Добивај вести на Viber
Еден ден, некаде, некогаш,штом сите бајки ќе завршат,грб ќе ти свртат засекогашсите што без тебе не можат. Веројатно некои од нас ќе се сетат на воведните стихови од песната „Дупла вотка“ на Дарио. Иако песната се појави во деведесеттите години од минатиот век, јас сеуште се сеќавам на неа. Посебно на овие стихови кои можат да најдат примена секаде и секогаш. Смислата на животот во неколку реда...
Следејќи ги деновиве случувањата поврзани со Кипар, повторно се сетив на песната и на нејзините воведни стихови. Деновиве Кипар е оставен буквално сам. Сите оние центри на моќ кои во изминатите две децении „го потчукнуваа Кипар по рамо“ и му оддаваа признание за неговите постигнувања, сега креваат раце. И Европската Унија, и Европската Централна банка, па дури и Советот на Европа преку своето тело за спречување на перење пари - Moneyval.
Приказната за Кипар е специфична по многу нешта. Оваа земја речиси 40 години е поделена на грчки и турски дел. Таму сеуште се присутни мировните сили на Обединетите нации кои се распоредени на т.н. зелена линија во функција на одржување на привидниот мир. Како може една таква земја да успее на политички и економски план?
Само на еден начин ќе успее. Ако стане протекторат на големите сили. De facto, ако не и de jure. Прво Велика Британија, а потоа и Русија, ја искористија поделеноста на островот за остварување на своите политички и економски интереси. Кипар со децении беше сива зона, место каде што „пушењето не е забрането“. Со децении олигарсите од Западот и Истокот ги насочуваа своите милијарди кон кипарските банки, знаејќи дека таму нема од што да се плашат. Кипар беше даночен рај, Ел Дорадо, ветена земја. Поделбата на островот, тензиите меѓу локалното население, општата несигурност претставуваа одлична прилика за „ловците во матно“. Така започна приказната за Кипар...
А, како продолжи? Во 2004 година Кипар стана полноправен член на Европската унија. Во 2008 година оваа земја го прифати еврото како своја платежна единица. Во секоја земја, тоа би претпоставувало исполнување на строгите критериуми на Европската унија и Европската централна банка. Дали беше така и во случајот на Кипар или стануваше збор за политички мотивирана одлука на меѓународните институции?
Во периодот од 1998 година наваму, Советот на Европа преку своето тело Moneyval три пати вршеше евалуација на Кипар во делот на спречување на перење пари. Освен стандардната забелешка дека Кипар е offshore финансиски центар, извештаите на Moneyval не содржеа ништо алармантно. Дали тие извештаи беа реални?
Со години, со децении, Кипар имаше третман на успешна приказна. Помалку или повеќе успешна, со одредени турбуленции, но сепак успешна приказна. Проблемите беа ставани под тепих, а розовите очила беа составен дел од призмата низ која се гледаше Кипар. Се до „кобната“ 2013 година кога почна да се наѕира крајот на приказната.
Што се случува во 2013 година? Соочен со последиците од тешката финансиска криза, Кипар е принуден да бара помош од членките на еврозоната. Помошта од 10 милијарди евра е условена со една исклучително ригидна мерка која ги погодува сите штедачи во кипарските банки. Членките на еврозоната бараат штедачите да платат
данок на штедните влогови и тоа 6,75% на депозити до 100.000 евра и 9,9% на депозити над 100.000 евра. Внимавајте, се бара да се плати данок на депозитот, а не данок на приходот по основ на камата. Ова е случај без преседан во европската банкарска практика.
Што значи тоа низ призмата на бројките? Според Меѓународниот институт за финансии, банкарските депозити на странците во Кипар изнесуваат 20 милијарди евра. Кога на ова ќе се додадат и депозитите во филијалите на кипарските банки надвор од Кипар, ќе стасаме до износ од 37,6 милијарди евра, што го надминува износот на заштеди на Кипарците кој изнесува 32,2 милијарди евра. Ако на овие суми се пресмета данок од 6,75%, односно 9,9%, веднаш станува јасно зошто владее таква паника меѓу штедачите во банките на Кипар.
Како се манифестира таа паника? Веднаш по најавата дека е можно Парламентот да донесе закон со кој се оданочуваат штедните влогови, граѓаните почнаа масовно да ги повлекуваат депозитите. Со оглед на тоа што банките на Кипар цела недела се затворени, на удар се најдоа банкоматите кои во рекордно краток рок беа испразнети.
На кој начин реагираше меѓународната заедница? Истата таа меѓународна заедница која без проблем го прими Кипар во Европската унија и во еврозоната? Како реагираше Русија чии граѓани според некои проценки чуваат над 6 милијарди евра во кипарските банки? И конечно, како реагираше Советот на Европа преку Moneyval во сферата на спречување на перење пари?
Германската разузнавачка служба (БНД) пред извесно време се потруди „да измисли топла вода“, па го обвини Кипар дека е центар за перење пари. Веројатно Кипар одлучил да стане финансиски центар на сомнителните трансакции во изминатите неколку години, зашто претходно ги исполни сите стандарди за влез во Европската унија и во еврозоната.
Руските власти ги обвинија земјите членки на еврозоната (вклучувајќи го и Кипар) дека вршат конфискација на туѓи пари. Ваквата реакција е резултат на депозитите на руските банки во кипарските банки кои изнесуваат 12 милијарди долари, како и на депозитите на руските компании во кипарските банки кои изнесуваат 19 милијарди долари. Ако масовното повлекување на депозитите на штедачите предизвика пропаѓање на кипарските банки, и пошироко, банкрот на Кипар, токму Русите ќе бидат најпогодени. Зошто руските компании и штедачи ги избрале токму кипарските банки за место каде што ќе ги депонират своите пари?
И конечно, реакцијата на Moneyval. Деновиве ова тело на Советот на Европа кое е специјализирано за спречување на перење пари врши вонредна контрола на кипарските банки. Централна банка на Кипар ангажирала приватна фирма која ќе ја врши контролата на банките заедно со Moneyval. Зошто вонредна контрола од страна на Moneyval? Нели во изминатите 15 години Moneyval вршеше редовни евалуации на Кипар и на кипарските банки? Зошто Централната банка ангажира приватна фирма? Нели има доверба во своите контролори? Ќе биде интересно да се погледне извештајот на Moneyval кој е најавен за крајот на март.
Што имаат обичните луѓе на Кипар од сето тоа? Оние кои макотрпно работеле и кои своите пари ги заработиле на чесен начин. Како меѓународната заедница која со години ја форсираше успешната приказна за Кипар, сега ќе им објасни дека дошол крајот на приказната. Дека перспективата на обичниот граѓанин е крајно неизвесна, дека секоја надворешна помош мора скапо да се плати, дека поделениот остров покрај политичките, ќе мора да се соочи со сериозните економски проблеми на кои не им се гледа крајот.
Како што пееше Дарио, кога ќе дојде крајот на приказната (или бајката), многумина го вртат грбот. На Кипар во моментов му вртат грб и Британците и Русите и меѓународните финансиски институции. И тука завршува приказната...
Или можеби не завршува тука. Сега треба да го поставиме прашањето - која земја ќе биде следниот Кипар?
д-р Гоце Трајковски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.