23 Април, 2024
0.0287

Куртхан Апајдин, главен извршен директор на „Лимак Скопје“: „Diamond of Skopje“ дава нова димензија на урбаното живеење

Објавено во: Економија 09 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Куртхан Апајдин, прв човек на „Лимак Скопје“, веќе неколку години живее во главниот град. Тој е градежен инженер со огромно и разновидно искуство, стекнато преку работењето на различни градежни проекти чија реализација се одвивала во повеќе земји во светот. Во моментот е посветен на изградбата на „Diamondof Skopje“, кој е новата атрактивна локација за домување и ќе биде најпосетената дестинација за шопинг и дружење во главниот град. Во тек е продажбата на становите од третата кула од комплексот „Diamond of Skopje“ и сега започнува и продажбата на станови и деловни простории во четвртата, последна кула.

Изградбата на мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“ влегува во својата завршна фаза. Кажете ни кога очекувате целосно да заврши изградбата на сите содржини во „Diamond of Skopje“?

Со огромно задоволство можам да кажам дека влегуваме во завршната фаза од изградбата на комплексот „Diamond of Skopje“ и многу скоро сите негови содржини ќе бидат ставени во функција, што за мене и за целиот тим тука во Скопје, но и во Турција, е од големо значење. Ова е еден уникатен проект по својот обем, но и по градежната техника и експертиза што се применуваат во неговата изградба. „Diamond of Skopje“ во голема мерка ќе ја дефинира иднината на урбаното живеење, почнувајќи од домувањето, до деловното работење, од шопинг до дружење, ќе стане модерно обележје на Скопје и новата атрактивна дестинација за сите жители и посетители на Скопје. Комплексот е спој од уникатни концептуални решенија што ќе дадат нов белег на урбаниот начин на живот. За ова што го кажувам потврда е и „Limak Skopje Luxury Hotel“, луксузен хотел со пет ѕвезди, кој е првиот од посебните елементи од „Diamond of Skopje“ што веќе работи. Овој хотел со својата уникатност и стил на работа, со спа центарот „Chiva“, удобните сали за состаноци и настани, како и елегантниот ресторан, за многу кратко време стана прв избор за организација на многу деловни настани и случувања во Скопје, како и за хотелски услуги.

Покрај хотелот завршивме и со изградбата на двете кули од станбениот дел на комплексот, а веќе започната е изградбата на третата и четвртата кула, од вкупно четири. Во моментот започнува продажбата на становите во четвртата кула, а според досегашното искуство очекуваме и овој пат голем интерес за становите.  Комплексот располага со 772 станови со различна површина, почнувајќи од 42, па сѐ до 105 квадратни метри. Во изградбата на становите се употребуваат врвни одржливи градежни материјали со одличен квалитет. Притоа, водиме сметка за енергетската ефикасност и еколошките аспекти на целиот објект. Дополнителна заштеда на енергија во становите се обезбедува со висока топлинска и УВ изолација поради употребата на високо квалитетни алуминиумски рамки и двослојно калено и ламинирано стакло за вратите и прозорците. Во изработката на надворешната фасада се користи камена волна, фибер-цементни плочии целосна стаклена фасада само во аглите на фасадата, со што се овозможува врвна топлинска изолација и висока енергетска ефикасност. Идните станари ќе имаат и голема приватност која ја обезбедуваме преку квалитетна звучна изолација. Становите се опремени со модерни кујни, вклучувајќи и вградени апарати за домаќинството како плотна и фурна за готвење и аспиратор и ентериер во бањата, при што се користени елементи кои заштедуваат вода и електрична енергија.

Во првиот квартал од следната година, ќе заврши изградбата на трговскиот центар со вкупна површина за изнајмување од 48.000 квадратни метри. Се финализираат и договорите со познати брендови кои ќе бидат застапени во „Diamond Mall“. Ќе понудиме многу изненадувања и можности, со што овој трговски центар ќе биде еден од најпрестижните во градот, но и во регионот. Вистински новитет и освежување ќе биде Гурманската авенија или делот за уживање во храна и пијалаци, која со својот уникатен архитектонски изглед ќе биде омилено место за дружење, како и зоната за забава, која ќе се простира на 7.000 м² и ќе понуди разновидни содржини за сите возрасти. И овој објект го градиме согласно највисоките стандарди за енергетска ефикасност и заштита на животната средина, па освен веќе споменатите аспекти за изработка на фасадата, трговскиот центар ќе има стаклен покрив за максимално искористување на дневната светлина и врвна топлинска и УВ изолација, користиме исклучиво ЛЕД осветлување и најнапредна технологија за системот за греење, ладење и вентилација,  со што обезбедуваме значителна заштеда на енергија.

