 Мај, 2022
0.0275

Коктелите NEGRONI, WHISKEY SOUR и GENTLEMAN за читателите на Машки магазин, идеални за пролетните вечери

Објавено во: Стил 28 Април, 2022

Велигденските пости завршија, исто така и празниците, а уште неколку дена и рамазанските. Нормално, се воздржавме и ние од вакви, објави за жестоки, алкохолни пијалаци, меѓу нив и коктелите. Пролетта нѐ разбуди, а допрва нѐ очекува и топло време, идеално за некаков пијалак со мраз, обично навечер, па и денски (зошто да не). Во друштво или сами, дома или во некој локал. Специјално за читателите на Машки магазин, барменот Бенјамин Калач од ресторанот Clover и Sky Lounge во Limak SkopjeLuxury Hotel ги направи коктелите Negroni,Whiskey Sour иGentleman, инспириран од еден турски гостин, а рецептите и подготовките ви ги пренесуваме во продолжение, во целост.

Трите коктели што ги направи Бенјамин Калач се машки, типични за уживателите на мераклиските работи, односно хедонистите за кои често пишуваме. По напорниот ден, обично навечер, можете да се опуштите, да се олабавите, ослободите од физичка или психичка напнатост, да се релаксирате во некој локал, па и дома со жесток, алкохолен пијалак или мешавина, т.е. коктел чија подготовка ни малку не е компликувана, туку напротив. Освен што е едноставна, често знае да биде инспиративна за натаму, да направите и друг, по ваша желба.

Историјата, минатото на коктелот е исто така интересно, како неговото име што преведено значи петлова опашка. Не само заради колоритноста, туку и поради легендата, преданието за кое не постои ни еден доказ. Всушност, има повеќе такви објаснувања, но сепак најзанимлива е приказната за борбата на петлите. Имено, ја измислиле Американците, а причините биле од забавна природа. Сопственикот на петелот што губел морал на присутните да им купи некаков пијалак во боја на неговата опашка. Денес правењето на коктелите се сведува на уметност и неретко самото мајсторство е прашање на престиж. Во 1862 година излегла првата книга, прирачник за бармен - „How To Mix Drinks: Or, The Bon-Vivant’s Companion“ чиј автор бил Џери Томас. Самото име, насловот е јасен за кого била наменета. Бонвиваните или поинаку хедонистите и 160 години подоцна уживаат во нивните вкусови, но и во изгледите - боите, декорациите, формите на чашите. И, се разбира, во ритуалното пиење.

Во менито, картата на коктели на Бенјамин Калач се вбројуваат 40-тина од кои барем петнаесетина ги направил согласно барањата на консументите, со желба да пробаат нешто различно, единствено што значи дека ги персонализира. „Гостите често ми оставаат мене, јас да им препорачам или да им направам специјално, само за нив. Ги прашувам кој е нивниот омилен пијалак, за основата (базата) и, секако, инспириран од начинот, стилот на облекување, однесување го правам. Таков е Gentleman, на пример. Коктелот го направив за еден гостин од Турција, беше прав џентлмен“, вели барменот. За разликатата меѓу женските и машките коктели, Бенјамин е концизен: „Женските содржат малку алкохол, повеќе се на сок (на пр., вотка и ананас), а машките обратно, имаат повеќе алкохол. Доминантно е вискито, на пр. Во комбинација на портокал е фантастично“. Се разбира, неодминливо е и прашањето за основното, најважното - златното правило на „игра“ што секој бармен, мајстор за коктели, мора да го почитува и применува. „Особено важна е дозата, треба да биде точна. Битен е и мразот, некаде се става дробен, а често и коцки. И, секако, чашата која е различна, мора да соодветствува на коктелот“, вели тој.

Како што веќе кажавме, подготовките се лесни, едноставни. Само треба да се препуштите на моментите, задоволствата и, се разбира, да уживате во нив, со ќеф, во пролетните вечери. Направете ги, еден по еден и пишете ни кој ви „легнал“ повеќе, најмногу. Зошто да не.

NEGRONI

Потребни состојки:

40 мл џин

40 мл кампари

40 мл сладок вермут (Martini Rosso)

Кора од портокал за декорирање

Чаша за виски

Подготовка: Алкохолните пијалаци се сипаат директно во чашата со коцки мраз и се мешаат со лажиче. Нема потреба од шејкер. Се украсува со портокалова кора, но можат да се додадат и калинки за кои се вели дека ги будат сите ароми.

WHISKEY SOUR

Потребни состојки:

40 мл виски (Jameson)

1 лимон (исцеден, а може и лимета место лимон)

20 мл шеќерен сируп

½ белка од јајце

Кора од лимон или портокал и цреша за декорирање

Чаша за виски

Подготовка: Во шејкер се мешаат состојките. Се послужува ладен, со коцки мраз. И украсен со лимонова кора, свиткана на стапче. Може да се декорира и со портокалова кора и со цреша.

GENTLEMAN (Turkish)

Потребни состојки:

40 мл џин

40 мл вотка

40 мл сок од брусница

1 лимета (исцедена, а може и лимон место лимета)

Кора од портокал и брусници за декорирање

Чаша за мартини

Подготовка: Чашата мора да биде изладена. Во неа се сипе мешавината, без мраз. Се украсува со портокалова кора и брусници, а се пие брзо, т.е. не се одолговлекува.

Игор Ландсберг

Фотографии: Limak SkopjeLuxury Hotel во соработка со Машки магазин

Можеби ќе ве интересира

Постарата ќерка на Агнеса е матурантка: Гордата мајка покажа како изгледаше Вивиен (ФОТО)

Постарата ќерка на Агнеса е матурантка: Гордата мајка покажа како изгледаше Вивиен (ФОТО)

Соња ве води во Дубаи: Едно ноќевање во единствениот хотел со 7 звезди во светот чини и по 24.000 долари

Соња ве води во Дубаи: Едно ноќевање во единствениот хотел со 7 звезди во светот чини и по 24.000 долари

СТАНА ТАТКО ПО ПЕТТИ ПАТ - Убавата Сезен му роди ќерка на Сефер Цаноски

СТАНА ТАТКО ПО ПЕТТИ ПАТ - Убавата Сезен му роди ќерка на Сефер Цаноски