КОРОНАТА ОДНЕСЕ ЖРТВИ КОЛКУ ШТО ПЕХЧЕВО ИМА ЖИТЕЛИ: И по пандемијата лекарите ќе имаат полни раце работа
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 03 Март, 2021
Во нашава земја досега коронавирусот однесе 3.151 живот, или скоро колку што брои жители градот Пехчево. Секој ден бројот на починати од компликации на коронавирусот расте.
Но, и по завршување на пандемијата на коронавирусот, лекарите ќе имаат многу работа, затоа што вирусот ќе предизвика последици по здравјето на луѓето, и кај оние што го прележале, но и кај другите. Последици ќе има по физичкото, но и психичкото здравје на граѓаните. Лекарите велат дека овој негативен тренд веќе се чувствува, и затоа имаат полни ординации со пациенти кои бараат помош.
„Сигурно дека луѓето по прележување на ковид ќе имаат последици по здравјето. Настануваат оштетувања на белите дробови, кои не можат да го имаат капацитетот како пред ковидот. Проблеми се јавуваат и кај панкреасот, а можно е да имаат и згрутчување на крвта и намалена циркулација во екстремитетите. Особено здравствени проблеми се јавуваат кај оние тешки случаи кои биле во болница. Веќе има луѓе кои прележале ковид, одат на рентген, ги снимаат белите дробови и кај нив има фиброза. Дополнително, кај народот ќе се јавуваат и психички проблеми, посебно кај младите кои не можеа да излегуваат по кафулиња, да шетаат за време на карантинот, но за тоа повеќе информации имаат психијатрите и психолозите“, вели Фатмир Асани, претседател на Здружението на матични лекари од Куманово.
Психијатрите објаснуваат дека веќе имаат двојно повеќе работа од претходно. Очекуваат дека така ќе продолжи дури и откако ќе се стави крај на пандемијата.
„За 50 отсто е зголемен обемот на работа. Од јуни месец лани имаме наплив на пациенти, при што младите најчесто бараат помош бидејќи се соочуваат со панични напади, депресија, анксиозност“, коментираат од психијатриска ординација.
Британскиот сој на коронавирусот во земјава придонесе да порасне бројот на заболени во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Засега привилегијата да се вакцинираат ја имаат само здравствените работници со вакцините кои ги донираше Србија. Секојдневно во дневните извештаи на Министерството за здравство меѓу починатите од коронавирусот доминираат повозрасните граѓани, но имаше и случаи на млади луѓе на возраст од 18, 21, 27 години кои починаа од вирусот.
Државниот завод за статистика неодамна ги објави бројките за бројот на починати и родени во 2020 година. Сумирајќи ги резултатите од сите четири тромесечја, во текот на минатата година починале вкупно 25.049 граѓани. Тоа е за 25 отсто поголема бројка во однос на една година претходно.
Сања Атанасовскаfoto freepik
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.