Добивај вести на Viber
Банката ги зголемила нето приходите од камати за 2 милиони евра односно за 15 отсто во споредба со лани, а нето приходите од провизии пораснале за 16 отсто. Нето добивката пораснала за 128 милиони денари во споредба со 2014 година
„Охридска банка“ лани остварила нето добивка во износ од 399 милиони денари што е за 72 отсто повеќе од добивката што банката ја остварила за 2014 година. Лани со солиден раст биле и депозитите на коминтетни, а банката го зголемила и својот удел на пазарот на кредити 2,8 милијарди денари, покажуваат официјалните неревидирани финансиски извештаи што ги објави таа банка на Македонската берза.
Билансот на успех за 2015 година покажува солидни резултати и високи растови на двете најважни приходни ставки: нето приходи од камати и нето приходи од провизии и надоместоци. Кај најважната приходна ставка нето приходи од камати резултатот е 991 милион денари на крајот на 2015 година што е за 128 милиони денари односно 2 милиони евра повеќе од лани! Веројатно дека банката одлично менаџирала во процесот на намалување на каматите на депозити и намалување на каматите на кредити. Кај втората приходна ставка : нето камати од провизии резултатот е солиден и растот изнесува 36 милиони денари (околу 600.000 евра повеќе од лани). Нето резултатот за годинава е 262 милиони денари. Солиден раст на приходите банката има и кај останатите приходи од дејноста и тие се на ниво од 96,1 милиони денари и се пет пати поголеми од истите на крајот на 2014 година.
Заработката по акција за 2015 година е 911 денари што е огромен раст во споредба со 2014 година кога таа била 530 денари. Само за потсетување досега оваа банка не поделила дивиденда на нејзините акции.
Во билансот на состојба видливо е дека вкупната актива на банката на крајот на 2015 година е 32,92 милијарди денари и е поголема за 1,15 милијарди денари во споредба со 2014 година. Важно е да се истакне дека вкупните обврски во овој период пораснале безмалку двојно повеќе од вкупната активна. Вкупните обврски лани биле 14,1 милијарди денари и пораснале за 2,2 милијарди денари во однос на 2014 година. Воедно мора да се напомене дека во билансот на состојба потенцијалните обврски на банката се 14,1 милијарди денари и се за 2,2 милијарди денари повисоки од нивото на крајот на 2014 година.
Растат депозитите, растат и кредитите
Нивото на депозити на коминтенти на крајот на 2015 година е 23,57 милијарди денари и бележи раст за 500 милиони денари во споредба со 2014 година. Наспроти тоа нивото на кредити до крајот на 2015 година е 21,35 милијарди денари што е за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на претходната година. Ова укажува на поагресивна кредитна кампања на банката за освојување на поголем пазарен удел. Паралелно со тоа нивото на резервации до крај на ланската година достигнало ниво 274,1 милиони денари што е речиси еден милион евра повеќе од 2014 година. За истакнување е и тоа што банката лани речиси и да нема загуби заради оштетувања на нефинансиски средства. Тие изнесуваат само 400.000 денари, аво 2014 година биле 9,8 милиони денари.
„Охридска банка“ е доминантно поседувана од француската банкарска група „Сосиете Женерал“ која контролира 70 отсто од акциите. Уште 12 странски фирми контролираат 4 отсто од правата на глас, а домашното учество во банката го сочинуваат 458 физички лица со 8,5 отсто и 111 фирми со 16,5 отсто од правата на глас.