17 Април, 2024
0.0234

Легендата за Големиот Инквизитор

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Додека ги гледам чедата на пастирот како запењавено се грабаат за сувите сендвичи и потоа маваат со јајца, а по некое пикаат и по џебовите, по којзнае кој пат Карамазовштината на Достоевски ми се појавува на јаве. Бидејќи Достоевски и неговите Карамазови не ми се при рака, ќе се обидам да ја парафразирама „Легендата за Големиот Инквизитор“. Во таа легенда, Големиот Инквизитор го набедува Исус да ги претвара камењата во леб, да ги излекува болните, да прави разни други чуда и така да ги освои луѓето. Но, Исус ги отфрла таквите наговарања и решава меѓу народот да се појави само со ветување на слобода. Имено, Исус пред се одбива да ги претвара камењата во леб. Тој му одговара на Инквизиторот дека човекот не живее само од леб, одбивајќи да го пороби народот, било со чуда, било со својата физичка надмоќ. Но, за жал, како и во Легендата и кај нас денес  работите остануваат исти. Како и оној народ што го дефинирал Инквизиторот во Легендата, и овој нашиот кој лута обидувајќи се да ја разбере својата несреќа, еднакво веруваат дека она што може уште да го изгубат е повеќе од она што им припаѓа. Додека се туркаат околу комбето за да допрат до своето следување, тие цврсто се исповедаат дека малку повеќе леб би им донело малку повеќе слобода, а не обратното. При ова драги читатели не мислам само на оние кои деновиве се актуелни пред општина Центар, туку и на многумина од вас кои можеби сега ме читате, а повремено или редовно се појавувате во слични епизоди како оваа последната, бидејќи знам дека мнозинството кај нас, сеуште не е свесно колку на Македонија и е потребна слобода, а не леб, посебно не оној направен со чуда. Нема веќе потреба сега меѓусебно да се додворуваме кога очигледно отвараме една голема тема, врзана со еден од последните хистерични крикови на оваа власт. „Афирмирајќи идеологија на национализам, втемелена врз колективен иденитет, наместо нагласен индивидуализам и плурализам, кои воспоставија интилектуален крвоток и ја преобразија Европа, црквата и државата (кај нас ВМРО – ДПМНЕ, Груевски и МПЦ)  се организираат против поединецот и неговите слободи, правејќи од него плашлив, послушен и неук бедник, кој цврсто се држи за словото на догмата и се храни со опасни, замрсени, ултраконзервативни, десничарски и ретроградни митови и идеи“ (КЗСД, 2010). Во последниве седум години, ние сме сведоци на безобзирен обид на Груевски за инструментализација на црквата (слично како и многу други институции и општествени групи) за да би се извршила национална мобилизација на граѓаните за сметка на свое одржување и проширување на власта. Онаму каде тоа не оди мазно, оваа власт користи метод на стап и морков. Така и во овој поход, мавтајќи со лустрацијата за некои високи и ниски свештеници како и со постојаната закана за фискализација на активностите на МПЦ, таа се претвори во маша на актуелната власт. Некои од владиците – јастреби ова го разбраа како шанса да излезат од вечната сенка на владиците кои го устоличуваа местото на МПЦ помеѓу верниците во последните години од социјализмот и почетокот на самостојноста. Скриени под црните мантии тие се инфилтрираат во политичкото милје на државата и од своја страна имаат амбиции дека тие можат да ја инструментализираат државата со цел да го прошират своето влијание во општеството. Може да зборува кој што сака, но денес имаме еден спој, обид за двострана инструментализација која сега им личи корисна и на двете страни, но во суштина е само ерозија на слободата на граѓаните од двата правци. Независно од тоа дали Жерновски решил да ја проблематизира веќе изградената црква или ова е само демонстрација на сила на Груевски и владиците – јастреби, останува горкото чувство зошто МПЦ и власта како и многу донатори (и тука игра стапот и морковот), не одговорат дали воопшто се потребни толку нови храмови, барем во градските средини каде веќе главно и ги има? Познато е дека верниците ги обавуваат своте верски обреди, не на основа на моменталното пребивалиште, туку на основа на своите предци. Значи крштевањата, венчавањата и останатите обреди, верниците најчесто го вршат во храмовите каде тоа го правеле нивните предци. Така, сега со намера се врши нова традиционализација на новите верници, што во крајна линија е изразито антитрадиционално. Тоа непочитување на семејните норми  доведува до распад на семејните вредности и традиции во кои секој има свој „базен“, семеен храм, посебно затоа што се тоа единствени обреди во животот на еден ревносен верник кои тој би требало да ги почитува. Брзо ќе се покаже дека ќе се случи бумеранг-ефект, односно новите цркви ќе останат празни претварајќи се во еден симбол на застарен, ретрограден став према граѓаните. На крајот се поставува прашањето, дали опозицијата која има одговорност да се бори за слободата на граѓаните, треба да премолчи и да им се додворува на Груевски и МПЦ за да ги освои гласовите на верниците? Страшно погершни се тие ставови на некои поединци кои велат дека во сите сфери на погубниот национал-популизам на Груевски, опозицијата треба да се вклопи. Тоа не е така, бидејќи таквите признаваат дека не му веруваат на својот народ. Јас сум сигурен дека и на Груевски на избори, и на некои великодостојници во МПЦ на друг начин, ќе им пресуди народот, бидејќи народот верува во Бог и Божјиот син, а не во некој поп или владика. Кире Наумов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?