14 Мај, 2024
0.0250

Колкава е моќта на убавиот збор?

Објавено во: Колумни 06 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Зошто лошите работи ги помниме почесто и подолго од добрите? Зошто по само една лоша работа прекинуваме релации со одредени луѓе, и сме им интензивно лути, и покрај тоа што предходно направиле дузина позитивни и убави работи за нас? Тенденции, кои ќе се сложите, се присутни кај повеќето луѓе.  А така си правиме уште повеќе лошо на себе! Овозможуваме со нас да доминира негативната енергија, и често ги губиме или пак  се оддалечуваме од луѓе кои се наши вистински пријатели. Зборот ми е, дека треба да ги гледаме работите подлабоко, и на подолг рок. Оваа констатација води кон друга, дека стануваме многу неблагодарни, односно како сите на светот за нас да функционираат. Подолу и еден мој пример,  а за слични сум се изнаслушал. Неодамна еден познаник побара помош да му завршам една работа. Немав дилема, веднаш се фатив со активности. Во моментот кога ја завршив работата, од негова страна не слушнав ниту благодарам, ниту барем една насмевка, гримаса на одобрување. Во моментот се чувствував малку глупаво, оти сепак изгубив доста време. Му беше тешко да каже барем едно благодарам, или  “да те честам едно кафе”. Ме нападна мисла дали вредеше времето кое го потрошив за него. Почитта кон моето време искажана со неколку букви, “фала ти” сепак не ја добив.  Не сум сигурен дали вреди следниот пат да му се помогне! Тој однос, независно дали се дефинира како недостаток на култура, момент на лошо расположение, непрофесионалност или нешто друго, негативно влијае на личните и пред сè на бизнис релациите. Вакви или слични ситуации често ни се случуваат во животот и во работата. А доколку ги разгледаме односите со другите луѓе можеме да заклучиме дека најмногу се трудиме за оние кои знаат да ја ценат и да ја пофалат нашата работа и труд. Некогаш е доволен еден збор, краток меил, за нашата мотивираност да биде на високо ниво. Луѓето сакаат потврда за сработеното! А кога ќе и се заблагодарите на личноста која ви помогнала и пред други луѓе, ќе направите таа да се чувствува добро и благородно. Ќе му ја наполните душата. А таа личност секогаш ќе сака да ви помогне. И доколку тоа го знаеме, зошто и така да не се однесуваме, и да си помогнеме себеси. Потребно е само малку позитивна енергија, поинаков однос за многу работи во нашиот живот да бидат поубави. Или како што рекол познатиот адвертајзинг гуру Пол Арден не е важно колку си добар, туку колку сакаш да бидеш добар. Денес животот е толку брз и немилосрден што едноставно немаме време и можности за поправен испит. Не смееме да дозволиме вистинските луѓе да изчезнат од нашиот живот. Позната е поговорката “убавиот збор железна врата отвора”. Не заборавајте дека зборот “фала” и вашата насмевка можат да бидат вашата карта на патот до успехот. А својата благодарност да ја искажете на свој начин. Не ја потценувајте моќта на заблагодарувањето. Меѓутоа правете го тоа секогаш од срце. Доколку тоа е лажно и неискрено ќе остварите спротивен ефект. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка