„Корејско сценарио“ за Украина - битки за границата
Објавено во: Колумни 22 Мај, 2023
Кога во втората половина на март кинескиот претседател Шји Џинпинг ја посети Москва и се сретна со својот руски колега Владимир Путин, многумина чекаа како ќе завршат нивните разговори околу кинескиот план за преговори за мир во Украина. Путин го поддржа како добра основа. Од многумина тој план беше наречен „Корејско сценарио“, затоа што и покрај кинеската поддршка на територијалната целосност и сувренитетот на Украина, тој предвидуваше прво, прекин на огнот, трајно примирје, а потоа почеток на преговори. Веднаш беше отфрлен од САД и ЕУ, Украина реагираше неодредено.
Ако се има предвид корејското искуството од прекинот на војната меѓу двата дела на тогашна Кореја, трајното примирје може да трае и десетици години. Во 1945 година, по капитулацијата на Јапонија, заврши 35 годишната јапонска окупација на Кореја. САД и СССР тогаш ја поделија Кореја на 38 паралела на две окупациони зони, како што се направи и со Германија во Европа, која беше поделена на четири окупациони зони. Советскиот Сојуз управуваше со северната, а САД со јужната зона, а тие со растот на напнатоста во студената војна станаа две суверени држави. На север тоталитарна комунистичка Корејска народна демократска Република и на југот авторитарната капиталистичка Република Кореја. И двете држави се декларираа дека се единствени законски влади на целата Кореја и ниту една не ја признаваше границата како постојана. Во јуни 1950 трупите на Северна Кореја ја поминаа границата и тргнаа кон југот. По тригодишни борби и загинати околу три милиони луѓе во 1953 година борбите завршија. Беше потпишан Договор за примирје во Кореја. Создадена е демилитаризирана зона, токму на 38 паралела. Но никогаш не е потпишан Мировен договор, па двете Кореи до ден денес се наоѓаат во состојба на „војна“, поточно замрзнат конфликт.
Во меѓувреме Украина излезе со став дека не и се потребно посредници, бидејќи тие имаат планови кои се косат со планот на претседателот Владимир Зеленски. Тоа наметнува размислување дека таа сака да разговара директно со Москва, иако Зеленски не го признава Путин како соговорник или пак дека Украина мирот ќе го добива со војна, на военото поле. Како што стои во нејзинот план, да ги протера Русите на границите од 1991 година, се разбира со обемна помош на англосксонците и Европа, бидејќи на нејзина територија се брани Европа.
Сето ова е легитимно барање и желба на Украина, но ситуацијата на военото поле не и дава можности за реализација на тие барања и желби. Прво, Русија има окупирано речиси 20 проценти од нејзината територија, четири големи области кои веќе се прогласени за уставни територии на Руската Федерација. Второ, развојот на настаните околу Бахмут(Артјомовск) до преименувањето, за некои Руси е можност да се тргне кон „ослободување“ на целите територии на Донбас, на Запорожката и Херсонската област, а и можност да се оди на Николаев, Одеса и Харков! Се разбира ова ќе биде голем залак за Русија, особено сега по борбите за Бахмут во кои има по десетици илјади загинати на обете страни, а и војниците се истоштени по неколкумесечната битка за Бахмут.
ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА КОНТРАОФАНЗИВА
Од друга страна Украина веќе подолго време подготвува и најавува контраофанзива. Но таа се чини почна да шлајфува. Од Киев доаѓаат спротивставени изјави. Ќе почне за некој ден, ќе ја одложиме за некое време, па таа е во тек, ама не е од огромни размери итн. И самиот Зеленски се јави па рече дека ќе биде одложена за малку. Од Хирошима се јави и американскиот претседател Бајден кој исто така ја најави офанзивата, но не кажа кога ќе почне, за да биде изненадување, а не знае ни какви ќе бидат резултатите од неа. Затоа што војната е „непредвидлива работа“. Украинците лицитираат целите на контраофанзивата. Де, да се заземе Херсонската област, де да се заземе Запорожката област, де да се ослободи Крим и Донбас...Нормално нема да ги кажат јавно главните цели, бидејќи знаат дека сето претходно наброено не ќе можат да го направат, но сепак целите секако им се поставени. Инаку и американскиот претседател Џо Бајден, во Хирошима на самитот на Г-7,зборувајќи за авионите Ф-16, кои ќе и бидат дадени на Украина, рече дека тие не би помогнале во Бахмут, но сега покрај другото модерно оружје што веќе е испорачано, тие авиони ќе значат многу во идните борби. „И со божја помош, ние тоа не знаеме, ако успеат и во крајна линија биде постигнат договор, не за прекин на огнот, туку ќе биде изработен мировен договор, тогаш тие(Украинците) ќе можат да бидат уверени во својата способност да се спротивстават на Русите, доколку тие ја променат својата позиција“.
Во очекување на контраофанзивата се јавија двајца светски експерти за меѓународна политика, кои во меѓувреме ги сменија своите ставови за војната и за епилогот од неа. Се разбира, само магарињата не ги менуваат ставовите. Кај секој здраворазумен човек тие еволуираат. Па така Френсис Фукујама, познатиот американски филозоф, политолог, постар научен соработник на Институтот за меѓународни истражувања, кој лани во октомври најавуваше „„колапс“ на Русија во наредните денови“, веќе го промени својот став. Фукујама лани уште во март зборуваше дека Русија неминовно ќе ја загуби војната. Тој го објаснуаше тоа со носењето решенија од страна на Путин, кои се базираат на податоци далеку од реалноста. Според тогашните искажувања на Фукујама поразот на Русија ќе биде ненадеен и катастрофален, отколку што ќе биде резултат на долготрајна војна. Ќе дојде момент кога не ќе може да се снабдува армијата, но Путин не ќе може ниту да ја повлече.
Истиот тој Фукујама сега зборува поинаку. Според него, во зависност од тоа како ќе започне контраофанзивата на Украина за враќање на нејзината територија од Русија, постои голема неизвесност за сценаријата за тоа како може да заврши војната. Во НАТО алијансата постои општ консензус во поглед на тоа дека мировните преговори и прекинот на огнот во сегашните околности ќе бидат многу лоши за Украина, бидејќи Русија ќе ја задржи контролата врз Донбас, Крим и јужното крајбрежје на земјата. Подлабокиот проблем е што сè додека Владимир Путин останува на власт, секое „решавање“ при такви услови едноставно ќе и даде на Русија простор за здивнување за да се вооружи и повторно да ги опреми своите сили во очекување на подоцнежно продолжување на војната. Ова нема да донесе мир, туку краток одмор, многу корисен за Русија.
ГНЕЗДО ОД ОСИ
Тоа значи дека секое трајно решение мора да вклучува многу посилни безбедносни гаранции за Украина. Само вербалните обврски од страна на западните сили нема да бидат доволни. „Денес ништо друго освен членството во НАТО, со неговите гаранции од член 5, би биле доволни за да се одврати идното руско обновување на сегашната војна“, вели Фукујама. Во моментов ниту Русија, ниту сојузниците во НАТО не се подготвени да ја прифатат Украина како членка.., смета тој. Но, постојат услови под кои таквиот исход може да стане возможен до крајот на 2023 година. Нема ништо од катастрофалниот и брз пораз на Русија. За Фукујама членството во НАТО ќе стане реална можност доколку украинската контраофанзива успее повторно да заземе критичен дел од територијата. Тоа не е Донбас, кој граничи со Русија на исток, туку двата јужни региони - Херсон и Запорожје, кои се граничат со брегот на Црното Море. Овој регион е критичен за преговарачката позиција на Украина од три причини, смета тој.
Прво, на Украина од животна потреба и се пристаништата на Азовско море и плодните земјоделски земјишта и индустриските реони околу пристаништата. Второ, на Донбас, кој е поодамна под контрола на Русија, има и проукраински настроени луѓе, кои се подложени на разни малтретирања, а има многу руска пропаганда И третата причина е стратешка. Доколку Украина ја ослободи останатата територија од Херсон таа ќе го отсече Кримскиот полуостров од пополнување на резервите. Ќе биде отсечена железничката комуникација, Украина ќе ја има контролата врз снабдувањето на полуостровот со вода, со патната комуникација што се заедно значи дека целиот полуостровот ќе биде нејзин заложник. Што може да е и повеќе од полза за Украина, отколку да се обиде да го врати.
Фукујама предлага Донбас да не се чепка, бидејќи ќе биде тешко да се освои. За него обновата на остатокот од Донбас е многу помал стратешки приоритет. Оваа област има долга граница со Русија, па затоа многу тешко е да се освои. Во регионот практично нема никаков проукраински народ; дури и ако може таа да биде воено окупирана, повторното присоединување кон Украина би било како да прегрнуваш гнездо од оси, смета Фукујама.. Па додава:„Можеби би било подобро огромните трошоци за обнова на овој регион да се обесат на вратот на Русија“. Според него, не може да се очекува која било украинска влада официјално да се откаже од суверенитетот над регионот, но сосема веројатно е дека таа може да даде неформални гаранции дека нема да се обиде да си ја врати територијата.
ТРАЈНО ПРИМИРЈЕ
За Украина подобро е врапче во рака, отколку гулаб на гранка. Можно е украинската офанзива да биде крунисана со спектакуларен успех, а ослабените сили на Русија да пропаднат по целиот фронт. Но, поскромно и поверојатно сценарио за Украина, според Фукујама, е да ги врати Херсон и Запорожје до крајот на летото. Ако тоа се случи, тогаш ќе бидат поставени основите за зделка. Заканата од бавно задушување на Крим може конечно да му даде поттик на Путин да ги запре неговите напади врз Украина и да вети дека ќе ги запре терористичките ракетни напади врз украинските градови. Но, одржливоста на таков договор суштински ќе зависи од членството на Украина во НАТО. Доколку има примирје и спокојно разбирање дека Украина повеќе нема активно да бара враќање на нови територии, задачата на НАТО е во согласност со неговата мисија - фундаментално одбранбен сојуз.
Фукујама смета дека е тешко да се замисли формален мировен договор со кој Русија би го прифатила членството на Украина во НАТО, а Украина би го отстапила легитимниот суверенитет над Донбас или Крим. Но, трајно примирје е замисливо. Има и други слични аранжмани во минатото. Северна и Јужна Кореја, веќе ги спомнавме. Тие никогаш не потпишаа мировен договор и технички сè уште се во војна, но оттогаш на Корејскиот Полуостров владее мир. Слично на тоа, Турција и Грција никогаш не се согласија на формален мировен договор за Кипар, но има мир. Затоа тој вели:„ Ова сценарио е единственото што го гледам како далечен веродостоен пат до завршување на војната во наредната година. Сепак, тоа целосно зависи од успехот на долгоочекуваната украинска контраофанзива. Ако линијата на фронтот на крајот на летото се најде блиску до местото каде што е сега, се плашам дека поддршката на Западот за Украина ќе почне побрзо да опаѓа, а веројатноста за трајно примирје ќе се намали“.
Хенри Кисинџер во дводневно интервју за лондонски „Економист“, исто така се допре до темата за Украина, мирот, членството во НАТО и Русија. Познато е дека тој во почетокот на деведесеттите години, по крајот на студената војна сметаше дека и Украина треба да биде членка на НАТО, за потоа да го смени ставот и да зборува за нејзин неутрален статус. Самиот Кисинџер вели дека влегол во чудна позиција, бидејќи луѓето велат:„ Тој се предомисли и сега се залага за полноправно членство на Украина во НАТО“. Кисинџер вели дека има две причини за тој став. „Прво, Русија престана да биде вообичаена закана како што беше порано, така што предизвиците со кои таа се соочува треба исто така да се гледаат во поинаков контекст. Второ, ја вооруживме Украина до заби и таа стана највооружената земја во Европа, но со најмалку стратешки искусно раководство. Ако конфликтот заврши на начинот на кој најверојатно ќе заврши, а Русија изгуби голем дел од освоеното, но го задржи Севастопол, таа ќе биде незадоволна. Но, Украина ќе го доживее истото незадоволство. Со други зборови, тоа ќе биде баланс на незадоволство“. Така, од гледна точка на европската безбедност, подобро е Украина да биде примена во НАТО, каде што нема да може да носи национални одлуки за територијални претензии. Значи, своевидна контрола од страна на Алијансата.
ОСАМЕНА ДРЖАВА
За Кисинџер, откако Западот докажа дека е способен да ја одбрани Украина, лудо е она што сега го зборуваат Европејците, лудо и опасно. Тие велат:„Не сакаме да ги видиме во НАТО, бидејќи тоа е премногу ризично. Подобро да ги вооружите до заби и да им го дадете најмодерното оружје“. Како може ова воопшто да функционира? Не смееме да го завршиме конфликтот на неповолен начин. Можно е враќање на статус кво што постоеше порано [пред 24 февруари 2022 година], но главниот резултат треба да биде натамошната заштита на Украина од Европа за да се спречи таа да стане осамена држава која се грижи само за себе.
На свој план за мирот работи и Зеленски. Мора да се признае дека украинската дипломатија е многу агресивна. Неодамна тој имаше европска турнеја, а пред некој ден беше и во Саудиска Арабија, и во Јапонија на самитот на Г-7. Вчера тој изјави дека ќе организира самит на „Формулата за мир“. Ќе се одржи во средината на јули кога ќе се исполнат 500 дена од војната. Самитот е иницијатива на Украина за разгледување на нејзиниот мировен план, разгледување, а не место за преговори. Нормално, Украинците нема да ја поканат Русија, а тешко дека и таа би сакала да присуствува на таков собир. На Самитот би ги поканиле земјите кои не вовеле санкции против Русија, а кои се за прекин на огнот. Државите кои истапиле со свои планови за мир. Кина, Ватикан, Бразил, Индија. Дел од нив веќе понудија посредништво, но Украина е против посредници. Зеленски вели дека е потребен „праведен мир“ врз основа на украинските барања. Но, гледаме дека и покрај тоа што не сакал посредници, тој ги кани.
Корејско или не корејско, војната во Украина ќе заврши според некое или, попрецизно, нечие сценарио. Тоа секако нема да биде ни руско, ниту украинско. Иако ни Русија нема да се откажи од она што го бараше во декември 2021 година, а беше отфрлено од САД и НАТО. Безбедносни гаранции од проширувањето на Алијансата. Од она што сега се повеќе испливува во јавноста јасни се неколку работи. Дека ќе се чека украинската контраофанзива. Дека и Русија може да оди во офанзива. Дека ќе се исцртуваат нови граници. Дека од тоа, кој, колку и што ќе освои, ќе се стави во основата на идните преговори и сценаријата за некаков договор. Дотогаш нови илјадници жртви од обете страни. Најважниот печат, за одобрување, на сценариото ќе го удрат англосаксонците.
Тие го „поништија“ веќе постигнатиот договор лани во март во Истанбул. Решија да водат војна со Русија со туѓи животи. Европјаните, пак, ги соботира МИнските договри кои даваа определена автономија на дел од Донбас, но во рамките на суверена Украина. На Западот му е од полза „саемот на оружје“ во Украина. Но и другите економски придобивки. Воена индустрија која работи со полна пареа и извоз на енергенси за Европа. Колку и да се грижи Кисинџер за односот на Европа кон Украина, сигурно му е јасно дека таа е најголемиот губитник во оваа војна и дека само со еден потег на САД ќе кренат два прста во полза на членството на Украина во НАТО. Во Вилнус во јуни треба да се одржи самитот на НАТО. Ќе биде интересно да се видат ставовите на членките во поглед на украинското место во Алијансата.
Мирче Адамчевски