Добивај вести на Viber
Светска банка и другите меѓународни финансиски институции кои ги анализираа состојбите во државава робуваа на податоците кои им ги сервираа владините институции и задоцнија, ненамерно или смислено, со вистинските оценки за финансиската состојба и тоа не само во ПИОМ, вели Слободан Најдовски во колумна за Фактор.
Негативните ефекти од севкупната економска и фискална политика во изминатите десет години се назираа многу порано и секој што сакаше реално да гледа на состојбите знаеше дека ќе се дојде до оваа ситуација во ПИОМ. Но за жал лошото ни претстои ако не се освестиме. Од 2006 година наваму растат трошоците на ПИОМ, а опаѓаат приходите на фондот по основ на придонеси и други основи а со тоа расте и потребата од дотации од буџетот. И на најслабите економисти повеќе од јасно му беше дека таквата состојба е неодржива. Дел од луѓето кои ги водеа министерствата за финансии и за труд и социјална политика ниту теоретски ниту практично знаеа кон што води ваквата политика во фондот, а тие што знаеа по наредба спроведуваа политика со која лично не се согласуваа. Јасно беше дека одржливоста на ПИОМ од ден на ден се загрозува, но не се реагираше како што и сега кога македонската јавност дебатира за извештајот никој од надлежните, пред се директорот и Управниот одбор на ПИОМ, не реагира на укажувањата на Светска банка.
Владата го гледа пензискиот фонд единствено како средство со кое треба да дојдат до одредена квота на гласови. Затоа уште во 2007 година го измени законот за пензиско и инвалидско осигурување според кој владата си зеде за право да одредува кога ќе има усогласување на пензиите прикажувајќи се како добродетел. Вообичаено пред избори владата усогласувањето го прикажува како пораст на пензиите а не како порано и што во стварност е тоа да биде усогласување на секои шест месеци, која законска одредба владата извесен период ја стави во ,,мирување“.
Кризата во ПИОМ ја влече и македонската економија надолу. Имено недостатокот од финансиски средства во ПИОМ ќе се надополнува од буџетот а имајќи во вид дека буџетот е во недостаток на приходи ќе расте дефицитот а со тоа и задолжувањето на државата. Таквата состојба ќе доведува до лоша структура на буџетот на штета на капиталните вложувања и други мерки за поттикнување на развојот на економијата. Но и задолжувањето за надополнување на фондот неможе да оди до бескрај. Балонот кој се дува без контрола ќе пукне. Пензионерите ни криви ни должни стануваат товар околу вратот на македонското општество и ќе ја плаќаат цената на политиката на оваа влада.
Сега иако е доцна треба да се преземат чекори во правец на консолидирање на ПИОМ. Треба да се одреди границата до која може да се рефундира во ПИОМ од државниот буџет. Да се запре со ослободувањата од плаќање на придонеси на одредени категории вработени а не во предизборниот занос уште повеќе да се најавуваат ослободувања. Да нема предвремени пензионирања на одредени категории граѓани пред се од државните претпријатија и администрацијата за да се обезбедат места за партиските членови како што се правеше досега. Ако продолжат предизборните ветувања под наводни програми да се ослободуваат од плаќање на давачки одредени категории полека ќе станеме земја во која никој нема да плаќа придонеси за пензиско осигурување.
Треба да се изгради долгорочна стратегија за одржливост на ПИОМ која ќе биде обврзувачка за било која влада а која стратегија ќе се заснива на пресметки базирани на реалните состојби и можности на македонската економија. Сега постои расчекор помеѓу предвидувањата за раст на економијата и потребните средства за исплата на пензиите на подолгорочен период. Таа стратегија треба да ги опфати политиките и мерките кои се неопходни за подолг период како би се спречила целосна ерозија на пензискиот фонд. Тоа е потребно за да се спречат крајно непопуларните мерки за консолидирање на ПИОМ кои никој не ги сака а тоа се: Зголемување на старосната граница за одење во пензија,која преќутно е веќе отидена на 67 односно 65 години; Зголемување на придонесите за пензиско осигурување; И, во најлош случај намалување на пензиите. Колку порано започне соочувањето со реалната состојба во ПИОм толку резовите и болките од реформата ќе бидат помали.
Има уште едно прашање кое кај нас никој не сака да го отвори а тоа е состојбата со приватните пензиски друштва или таканаречениот втор пензиски столб. Сега тие прикажуваат успешно финансиско работење, но долгорочно гледано ако се има предвид дека се повеќе парите на корисниците ги вложуваат во државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар, треба да се биде претпазлив. Имено имајќи ја во предвид изложеноста на приватните фондови кон државата се повеќе ќе претставува проблем повратот на парите на приватните фондови вложени во домашните хартии од вредност. Затоа треба да се преиспита ограничувањето во вложување во хартии од вредност на меѓународниот пазар и треба да се одредат лимити кои ќе ги ограничуваат вложувањата во домашните обврзници и записи.