Во рамките на „Diamond of Skopje“ е и подземната сообраќајница, која треба да го премости сообраќајниот метеж во овој дел на Скопје и да овозможи брз пристап до содржините на комплексот кој што го градите. За какво градежно решение се работи и кога скопјани ќе можат да го користат?

Како што веќе кажав, од перспектива на инженер, највпечатливиот дел од проектот се наоѓа под земја, а така велам поради инженерските техники што се применети. Тие претставуваат новитет не само во земјава, туку и во целиот регион. Затоа, морам да признаам дека ова е еден од највозбудливите проекти на кои сум работел. Подземната сообраќајница која е дел од комплексот е во завршна фаза. Се работи за улица во должина од 800 метри која поминува под објектите кои го сочинуваат „Diamond of Skopje“, на длабочина од 13 метри. Подземната сообраќајница е широка 37 метри, а обезбедува движење по две сообраќајни ленти во две насоки. Покрај тоа, оваа сообраќајница има можност за натамошен развој на јавниот превоз во градот, бидејќи вклучува и простор за две трамвајски ленти. Сообраќајницата е сложен градежен проект, за која се изградени можеби едни од најдолгите потпорни ѕидови во земјава, а темелната плоча е со дебелина од два метри, со длабоки темелни столбови. Веднаш штом се направат надворешните приклучоци, со што ќе се поврзе подземната сообраќајница со околната патна инфраструктура, таа ќе може да се користи.

Би сакал да потенцирам еден друг аспект. Имено, токму подземната сообраќајницата е потврда не само за уникатноста на нашиот проект, туку и за неговото значење за градот. „Diamond of Skopje“ ќе биде нова додадена вредност на градот. Веќе кажав дека „Diamond of Skopje“ е еден од најимпресивните проекти на кои сум работел. Јас и нашиот посветен и силен тим со нетрпение го очекуваме денот кога целиот проект ќе биде функционален, со кулите, трговскиот центар, подземната сообраќајница. А тоа ќе биде многу скоро.

Изградбата на станови во Скопје ја доживува својата експанзија, се гради многу, а истовремено цената на квадратот расте. Како го оценувате овој тренд?

Домот е најзначајното нешто за секој човек. Добро е што се прошируваат градежните активности во главниот град. Тоа е добра вест за здрава економија, бидејќи токму градежната индустрија покренува низа други економски сегменти и влијае на развојот. Според моето искуство стекнато во текот на работењето во повеќе земји, градежните зафати се позитивна активност, но многу е важно како се гради. Квалитетот и концептот на градбата се нешто за што секогаш треба да се дискутира и да се бара решенија за подобрување, за да се обезбедат повеќе зелени површини, да се проектираат и изградат објекти со одржливи материјали и со еколошки технологии.

Моментално градежната индустрија, како и целата економија е под притисок на глобалните случувања. По пандемијата се соочивме со енергетска криза предизвикана од војната во Украина. Тоа влијаеше на раст на цените не само на енергијата туку и на сите производи и на градежните материјали. Дополнително на тоа, отежнат е и синџирот на набавки на материјалите, што предизвикува неизвесност на пазарот. Сето тоа влијае на растот на цената на квадратот. Не помалку важен фактор е и стравот кај граѓаните и обидот во услови на неизвесност да се инвестира, а недвижностите во овој случај се прв избор. Во едни вакви околности, растот на цената на квадратот има свои логични корени.

Од друга страна, се јавуваат нови трендови на пазарот. Купувачите не се задоволни само со добра локација, тие сакаат квалитетни домови, што, се разбира, чини повеќе, но нуди заокружен концепт на модерно живеење. Овој тренд е многу актуелен и побарувачката на станови кои се дел од поголем концепт и нудат многу содржини е се поголем. Така на пример интересот на купувачите на станови во нашиот комплекс дополнително го привлекоа содржините на Д – плус концептот, кој го сочинуваат соодветно опремени простории за видео игри, за караоке, за забави и музика, приватно кино, како и простории за пилатес. Овие содржини се наменети за сопствениците на станови во нашиот комплекс. Купувачите се заинтересирани за палета на можности во близина на својот дом со што ќе ги задоволат сите свои потреби. Исто така, иако е сместен во строгиот центар во градот „Diamond of Skopje“ ќе има и голема зелена површина. Комплексот ќе има втора по големина зелена површина во градот, од околу 11.000 квадратни метри, која ќе овозможи простор за одмор, спорт и рекреација и безбедно детско игралиште во непосредна близина на домот.

