28 Март, 2024
0.1890

Корупцијата и апсењето на претседателите на постсоветското пространство

Објавено во: Колумни 09 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Она што вчера и завчера се случуваше во Киргизија или Киргистан потврдува дека  апсењето на претседатели на постсоветското пространство не е заминато во минатото. И се’ уште е актуелно. Главен мотив за таквиот однос е корупцијата на претседателите кои се во заминување или се заминати, но и личните пресметки.

Во средата и вчера во Киргистан специјалните сили имаа два обида за апсење на Алмазбек Атамбаев поранешен претседатл на таа земја. Првиот обид беше неуспешен при што имаше многу повредени специјалци, еден загинат, а неколку запленети од страна на приврзаниците на Атамбаев. Но вториот обид вчера, и покрај многуте повредени специјалци успеа. А, Атамбаев, по преговорите со претставниците на власта се предаде. По што беше уапсен. Приврзаниците на Атамбаев излегоа на протести на улици, но беа разбени од безбедносните сили.

Што стои зад ова апсење?   Атамбаев беше претседател на Киргистан од 2011 до 2017 година, кога на негово место дојде неговиот пулен Сооронбај Жеенбеков. Предавањето на власта помина мирно, но веќе во првата половина на 2018 година дојде до пресметки меѓу политичките елити на стариот и новиот претседател. Некои експерти сметаат дека Атамбаев доведувајќи го на власт Жеенбеков, сметал дека ќе може преку него и понатаму да управува со државата. Но овој се противставувал се повеќе и полека, полека, му вртел грб на човекот чие протеже беше. Кавгата полека добиваше на сила, а Атамбекоб пред извесно време беше дојде во Москва каде што беше примен од претседателот Владимир Путин. Оттаму замина со пораката дека сите треба да се обединат околу актуелниот претседател Жеенбеков.

Обвинувањата кон Атамбаев се дека до гуша е заглавен во корупција. Многумина од неговиот тим се под истрага, а Атамбаев го бараа да сведочи. Но тој не се јавуваше кај истражните органи. А го обвинуваа за корупција при модернизација на термоцентрала во Бишкек, главниот град, на Киргистан, за махинации со земјишта, узурпирање на власта и ослободување од затвор, со лажни медицински документи, на еден озогласен чеченски криминалец. Секако дека не е само криминалот во прашање. Има простор да се зборува и за ривалство меѓу елитата од југот и северот на земјата. Што може погубно да делува врз иднината на земјата, која ја сметаат за најдемократска во централна Азија. Инаку во Киргистан ова не е прво спротивставување на северот и југот. Пред десетина години од власт беше сменет по вооружен пат друг киргистански претседател. Па година и половина претседателствуваше времената претседателка Роза Отумбаева која успеа да ги смири страстите и на редовни избори да му ја предаде власта на Атамбаев.

Она што се случува во Киргистан секако не и се допаѓа многу на Москва. Пукањата во Киргистан се совпаднаа со самитот на премиерите на членките на Евроазискиот меѓувладин совет, кој треба да се одржи денес. Тоа создава непријатна ситуација за домаќините. А секако и за гостите. Рускиот премиер Дмитриј Меведев по пристигнувањето  изјави дека  апсењето на Атамбаев е внатрешна работа на Киргистан, додавајќи дека Русија кон она што се случува не може да се однесува со игнорирање, затоа што Киргистан е голем партнер на Русија...„Според мене, очигледно, Киргистан го исцрпи својот лимит на револуции во 21. Век и ќе биде многу лоѓо ако вакви настани доведат кон политичка и економска нестабилност во земјата“, порача Медведев. Тој секако ќе се сретне со киргискиот претседател и ќе му ги пренесе загриженостите на Москва.

Како ќе се развиваат работите со Атамбаев ќе се види наредниве денови, но малкумина сметаат дека лесно ќе помине. Сега ќе му накалемат и нови дела, велат тие, па прашање е колку, како и дали ќе успее да ги активира (поткупи) правосудните органи да работат во негова полза.

Судбината на Атамбаев сега ја дели и поранешниот ерменскиот претседател Роберт Кочарјан. Тој е уапсен и против него има кривични пријави. Во прв ред за уривање на уставното уредување  во јули 2018 година, но и за жестокото растурање на демонстрациите во 2008 година и за уривање на уставното уредување. Апелациониот суд го ослободи еднаш Кочарјан, затоа што според Уставот тој е неприкосновен, но потоа пак го уапси. Во затвор беше до мај годинава, а Врховнот суд на Ерменија соопшти дека ќе се обрати до ЕСПЧ и до Венецијанската комисија при Советот на Европа. Кочарјан од своја страна не го прифаќа обвинувањето и смета дека се работи за политичка нарачка и освета на сегашната ерменска власт.

Земја лидер на постсоветското пространство која се пресметува со поранешните претседатели е Украина. Таква судбина имаа Виктор Јанукович и неговиот наследник Петар Порошенко. А и против Виктор Јушченко се води некој судски спор, но тој не е толку актуелен. Во Украина во јули имаше избори, а веќе денес против Порошенко има 12 кривични пријави! Меѓу другото за злоупотреба на власта и службената положба, државно предавство, узурпација на власта и незаконско купување на телеканалот „Директен“, фалсификување на документи при формирање депутатски фракции, незаконски назначувања, притисок врз судии, мешање во судски процеси...Порошенко вели дека неговата одговорност е пред украинскиот народ и не се плаши од истрагите.

Пред него во Украина се покренуваа обвинувања и за Виктор Јанукович. Тој ја напушти земјата по настаните во 2014 година. Замина во Русија. Украинското обвинителство бара од Русија негова екстрадиција за сторени кривични дела. Меѓу другото за создавање на криминална организација, а во 2019 година во отсуство е осуден на 13 години затвор за предавство. Тој е прогласен за виновен за државно предавство и соучесништво во водење агресивна војна. Обвинет е и за масовни убиства за време на „револуцијата Мајдан“, за крадење големи финансиски средства. Сето ова беше обединето во едно дело – создавање на организирана криминална група. Нормално  за Јанукович сето ова е политички реванш.

Државното обвинителство во Грузија во 2014 година во отсуство го обвини претседателот Михаил Саакашвили по неколку кривични дела. За трошење милионски суми за лични потреби, злоупотреба на службената должност при растурањето на митингот во ноември 2007 година, тепање на пратеникот Валериј Гелашвили и убиство на соработник на една грузинска банка во 2006 година.  Во Грузија тој е осуден за пречекорување на овластувањата и трошење на државни пари. Саакашвили ја напушти Грузија во стапувањето на должност на новиот претседател Георгиј Маргелашвили во ноември 2013 година и оттогаш не е вратен во татковината. Замина во Украина каде што доби државјанство и стана советник на Порошенко, па беше и губернатор. Но подоцна му беше одземено државјанството и против него беше подигнато обвинение за помагање на учесници во криминални организации и криење на нивната криминална активност. Државјанството на Украина му беше вратено по претседателските избори годинава, а покренатите обвиненија се прекинати. Саакашвили не еднаш тврдеше дека Порошенко му го одзел државјанството затоа што го критикувал за корупција во високите органи на власта. Читај владата и министерствата, како и луѓето блиски на Порошенко.

Еден од ретките кои го одбегна реваншот на наследниците беше претседателот на Русија Борис Елцин.  На 31 декември 1999 година на пладне тој соопшти дека поднесува оставка од претседателската функција. За вршитела на должност тој го назначи претседателот на владата Владимир Путин. Тој веднаш по изјавата на Елцин се обрати со новогодишна порака кон граѓаните на Русија. Во истиот ден Путин потпиша указ-декрет со кој на Елцин му се гарантира заштита од судско гонење, а исто така и значајни материјални повластици за него и за неговото семејство. Потоа указот беше заменет со соодветен федерален закон. На тој начин Елцин се спаси за се’ она што го обвинуваше јавноста, за владеењето на „фамилијата“, за соработката со олигарсите, за криминалната приватизација, за осиромашувањето на народот.

Што ќе биде со сегашниот руски претседател кога ќе замине, ако замине, од власта не може да се претпостави. 2024 година е далеку. Се зависи дали ќе има свој наследник, во смисла протеже или љубимец. Него го протежираа руските олигарси. Кого ќе протежираат тие во 2024 година?

А кај нас ништо ново. Се сменија толку власти, премиери, претседатели. Сите со големи обвинувања од народот, но не и од правосудните органи. Никого мува не го лази. Речиси триесет години. Проклетството на првата коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги дава своите плодови. Од нив се насладува и ДУИ денес. Не дозволија македонската држава да добие здрав темел. А врз таков темел што и да градиш нема да стои долго. Започнатата партизација во 93-94 година, постојано се усовршуваше.  Денес имаме речиси идеален модел на коруптивна држава. Криминално,олигархиска политичка спрега.  Неа не ја раскинуваат никакви ветувања за ЕУ, ниту пак заканите од авторите на експерименталните проекти што се спроведуваат кај нас.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?