КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ ПОРАНЕШНА ДИРЕКТОРКА И ЕКС РАКОВОДИТЕЛИ - се товарат дека „Комуналец“ Гевгелија го оштетиле за 100 илјади евра
Објавено во: Македонија 29 Ноември, 2021
Одделението за внатрешни работи Гевгелија до Основно јавно обвинителство Гевгелија поднело кривична пријава против три поранешни раководни лица во „Комуналец“ Гевгелија, односно една поранешна директорка и двајца поранешни раководители.
Тие се товарат дека ова јавно претпријатие го оштетиле за близу 100 илјади евра.
Станува збор за У.В. (61), П.Б. (48) и М.П. (53) сите од Гевгелија, поради постоење на сомнение дека во периодот од 2014 до 2017 година, како вработени во Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено и казниво според член 353 став 3 в.в. со став 1, а во врска со член 22 од Кривичниот законик, соопшти МВР.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, „У.В., која во наведениот период била директор на Јавното претпријатие, пропуштајќи да бидат наплатени долгови за извршени услуги од Јавното претпријатие, направени од страна на физички и правни лица од општина Гевгелија, с.Стојаково и с.Селемлија, сторила повреда на повеќе одредби од законски и подзаконски акти и договори“.
Понатаму, наведуваат под Полицијата, „П.Б., кој во споменатиот период бил раководител на Сектор за комерција и односи со корисници при Јавното претпријатие, не изготвувал месечни извештаи за тоа кои корисници на услуги да бидат предупредени или тужени и не ги предавал на првоосомничената како директор, заради носење на конечна одлука. Во периодот до 16.05.2016 година П.Б. не водел сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред тие да застарат, поради што било пропуштено да биде наплатен долгот од корисниците на услугите“.
„М.П. во својство на службено лице, раководител на сектор за општи и правни работи и човечки ресурси, во периодот од 17.05.2016 година до 31.12.2017 година не водела сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред да застарат, а дополнително, во содејство со П.К., ја злоупотребиле својата службена должност, така што по претходно дадена согласност од првоосомничената, селективно одлучувале кои физички и правни лица да бидат опоменати и тужени, при што пропуштиле да спроведат постапка за присилна наплата на долг од корисници“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека „со овие дејства осомничените, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овлстување, причиниле вкупна материјална штета во висина од 6.114.969 денари на штета на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ Гевгелија, како и друга дополнителна материјална штета на претпријатието“.