Дали успехот може да се купи со пари?
Објавено во: Колумни 23 Јануари, 2013
Шести ноември 1996 година. Во главниот град на Република Македонија владее спортско лудило. Големиот Реал од Мадрид игра кошаркарски натпревар со МЗТ Скопје. Во салата „Јане Сандански” врие како во кошница. Веројатно никој од присутните не помислува дека ќе биде сведок на еден антологиски натпревар. Реал Мадрид има се: моќ, влијание, големи играчи. Се што може да се купи со пари. МЗТ Скопје на своја страна го има она што не може да се купи со пари: големо срце, бескрајна верба во успехот и фанатична публика која стои позади клубот. Епилогот од натпреварот сите го знаеме. Кошаркарскиот Давид успеа да го совлада кошаркарскиот Голијат.
Некои велат дека она што не може да се купи со пари, може да се купи со многу пари. Други тврдат дека мотивацијата и желбата за успех не се купуваат со никакви пари. Кои фактори влијаат врз мотивацијата? Што е тоа што му овозможува на поединецот (или групата) да се надмине себеси и да постигне резултати коишто за други остануваат само далечен сон?
На горе наведените прашања свои одговори можат да дадат психолозите, социолозите, економистите... Сите ќе излезат со свои аргументи и веројатно сите ќе бидат во право. Она што нас не интересира е како можеме да го надминеме дефетизмот којшто е присутен во нашата средина. Како да избегаме од уверувањето дека за ништо не не бидува, дека другите се предодредени да бидат подобри од нас, дека „наведнатата глава сабја не ја сече”!
Она што најтешко се менува е менталитетот на еден народ. Посебно на народ кој со векови бил под туѓо ропство, кој немал своја држава и со кого постојано некој друг управувал. Тоа довело до креирање на еден поданички менталитет. Луѓето во минатото не ја чувствувале државата како своја, а во значителна мерка била загрозена и нивната приватна сопственост. Сосема природно било да се развие дефетизмот и чувството дека е залудно било што да се направи, зашто некој друг ќе ги собере плодовите на нивниот труд.
Таквиот менталитет остана и по осамостојувањето на Република Македонија. Се чини дека дваесетина години се премалку за промена на она што е вкоренето во свеста на народот. Самодовербата е сеуште на многу ниско ниво. Во таква ситуација навистина е тешко да се влијае и на индивидуалната, а уште помалку на колективната свест. Се поставува прашањето: Како да се мотивираат луѓето да веруваат во своите можности и способности? Дали се пресудни парите или во прашање е нешто друго?
Да бидеме начисто, парите умеат да бидат многу силен мотиватор. Одредени износи со неколку нули на крајот можат да бидат пресудни во поголемото залагање на поединецот. Многу често, парите значат многу повеќе од обична монетарна вредност. Тие упатуваат на статусниот симбол на поединецот.
Но, мечот има две острици. Тоа можат да го потврдат многумина кои се добро платени, но не се чувствуваат целосно реализирани како личности. Кога би можеле, тие би промениле работно место, дури и по цена на пониска плата. Но, високата стапка на невработеност го прави своето, па луѓето не можат да бираат. Најчесто целиот свој работен век остануваат на истото место, оставајќи платата да им биде единствениот мотиватор.
Па сепак, не е се во парите. Многу значаен мотиватор претставува вклученоста на поединецот во одредени активности или донесувањето на одредени одлуки. Тоа кај него создава чувство на висока вредност и истиот доаѓа до сознание дека околината ги цени неговите квалитети. Таквото чувство на исполнетост не може да се купи со пари, тоа се појавува како резултат на исполнети желби, стремежи или идеали. Тоа е оној чекор понатаму кој не може да биде реализиран само врз основа на финансиската награда, тука до израз доаѓаат многу поважни фактори од психолошка природа.
Она што е најбитно, истовремено е најтешко да се постигне. Вистинските луѓе мора да бидат на вистински места. Примери за такво нешто во нашата практика можат да се избројат на прстите на една рака. Најчесто среќаваме примери за погрешни луѓе на вистински места и обратно - вистински луѓе на погрешни места. Во двата случаи крајниот резултат е ист - нема резултат. Бидејќи се наоѓа во неприродна средина, поединецот се труди да постапува „по линија на помал отпор” и да биде што помалку упадлив. Таквиот поединец навистина нема потреба од мотивација за постигнување на одредени резултати, негов највисок дострел е тоа што по нечија заслуга се нашол таму каде што се нашол. Нормално, крајните резултати ќе бидат поразителни и за организацијата каде што вистинските луѓе не се на вистински места и за општеството во целина.
Да се вратиме на почетокот. Како да го надминеме дефетизмот? Како да тргнеме на патот кон успехот?
19-ти јануари 2013 година. Во Скопје повторно гостува некогашен европски шампион. За волја на вистината, кошаркарите на Сплит се само бледа сенка на некогашниот европски гигант - Југопластика. Се останато е повторување на 1996 година. Повторно МЗТ Скопје, клуб со мал буџет, но со големо срце. Епилогот е ист како во деведесеттите. И со малку пари се можело. Желбата за успех, победничкиот дух и вербата во своите можности не се купуваат со пари. Тие елементи или ги имаш во себеси и стануваш победник, или ги немаш, па се вклопуваш во сивилото на просечноста. Трет пат нема!
д-р Гоце Трајковски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.