Можеме ли да очекуваме стабилизација на цените на квадратот или предвидувате нов раст?

Тешко е да се каже, а истовремено е неблагодарно да се претпоставува. Нема дилема дека во иднина стандардите за домување ќе бидат сѐ повисоки, ќе расте побарувачката за квалитетни станови од аспект на структурен интегритет, архитектонска и електрична и механичка изведба, со повисоки карактеристики за топлинска и звучна изолација и ќе се развива нов сегмент на урбано живеење кој ќе биде сѐ повеќе посакуван и ценет од купувачите.

„Diamond of Skopje“ е голем инвестициски, но и градежен проект. Соработувате ли со домашните градежни компании и какво ќе биде неговото значење за македонската економија?

„Diamond of Skopje“ е голем и значаен проект од повеќе аспекти. Пред сѐ се работи за важен инвестициски проект, кои ќе придонесе за економски раст, што во услови на криза е од огромно значење. Вкупната инвестиција во изградба и развој на „Diamond of Skopje“ изнесува над 250 милиони евра. Покрај директните вложувања, проектот е важен и затоа што креираше повеќе од 1.200 нови работни места. Со финализација на целиот проект дополнително ќе бидат ангажирани 1.000 лица на повеќе различни позиции. Освен со директни вработувања, „Diamond of Skopje“ веќе придонесува и за креирање на индиректни нови работни места преку зголемување на соработката со македонските компании. Не помалку важен аспект на проектот е и трансферот на специфични знаења и искуства во градежништвото. „Лимак Скопје“ е дел од Групацијата „Лимак“, која има огромно искуство во областа на градежништвото, инфраструктурата, производството на цемент, производството на храна, хотелиерството и енергетиката. Групацијата има 60.000 вработени, а во моментот се реализираат проекти во 11 земји на три континенти. Досега „Лимак“ има реализирано над 100 проекти на глобалниот пазар чија вредност е проценета на 10 милијарди долари. Компанијата  е рангирана на листата на „Engineering News Records“ на најдобри градежни компании во светот, заземајќи го 50-то место од вкупно 250 глобални градежни компании. Сето ова искуство и знаење е имплементирано во нашиот проект во Скопје, а „Diamond of Skopje“ се вбројува во глобалните уникатни проекти на Групацијата „Лимак“.  

Можеби ќе ве интересира

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

ДВЕ ДАМИ ДА ВЛЕЗАТ ВО ОДБОРОТ НА ДИРЕКТОРИ НА „ЕВРОПА“ - предлог на акционер од фабриката за чоколади

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ПЛАТИ 93 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 55 АКЦИИ - „Реплек“ станува сѐ поинтересен за инвеститорите

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

КОЈ ЗАРАБОТИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ИЗВОЗ НА ЈАГНЕШКО ЗА КАТОЛИЧКИ ВЕЛИГДЕН? Целиот извоз бил пласиран во Хрватска

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

ЧИСТЕЊЕ, ГОТВЕЊЕ, ПЕГЛАЊЕ: Жените кои се презафатени или имаат стари родители бараат куќни помошнички

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

СО „ПОЗАЈМИЦИ“ СЕ ГАСАТ ШТРАЈКОВИ И ПРОТЕСТИ ВО ДРЖАВАТА: Заеми се земаат од подоховни акционерски друштва

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик

ВО РЕГИОНОТ: Сакаат да ја вратат платата во плик

ЦЕНАТА УРИВА РЕКОРДИ: Тон какао чини 11.000 долари

ЦЕНАТА УРИВА РЕКОРДИ: Тон какао чини 11.000 долари

ЕВЕ КОЈ ТРЕБА ДА ЧЕКА ЗА УТРЕ ДА „НАТОЧИ“ ГОРИВО, А КОЈ ДА ПОБРЗА - возачи, РКЕ ги објави цените

ЕВЕ КОЈ ТРЕБА ДА ЧЕКА ЗА УТРЕ ДА „НАТОЧИ“ ГОРИВО, А КОЈ ДА ПОБРЗА - возачи, РКЕ ги објави цените