29 Март, 2024
0.0235

Конзервативни банки може, но не и конзервирани!

Објавено во: Колумни 16 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Нема ништо на светот што е само добро или само лошо. Во секое добро има нешто лошо, а во секое лошо и нешто добро. На ваквата реалност се потсетив во врска со информациите од НБРМ дека македонските банки се отпорни и на екстремни шокови. Тоа го покажале стрес—тестирањата што ги врши банката, по урнек на американските и западно-европските банки. Тоа значи дека стабилноста на банкарскиот систем е солидна и нема опасности од негово деструирање.  Според резултатите, банките, ако и, хипотетички, не успеат да ги наплатат сите проблематични кредити, сепак нема да дојде  до нарушување на нивната позиција. Проблеми нема да предизвика ниту некое поголемо влошување на кредитното портфолио на банките, дури ни во случај кога најголемите должници не би ги враќале ратите, а тие што имаат најмногу пари на сметка  во банките се решат оддеднаш да ги повлечат. И во такви услови, стапката на адекватност на капиталот, нема да падне под осум проценти, што е законски минимум.

Ваквата ситуација е, секако,  добрата страна на нештото т.е. на сегашното банкарско работење. Меѓутоа, делот од „лошото“ е во самото добро. За да биде толку добро, како што се покажува во тестирањето, стапката на адекватност на капиталот во банките во Македонија е двојно поголема од законскиот минимум. Тоа значи дека за зачувување на стабилноста на банките се ангажираат дополнителни средства, поточно, се „замрзнуваат“ средствата за кредитирање на стопанството и населението. А тоа не е без цена. Со намалување на можностите за кредитирање се намалуваат и приходите од камати и провизии од работењето т.е. се намалува профитабилноста на банките, што не е неважно од аспект на интересите на акционерите. Акционерите се заинтересирани за стабилност во работењето на банките, но, истовремено ги интересира и колкав повраток ќе добијат на вложените средства во банката. Тие не вложуваат, за банките постојано да бидат отпорни и на екстремни шокови (ризици) т.е. за да се чуваат средствата за стабилност на банката, да се конзервираат „за не дај боже“.  Акционерите инвестираат за да обезбедат и определена добивка, се разбира, при работење со прифатлив ризик со тие средства. Не бараат високи добивки, но не се подготвени ниту за преземање на високи ризици заради високи добивки (како што се случи со инвестиционите банки во развиените земји). Проблем е, меѓутоа, кога резултатите од работењето на банката не обезбедуваат ниту стапка на враќање каква што е каматната стапка на депозитите. Затоа што тоа веќе значи неуспешно работење со туѓи средства.

Во овој контекст слободно може да се каже дека во споменатата отпорност на шокови се вградени значајни средства чие демобилизирање ја загрозува профитабилната функција на банките. Добро е што се стабилни, но не чини што не се соодветно и прифитабилни т.е. не обезбедуваат ниту стапка на враќање како каматната на депозитите. Остварената тековна добивка во банките во 2011 и во 2012 година учествува само со 3,2% односно 3,7% (респективно)  во капиталот и резервите на банките.  Затоа ништо добро не значи кога ќе се каже дека банките заработуваат милиони евра. Тие се многу или малку само во однос на остварувањето на добивката. Под претпоставка дека добивката претставува само 3% од капиталот и резервите на банката, и во тој обем продолжи да се остварува и во наредниот период, ќе бидат потребни 30 години  за да се повратат вложените средства на акционерите. А тоа, се разбира, не е доволен мотив за инвестирање во банките (а некои од нив, треба и да се докапитализираат, според резултатите од стрес тестот).

Состојбите во банките покажуват дека можностите за промени кон подобро лежат во промените во однесувањето на менаџерите. Тие се тие што треба да ја најдат вистинската мерка  за пласман на што поголем дел од кредитниот потенцијал (главно –акционерски капитал, депозити и кредити) заради остварување на поголема добивка, а притоа, да не ја загрозат стабилноста, ликвидноста и солвентноста во работењето на банката. Тие треба да го унапредат работењето во пласирањето на средствата за да се намали износот на проблематични кредити, кои во досегашното работење се главен фактор во намалувањето на профитабилноста на банките. Познато е дека проблематичните кредити од јули покажуваат дека банките имаат проблем да наплатат 443 милиони евра или вкупно 12,1% од сите издадени кредити. Тоа ја оптоварува добивката и профитот на банките. Додуше, не е се‘ загубено, меѓутоа, веројатно е дека добар дел од тие средства и нема да се наплатат при реализација на хипотеките. Суштествено е да се избегнуваат поголеми ризични пласмани, а профитабилноста да го добие своето вистинско место во работењето на банките. Интересот за остварување на што поголем профит не треба да премине во алчност за задоволување на интересите на акционерите, но не треба ни да се потцени како мотив за инвестирање во банките, па нели на дел од банките им треба и докапитализација. Како ќе се докапитализираат ако не генерираат задоволителни стапки на враќање на вложениот капитал?. Тие се се‘уште најзначајниот механизам за собирање и лоцирање на заштедите во функција на динамизирање на развојот во земјата, со оглед на тоа што берзата за долгорочни хартии од вредност уште не е дорасната да му конкурира на банкарскиот систем. Банките  можат да бидат конзервативни во работењето (да избегнуваат големи ризици), но не смеат да ги конзервираат средствата, за да избегнат било какви ризици, бидејќи, во таков случај, можат да останат и без доволно средства за работење. А тоа не е во интерес ниту на банките, ниту на акционерите, ниту на депонентите.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?