Колку заработуваат македонските хотели? Дури 28 отсто од приходите на „Македонијатурист“ се чист профит!
Објавено во: Економија 18 Август, 2016 07:50
Иако хотелиерската компанија работи со помал обем на приходи од лани таа има профитна маргина од 28 отсто, а приходите во првото полугодие се 2,6 милиони евра од кои над 1 милион евра се чист профит, а од тоа профит од дејноста се над 700.000 евра
„Македонијатурист“ најголемата македонска хотелиерска компанија за шест месеци оствари оперативна добивка од 43,6 милиони денари,а приходите од продажба на услуги за тој период изнесуваат 160,5 милиони денари, покажуваат најновите официјалните податоци на скопската компанија која обединува повеќе скопски реномирани хотели, а објавени деновиве на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност.
Споредбата на двата параметри покажува дека профитната маргина на „Македонијатурист“ е речиси 28 отсто! Тоа е извонреден параметар со каков може да се пофали ретко која компанија и веројатно има клучно влијание врз одлуката на менаџерите на пензискиот фонд на НЛБ банката ја одбрале „Македонијатурист“ како компанија во која редовно ги вложуваат средствата за идните македонски пензионери кои имаат стекови во вториот задолжителен и во третиот незадолжителен пензиски столб.
Во периодот јануари – јуни компанијата остварила приходи од продажба на услуги во износ од 160,5 милиони денари. Во периодот јануари-март тие се 64,6 милиони денари, а во периодот април-јуни изнесуваат 96,9 милиони денари. Тоа значи дека пролетта компанијата работи за 50 отсто подобро од првото тромесечје годинава. Тоа отвара простор за оптимизам дека втората половина на годината ќе има и поголеми приходи и ако се одржи таква профитна маргина солидна добивка.
Овде мора да се истакне дека компанијата во првите шест месеци годинава бележи пад на приходите од продажба за 10 отсто што во пари значи 18 милиони денари т.е. 300.000 евра помалку од лани.
Во структурата на профитот најголемо учество има профитот од дејноста т.е. оперативната добивка, но значаен дел се и традиционално високите финансиски приходи што компанијата ги остварува од камати на своите депозити и од дивиденди.
Во истиот период соодносот на нето добивката се движи вака: за првото тромесечје годинава профитот е 18,3, а од тоа 10,6 милиони денари е профитот од дејноста. Другото е од финансиските приходи. Во вториот квартал оперативната добивка е 33 милиони денари, што е три пати повеќе од првиот квартал.
Навистина охрабрувачка вест во моментите кога хотел во центарот на Скопје отвори големиот конкурент на пазарот „Мериот“. За првите шест месеци оперативната добивка на компанијата е 43,6 милиони денари што е 28 отсто од приходите од продажба што ги оствари годинава досега. Овде нема посебно да ги анализираме оперативните трошоци на компанијата зашто нема значајни промени кај нив и тие воглавном се предвидлива рефлексија на приходите од продажба.
Финансиските приходи години наназад се силен адут на „Македонијатурист“ – компанија за која кружат гласини дека чува големи суми пари во домашните банки. На некој начин идниректно тоа го потврдува и нејзината акумулирана добивка која изнесува околу 15 милиони евра, а заедно со резервите се безмалку 30 милиони евра! Сума пари кои се сон и за многу поголеми фирми, ќе се согласите нели?
Е сега, за половина година од камати и дивиденди „Македонијатурист“ има 23,9 милиони денари однос речиси 400.000 евра! Од тоа приходи од камати се 17,45 милиони денари, а приходи од дивиденди се 6,5 милиони денари.
„Македонијатурист“ во свој состав ги има хотелите: „Холидеј Ин“, „Бествестерн“, „Бристол“, „Турист“, „Карпош“, „Белви“, „Јадран“ кој не работи, и „Водно“ како и ресторанот„Пивница“. Компанијата ја водат Доне Таневски претседател на УО, генерален директор и најголем поединечен акционер, Мирјана Таневска и Соња Бибовска – втор по големина акционер.
Можеби ќе ве интересира
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка




